1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Ракописот на штотуку завршената песна „Пијаниот брод“ Артур Рембо го донесува со себе кога по третпат доаѓа во Париз, кон крајот на септември 1871 година. Таа е сѐ уште парнасовска – полна со шарени егзотизми собрани низ младешката лектира и исполнета со една симболика што е податлива за толкување: поетот, кој се поистоветува со брод, запловува низ витлите на поетските занеси што го носат во авантура. Но, во вистинска поетска авантура Рембо ќе навлезе потоа – пред сѐ во Илуминации.
Последната строфа од песната крие неколку замки за преведувачите:
Je ne puis baigné de vos langueurs, ô lames,
Enlever leur sillage aux porteyrs de cotons,
Ni traverse l’orgueil des drapeaux et des flammes,
Ni nager soys les seyx horrible des pontons!
Неслучајно избран да ја заврши песната, последниот збор – „pontoons“ – е замка: првото (понекогаш и единственото) значење што препејувачот ќе го најде во речникот е „мост“. И, поведен од тоа лесно објаснување, тој ќе дојде до стихот: „ни да пловам под страшните очи на мостовите!“ Но, во таквата интерпретација сликата одеднаш станува конфузна: песната, која зборува за пловидби по далечните, баснословни мориња, завршува со некакви мостови! Од каде мостови среде море!
Стручњаците за Рембоовата поезија, во своите учени коментари, ни го откриваат вистинското значење на зборот: во времето на настанувањето на песната, во Франција постои недостиг на затворски простор – имало премногу затвореници, а премалку затвори! И решението било најдено: старите бродови, кои веќе не можеле да служат за пловидба, биле преуредени и, вкотвени неколку километри од брегот, служеле како зандани. За нив, во круговите на оние што живееле на маргините на општеството, се употребувал, по малку еуфемистички, терминот „les pontons“. Рембо, кој неколку години подоцна ќе има добри причини да стравува од ваквиот „престој во пеколот“ (дезертерство од холандската колонијална војска!) веќе чувствува загрозеност пред „страшните очи“ на овие бродови-зандани.
Во мој препев таа последна строфа од „Пијаниот брод“ гласи:
Уморен сум, бранови, и не ме влече мене
да ги следам бродовите со памучен товар,
ни да пројдам крај бајраци и знамиња венец,
ни крај злооките лаѓи-зандани да пловам.
Во една песна која, навидум, зборува за една симболична пловидба што се одигрува во метафизичките предели на внатрешниот живот, поетот уфрла, дискретно и речиси незабележливо, обележја што се однесуваат на актуелните состојби во општеството во кое живее. Во поезијата, актуелноста и вонвременоста, навидум толку контрадикторни, се јавуваат во некои мигови испреплетени до неразделност.
Во поетското дело на Борис Пастернак речиси да нема песна што во својата основна слика не ја носи обоеноста на некое од времињата на годината. Дури и кога стиховите се однесуваат на некој настан определен со историското време, тој мора да ја има, исто така, својата лоцираност во календарот на природата. Неколку песни од творештвото на Пастернак носат наслов: „Лето“. Во едната од нив, напишана во 1930 година и која почнува со името на една река во Украина и на областа околу неа („Ирпењ – спомен за луѓето и за летото...“) тие две времиња – историското и природното – се надополнуваат, но – на еден прикриен план – се јавуваат и како опозит:
Конгрес бил, а шест жени низ шума се вдале.
Стадо облаци в далечина мрзливо пасело.
Се стемнувало и самракот, по сончевиот палеж,
блескавите чички едни по други ги гаснело.Косматата глава на пењушката била сѐ посоголена
и небото, по светлосниот пожар, се смрачило.
Се стемнувало и, фрлајќи го просторот на колена,
ги затворал сите порти хоризонтот-бачило.
„Конгрес бил...“ Каков? Се разбира, државно-партиски; настан што го определувал политичкиот живот на земјата во претстојниот период и кон кој било насочено сето внимание на јавноста. Но, во ист стих, „шест жени низ шума се вдале“. Што барале в шума? Береле печурки? Само така, шетале? Но, јасно е: историскиот миг на Конгресот е помалку важна рамка на она што се случува; многу подлабока и посуштинска за животот на тие жени е прошетката низ шума, допирот со природните тајни.
И есента, пиена како пијалак лековит,
го прочисти грлото, давајќи ни поука умна:
присутни сме на настан што трае со векови –
на Платоновата гозба во време на чума.
Историското (еднонасочно, т.е. иреверзибилно) време во поезијата на Пастернак е принудно престојувалиште за човекот; во него тој страда и не се наоѓа себеси. Вистинска утеха тој открива во цикличното време на годината, во кругот на природата која умира и постојано одново се раѓа.
И дали харфистката Мери ги знае итрините
па судбите како играчки под рацете ѝ скокаат
и како харфа шуми луњата над пустините:
на бесмртноста, можеби, последниот доказ.
Затоа поезијата на Пастернак не е ниту просоветска ниту, пак, антисоветска. (Таа дилема ќе стане особено актуелна кога, во 1958 година, по објавувањето на Доктор Живаго во странство, овој поет ќе ја добие Нобеловата награда.) Делото на Пастернак е над политичките поделби (Над бариерите е наслов на една негова младешка збирка), барајќи го решението на вечните (и актуелните) спротивставености во суштинскиот говор на природата.
(март 2020)
Колажи: Raoul Hausmann
Извор за текстот: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.