По утопијата

17.02.2011 15:46
BB-1.jpg

Во почетното значење, кое до денес ја нема изгубено својата основна смисла, утопијата е пред сè роман, жанр-роман, ренесансен книжевен стереотип... Колку тоа звучи наивно: прво некој остров, загубен во далечните мориња, потоа морепловци кои по некоја случајност го откриваат и се запознаваат со непознатите навики на жителите, со обичаите и со институциите. Гостите, по правило остануваат зачудени од смислата за ред, за правичност, за неприкосновеност на моралните вредности. За денешниот расеан читател помалку е забележливо е тоа што, според вкусот на ренесансната публика, идеалниот ред обично е применуван со драконски закони; понекогаш и некаде дури и со помош на тепање и тркало за мачење.

Кај многу интелектуалци од западната половина на европскиот простор самата ознака „утопија“ буди главно ведри асоцијации. Необврзната игра на можностите на спореден колосек – според дефиницијата на еден теоретичар – помага преку мислите да се продре во непознатото, недостигнатото, недостижното, а можеби сепак, во некоја далечна перспектива, и во достижното.

За нас, кои по силата на приликите го проживеавме животот во бурлескните амбиенти на едно лошо, но тврдо напишано утописко сценарио, секоја па и најмала алузија на сништата за најдобриот од можните светови предизвикува лесно тресење. Условниот рефлекс сосема е разбирлив по пола век потчинување и самопотчинување на дисциплината на залудно градење на Вавилонската кула. А сега, кога неумоливите космички води ја разурнаа Кулата, подобриот свет почнува свој друг и, да се надеваме, свој вистински живот.

Да почнам, се разбира, од својот роден крај. Ако мирот на почвата на поранешна Југославија некако и се одржи, преживеаните градови, дури и оние кои непосредно не беа зафатени од војната, ќе потсетуваат, за жал, на градови по некој голем потоп. Соочени со драстичните демографски имплозии, со неочекувани видови социјално раслојување, со криминал, па и со оргии на криминал, фатени во замките на популизмот и демагогијата, градовите, кога и не се осакатени – се збунети, зашеметени, некои и неповратно трауматизирани.

Претпоставувам дека и други градови од источниот и средно-европскиот простор се соочени со секакви искушенија на човечкото трпение. Ќе си дозволам себеси да поверувам дека некои од нив, и без војната, длабоко во себе се ранети. Отровот на аскетскиот утопизам дејствуваше разурнувачки и врз нивната физичка појава и врз нивната внатрешна кохезија. Процесот на разурнување мораше да биде толку помачен зашто, ако исклучиме неколку мрачни „социјалистички градови“ подигнати врз гола ледина, пред сè стануваше збор за историски дефинирани ентитети кои одамна го имаа стекнато неприкосновеното градско достоинство.

Меѓутоа, духот на утопијата на поединецот не му го признава правото на посебност, па таквото право не го препушта ни на градовите. Сите утописки романи (не треба да се заборави и тоа дека секоја политичка утопија е пред сè произволно романсирање на животот, на хартија, но и во стварноста) исцрпно опишуваат исти гранитни куќи, застрашувачки трајни гранитни институции и гранитни мензи. Утописките градови, во принцип, се градови на непроменливо совршенство, на еднаквост, на еднообразност и на програмирана резигнација и здодевност, што значи дека им е одземено правото на еволуција.

И во нашиот утописки свет, а не само во романите на сир Томас Мор, сè што излегуваше од светот на здодевноста беше отфрлано со некој вид морална згрозеност. Треба да се присетиме на оние, денес за среќа заборавени страсни кампањи против некој, некаков, чудовиштен, а сепак невидлив грев, наречен „формализам“! Беше тоа формула на литургиска осуда која создаваше комплекс на вина кај верниците, а чувство на анксиозност и страв кај неверниците.

Проклетството на формализмот беше експлицитна фигура на утописко затворање, на аскетизам, па и на самокастрација. Еден друг извик нудеше некој вид „свети лаги“, што би рекол Сократ, и привидна можност за отворање. Празната приказна, денес заборавена, за шарените градови социјалистички по содржината, а национални по архитектонскиот стил, произлезе, ако добро проценувам, од самиот врв на теориската елита од Кремљ. Дури имаше и одреден ефект: тука и таму, во депресивната градска слика на несудениот „социјалистички град“ заталкуваа егзотични архитектонски пастиши кои, доколку не беа сиромашни и несмасни, ќе потсетуваа на империјалните, значи колонијални, ориентализирани европски метрополи од деветнаесеттиот век. Тој хумористичен резултат не би бил доволен денес воопшто да се потсетуваме на „архитектурата социјалистичка по содржината, а национална по формата“. Меѓутоа, формулата во себе носеше скриено признавање на потиснатата енергија на национализмот, таа резервна бомба која младиот болшевизам сè уште мудро умееше да ја зачува, верувајќи дека кога-тогаш ќе му притреба. Тоа што денес експлозијата дојде како постхумна одмазда кон комунизмот, веројатно не беше свесно предвидено, иако не беше сосема непредвидливо.

Се разбира, поп-претставата за градовите облечени во национални костуми, како на некаков фолклорен фестивал, е противречна во придавката. Вистинските градови, достојни за воодушевување, градовите личности, отсекогаш биле слоевити културни искази, далеку од дострелите на етничката, односно фолклорната инсценацијата и костимографија. Но, забуните останаа, за жал, сè до денес. Зарем не звучи парадоксално – се разбира, и чудовиштно – веќе прославениот предлог еден сурово распарчен барокен град да се преѕида во некоја српско-византиска, значи, божемна национална шарада од стил.
Очигледно е дека утописките матрици се многу жилави, а утописки искривоколчената мисла, дури и кога ќе го промени вредносниот знак и ќе крене наназад, останува во тек од кој тешко успева да се извлече. Зарем наведениот пример со замислите за насилното престилизирање на опседнатиот Вуковар не сведочи како лесно и незабележливо од една утопија се преминува во утопијата од спротивна насока.

Најречитата илустрација за ова тврдење беше речиси сосема непредвидливата судбина на градовите и градските жители на почвата на поранешна Југославија. Од блаженото успивање со илузиите за социјализмот со човечки лик се тргна назад, речиси преку ноќ, во фалширани и изобличени митови и морбидна романтичарка егзалтација. Од начинот на градски живот, кој веќе во голем обем се доближуваше до западните норми, одеднаш се тргна во сурова, архаична, градорушителска војна – во психолошка смисла речиси преисториска. Реториката на универзализмот и на сечовечката среќа ја смени реториката на крвта и почвата.

Во регресивниот магиско-митски склоп на военото резонирање одеднаш почна да се удира не само на физичката даденост на градовите, туку и на сето она што би можело да ја потврди долготрајноста и сложеноста на нивното битие. Фикцијата на крвта и почвата уште во основа не го поднесува космополитизмот на градот, ниту апстрактните, сечовечки вредности на урбанитетот, кои, по правило, се искажуваат во букети од разлики. Оттаму желбата градовите насилно да се етнизираат, да се исчисти нивната содржина и во догледно време да се направат нападно „национални по форма“, дури и по страшната цена претходно да бидат уништени.

Но, велат дека после секоја војна, на крајот на краиштата, сепак мирот почнува да владее. Но, за случајот на екс-Ју, каков мир, мир однатре, мир во луѓето може да се очекува на крајот на една војна, посурова и од најсуровите градорушителски експедиции опишувани во Библијата и во Куранот? А ако сепак се дојде до мир, кој би можел да го склучи тој мир?... Боговите и хероите на освојувањето, непопустливите господари на човековите судбини, првосвештениците на уништувањето и преселбите? Се плашам дека ниедна варијанта која од нивна страна би можела да биде понудена не ветува вистински мир и спокојство за градскиот жител.

Кој тогаш, значи, би можел да ги поучи градовите како повторно да ги најдат градските доблести и благоста на градската мудрост? Кој и како по незадржливите, па и застрашувачки миграции на новопристигнатите жители на вистински начин да ги воведе низ градските порти? Кој на немирниот епски човек ќе му објасни како може да изгледа и што значи pax urbana – мир во градот и мир меѓу градовите?

Кој друг – освен вистинскиот градски човек! Токму оној кој некако ја пребродил и големата „светско-историска“ утопија и кој ќе ги преброди, не се сомневам, и нејзините мали национал-аутистички рецидиви. Зашто, единствено разговорот на градските луѓе или, да се послужам со метонимија, единствено разговорот на градовите може да ги уништи многуте скаменети предрасуди и да отвори перспективи. Утопијата, голема или мала сеедно, е дидактична и аподиктична. Повеќекратноста на вкрстените дијалози по дефиниција излегува од опасните зони на празната утописка реторика. Разговорот на градовите ги уништува предрасудите за разликите. Ако разликите се прифатат не само како даденост, туку и како систем, како разумен и корисен систем, предвидувањата се свртуваат кон вистинска, а не кон некоја лажна иднина.

Утопиите се базираат врз луѓе-кукли и градови-играчки. Таквите луѓе и таквите градови, на просторот на источна Европа, беа предодредени за привидни разговори, за конвенциите на утврдените клишеа, па „измените во мислењето“ и стручните дискусии понекогаш потсетуваа на кабуки театарот. Меѓутоа, градовите-личности, градовите-живи-суштества (во оваа семантичка нејасност секогаш со задоволство се впуштам) денес имаат вистинска шанса да си помогнат едни на други. Тие ќе се поттикнат едни со други подобро и посестрано да се дефинираат или редефинираат. Ќе се потрудат, целосно, наназад, преку хијатусот, да ги фатат конците на своите искинати кодови. Ќе се охрабрат едни со други да се вратат на фондовите на своето реално, лично помнење. Октроисаното утописко „помнење“ не им го дозволуваше тоа. Повторно ќе почнат да се воспоставуваат различни идиолекти на стилот, на сценографијата, на модата, на флертот, на еротизмот, на хуморот, на гестот и на зборовите на јавните места... Новоговорот на утопијата го задушуваше автентичниот, личен исказ на градот, му го одземаше правото на каприциозна метафора и системи на пренесување, во корен ја сечеше секоја можност градот за себе да раскаже што сака и како сака...

Верувам дека, за среќа, и географската ситуација и новата политичка карта сè повеќе ќе го поттикнува „системот на разлики“. Предвид имам една интегративна мрежа од средноевропски препородени метрополи. Се прашувам, дали можеби во тоа скапоцено соѕвездие не се наоѓа и некој модел на иднината? За Европа на градовите се зборува сè почесто, но Европа на градовите е реално замислива само ако претходно, на помал и поспретен модел, се покаже дека преплетите на разликите можат да функционираат како систем.

1995.

ОкоБоли главаВицФото