„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски...“ на Влада Урошевиќ и „До Сахара за покрив над глава“ на Јован Џамбазоски

15.06.2023 00:51
„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ и „До Сахара за покрив над глава“ на Јован Џамбазоски

 

„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Влада Урошевиќ, „Арс Либрис“

Никола постојано имаше чувство дека не се сами во куќата: далеку некаде, во некој оддалечен дел во кој никој не живееше, ќе тропнеше некоја врата, скалите ќе зачкрипеа како некој да се искачува по нив, низ полутемниот ходник ќе се лизнеше некоја миговна сенка, оставајќи го зад себе одвај чујниот одек на притивнатите чекори.
„Што е ова?“ прашуваше Алила, сепната од некој необјаснив шум.
Никола велеше дека тоа гранките од дрвјата удираат во прозорците, дека можеби некоја птица се вовлекла низ скршеното стакло и сега беспомошно прпелка барајќи излез, дека полвови на таванот тркалаат лански ореви, дека сигурно се одронило парче од навлажнетиот ѕид.
Алила ги примаше со сомнеж тие објаснувања.
„Ти ме смируваш“, велеше таа. „Ти си добар, ти не сакаш јас да се плашам, ама не е убаво да ме лажеш. Не, не е ветрот – ова сега беше како некој да шета низ куќата.“
Кога ќе поминеше низ пустите одаи, Никола забележуваше некои ситни промени: во аголот од некоја од собите имаше купче слама кое пред тоа не го видел тука, врз прашливото стакло од некој прозорец имаше траги од некоја дланка која се обидела да ја избрише заматеноста, врз некоја масичка имаше огризок од јаболко кој како да беше неодамна оставен тука.
Еден ден забележа на прозорската рамка од ходникот што водеше кон задниот влез, оној накај Вардар, купче светкави предмети: кога дојде поблиску виде дека се куршуми од пиштол, по малку ‘рѓосани, поредени врз наполу изгниен лист од лопув. Ги зеде в рака и ги изброи: беа седум.
Сега знаеше кој се војва низ куќата и кој живее тука, во близина, и чии беа трагите што дотогаш му се чинеа како безначајни.
Отвори, двоумејќи се само за миг пред да се реши и да ја притисне кваката, неколку врати. Собите беа празни. Но, кога дојде до последната, онаа која имаше еден влажен ѕид и која, поради тоа, веќе подолго време беше сметана за неупотреблива, го здогледа таму неповиканиот гостин.
Мрачниот Мефисто од мочуриштата седеше, длабоко навален, на изветвена фотелја и си ги чистеше ноктите со еден ‘рѓосан нож.
Фотелјата на која што седеше беше поставена покрај отворениот прозорец од кој врз него паѓаше сивкавата светлина од крајот на денот.
„Да, јас сум“ рече темниот неранимајковец, без да крене глава. „Добро е што дојде, многу се досадував.“
„Не си добредојден“, просаска Никола.
„Секако. Но барем немаш никаков пиштол или други пукала. Не можам да речам дека куршумите не ме повредуваат, тие се една непријатна работа и прават незгоди, но барем се увери дека не можат да ме убијат. Веќе ми е здодевно да те убедувам дека помеѓу мене и другите луѓе има некаква разлика во тој поглед.“
„Ти си убиец“, рече Никола. „И јас ќе те натерам во тесно и ќе ти ја најдам слабата точка, биди сигурен. Подобро е за тебе да не доаѓаш повеќе тука.“
Натрапникот ја крена главата. Никола виде дека лицето му е бледо; тој беше видливо ослабнат, со алишта кои му беа преголеми и му висеа како обесени на закачалка. Врз усните сѐ уште ја имаше својата иронична насмевка, но и таа како да беше само сенка на неговиот поранешен самозадоволен изглед.
„Оваа куќа пропаѓа“, рече тој. „Можеби ти не можеш тука нешто да сториш, но јас се чувствувам обврзан да ти укажам на тој жален факт. Мене тоа ме погодува. Бидејќи сум поврзан на некој начин со неа, нејзината лоша состојба ме погодува и мене.“
„Тоа е моја куќа, и тебе нема зошто да ти е грижа за тоа дали пропаѓа или не.“
„Има“, одговори бледиот натрапник. „Веќе ти кажав, не еднаш, дека има. Само ти не слушаш, и тоа неводење сметка за моите аргументи не ти прилега. Ти си учено момче, а се однесуваш како некој прост селанец.“
„Доста“, пресече Никола. „Да те нема!“

 

***

 

„До Сахара за покрив над глава“, Јован Џамбазоски, „Матица македонска“

 

По добри три часа летање, Јосиф заедно со службеното лице за спроведување на работници и со палирот Дане слетаа на аеродромот во Триполи.
Јоска почувствува дека е некаде на друго место. Се насетуваше дека е надвор од Европа ... Си рече: „Ова е Африка“ ... Самиот збор асоцираше на топлина ... И само што излегоа надвор од аеродромската зграда, се почувствува голема топлина. Надвор немаше климатизери... Веднаш меѓу себе коментираа... Службеното лице му го зеде зборот на Јоска и рече: „Овде е многу жешко лете и топло е речиси цела година“.
Јоска и Дане се надоврзаа на разговорот: „А бе, штом ја напуштивме зградава, веднаш нѐ удри некоја непријатна топлина...“ Службеникот потсети дека, овде, во Либија, посебно странците, добро би било задолжително да носат квалитетни очила за заштита од сонце, што ги неутрализираат УВ зраците и за запирање на правта од воздухот, што не е реткост во Либија.“
И двајцата со палирот рекоа дека ќе се снабдат со квалитетни очила штом ќе се сместат. И така, дури разговараа, се појави возачот што беше испратен да ги пречека и да ги превезе до кампот.
„Еве ме“, викна радосно возачот. Се поздрави со тројцата, му се претстави на Јоска: „Јас сум Румен...“ Со палирот Дане и со службеното лице тој се познаваше отпорано: „Добре дојде, Трајко, гледам добри луѓе ни носиш“, се пошегува Румен. „Директорката Цветкоска двапати ме опомена: „Да не задоцниш за авионот“, и да возам внимателно... „Со нетрпение Ве очекуваат, другар Јосиф, твоите: сопругата и двете ќерки... Едвај ги убеди мајка им да не настојуваат да дојдат, да Ве чекаат“. Јосиф рече: „Е, така е тоа...Животот нѐ тера да правиме многу пати така како што не ни е по волја...И мене овие два недели, што ги немам видено, ми се одолжија“. Отидоа до паркираното возило и сите четворица се упатија од аеродромот во Триполи до Мисурата – град кој исто така беше до брегот на Средоземно Море... таканаречено Медитеран. Патот не е некоја убава магистрала. Просечен пат, без ленти по кој може да се вози до стотина километри на час. Растојанието до Мисурата е околу 200 километри, што може да се поминат за околу два и пол часа. Патниците во возилото разговараа за вообичаени теми од животот, како и за работата што ја врши Здружената републичка градба.
Јоска не беше многу расположен за разговор. Беше заморен од подготовките за патувањето и од самиот пат, како и од напнатоста што ја чувствуваше. На некои прашања од соговорниците одговараше кусо – повеќе му одговараше да размислува. Го набљудуваше патот, кој не се оддалечуваше многу од морето. Главно беше изграден покрај брегот, се оддалечуваше само на одделни места.
На Јоска му оставаа впечаток брановите што се пенеа...Процени дека се со висина до еден метар. „Интересно си работи природата“, си мислеше. Еве, гледај, во близина на морето има убава вегетација... разно зеленило. Десно од патот, колку ми е на дофат на видикот, колку е подалеку во внатрешноста, толку помалку има растенија.“ Таму далеку на крајот од хоризонтот му изгледаше како да е пустина... изгледа и така беше.
Јоска дојде до заклучок дека оваа земја – Либија, го има своето население во градовите и селата што се блиску до морето. Тој знаеше од учењето по географија дека е речиси седумпати по површина поголема од СФР Југославија, а по население четири пати помала... „Е, среќата е во тоа“, си рече, „што оваа пустинска земја, каде што завршува Сахара, е многу богата со нафта ... Ете, Господ едно земал, ама друго дарувал“.
Замисли си рече Јоска: На вака голема земја околу 1,7 милиони квадратни километри, како би уживале околу 6 милиони луѓе, кои покрај нафтата би имале и толку голема плодна земја. Ах, како би било и ние да имавме олку нафта... Ете, мојата желба да живееме во Скопје ме дотера да стигнам овде... Да си останевме во Прилеп, полесно ќе го решевме станбеното прашање.“

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

ОкоБоли главаВицФото