Кери Барнел: Мистеријата зошто сум родена со една рака не е единствената за решавање

19.05.2023 03:04
Кери Барнел: Мистеријата зошто сум родена со една рака не единствената која мора да ја решам

 

Кери Барнел е британска глумица, авторка и ТВ водителка. Напиша бајка за самовила со едно крило, која потоа ја изведуваше на театарска сцена. Зад себе има низа претстави и ударни телевизиски емисии. Во 2009 година почна да води детски емисии на Би Би Си, што предизвика бурни реакции кај родителите: се жалеа дека еднораката водителка ги плаши децата. Со поддршка на организациите за права на лицата со инвалидитет продолжи да води детски емисии следните осум години. Кери воедно е меѓу најпродаваните авторки на книги за деца.

Причината зошто сум родена со една рака е мистерија, но таа не е единствената која морам да ја решам. Кога бев помлада не мислев дека имам инвалидитет, ниту дека нешто не е во ред со мене. Тоа е само дел од мојата различност - ги има мноштво, а на оваа сум горда. Мајка ми имаше прекрасен став за тоа. Зборуваше: Ајде да го занемариме тоа и да не претпоставуваме дека постои проблем сè додека не се појави. Мојот инвалидитет е мошне невообичаен и првенствено е од естетска природа, па мислам дека повеќе се работи за тоа како другите се соочуваат со тоа, отколку што мене ми создава проблеми. Никогаш не сум ја изгубила раката, ова е единственото тело што го познавам. Го живеам својот живот речиси несвесна за тоа. Но другите луѓе, луѓето без инвалидитет, тоа го чувствуваат како загуба. Ми се случува да ме прекинат или запрат за да ме интервјуираат за мојата рака. Велат: О, си ја изгубила раката. Си помислувам: Не сум изгубила ништо, не сум толку невнимателна. Секако, потешко ми е да направам нешто, ужасно комплицирано ми е да заменам светилка, но никогаш не помислувам: О, боже, инвалидитетот значи дека не можам да имам светло! Наоѓам начини или прашувам некој да ми помогне.

Почнав да сфаќам дека имам инвалидитет кога се запишав во школа за драма, имав дваесетина години. Кога почнав ми рекоа дека сум глумица со инвалидитет. Но јас мислам дека сум глумица и имам една рака; значи, прво и најважно: глумица. Но луѓето тврдат дека сум глумица со инвалидитет. Имав слични искуства кога барав работа во продавници, хотели и пабови. Често ме прашуваа: Како ќе наместиш кревет или како ќе носиш пијачки? Работев во многу пабови и барови во Австралија, Манчестер и Лондон. Само требаше да научам како да изведам нешто и да најдам начин да се прилагодам. Така што проблемот не е во самиот инвалидитет, туку како го гледаат другите. Научив едно нешто: ако си среќна, насмеана и имаш позитивен став, поголема е веројатноста дека ќе те вработат.

Некогаш носев протеза, но ја мразев зашто беше тешка, грда и прежешка. Жештината беше најлошиот дел. Како раката постојано да ми е во сауна или потопена во лава, дури и во студените денови. Воедно правеше и смешни звуци. Испотената кожа ќе се залепеше за неа, па кога требаше да ја извадам звучеше како сум прднала. И смрдеше. Едноставно, сè беше лошо. Во тоа време еден лекар ми рече: Ако не ја носиш раката никој нема да се дружи со тебе. Ги пробав сите можни видови чудни куки, раце, изуми. До својата деветта година го отфрлив сето тоа. Разбирам дека на некои луѓе протезата може да им го промени животот и да им помогне во градењето самодоверба. Но не чувствував дека тоа ми е потребно, се чувствував како да треба да ја сокријам протезата.

Бидејќи заради дислексија не научив да читам до својата деветта година, развив комуникациски вештини и вештина за раскажување приказни. Открив дека со леснотија ги памтам страниците од текстот откако ќе ги слушнам само еднаш или двапати. Тоа ме поттикна да почнам со часови по драма и беше неверојатно забавно и исполнувачко. Бев опкружена со брилијантни луѓе и сите бевме насочени кон фантазија и креативна игра. Тоа истовремено значеше дека можам да ги употребам вештините што ги развив.

Отсекогаш знаев да раскажувам приказни, а тоа е есенцијално за глумата, и ја сакам таа божествена авантура на создавање волшебен свет, па пишувањето беше логичен чекор. Заради мојата дислексија мајка ми долго ми читаше приказни и ги сакав Алиса во земјата на чудата, Петар Пан, Хајди. Тоа се авторите што ме инспирираа. Во возрасната доба не престанав да читам книги за деца. Прекрасно е имањето толку приказни и светови во кои може да се побегне. Но најчесто тоа беа ејбилистички верзии на светот. Во тоа време не доживував дека по нешто сум поинаква од Алиса во земјата на чудата, но години подоцна сфатив дека во детските книги нема многу различности. Немаше ликови со инвалидитет кои се зли или студени, или принцези и шампиони. Тоа ме инспирираше да креирам ликови во своите книги. Приказните се витален дел од детството, ни ја прошируваат фантазијата, ни помагаат да развиеме емпатија, ни даваат надеж и ги поттикнуваат описменувањето и учењето. Неверојатно е важно сите да бидеме претставени во приказните.

Би ви рекла: никогаш не се предавајте, никогаш не се откажувајте, но не ги жртвувајте своето ментално здравје или чувството за забава. Не треба да ѝ се дава приоритет на работата наспроти сè друго. Ако кариерата не ве усреќува, не му давајте приоритет на успехот наспроти мирниот живот. Ако не работите, можеби тоа не е страшно. Тоа можеби не е ваш императив, туку на индустријата.

Понекогаш знаев да ѝ застанам на патот на сопствената кариера. Толку очајнички сакав да бидам глумица, што со тоа си создавав непотребен стрес. Посакувам да навлезев во тоа посмирено, наместо да се чувствувам како да треба да докажам дека припаѓам таму.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото