Ацо Шопов за пишувањето сатирична поезија

21.12.2023 15:22
Ацо Шопов за пишувањето сатирична поезија

„Бездруго, ние немаме развиена сатирична-хумористична литература. Зошто е тоа така? Причините можат да се побараат во нашиот своевиден комодитет, во напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителност кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмевнеме на себеси и на нашите општествени и приватни мани.

Освен тоа, сатирата е најакциона од сите видови уметнички акции, најударна, директно свртена против исчашеностите, бездушноста, нехуманоста, против тоа што ги прави луѓето неспособни за какво и да е самостојно ангажирање. Сатирата е сушта спротивност на конформизмот и конформистичката литература, „опасна” и „лизгава” земја, рушител на „мирот” и „редот”. Од сите уметнички ризици таа е најголем ризик. Но и задоволство ако не е потфрлање.
(...)
Скоро за сите наши поети, па и за мене, постојат разни предубедувања сугерирани главно од критиката. Тоа е уште еден доказ дека критиката ретко поаѓа од поетската стварност туку скоро секогаш од своите шеми за таа стварност. Така едни од поетите се лиричари, други медитативци, трети за преокупација ја имаат патриотската поезија итн. Поетската личност е насилно сведена на една димензија.

За среќа, тоа е само во главите на тие критичари. Во стварноста пак, нештата изгледаат сосема поинаку. Поетот е неуморен истражувач, ако насети некоја нова можност тој нема да се смири сè додека не ја реализира.

Мислам дека лиричарот и сатиричарот не си пречат еден на друг. На извесен начин тие си помагаат и се надополнуваат. Сатиричарот го презема зборот кога лиричарот не е во состојба поетски убедливо да сугерира некоја идеја, а лиричарот го истиснува сатиричарот кога овој ќе се обиде да гради со неговите средства.

Дел од интервју со Ацо Шопов објавено под насловот „Сатирични стихови Јус-универзум”, Вечер, на 03.12.1967.

Слика: Димитар Кондовски, портрет на Ацо Шопов, 1977

Извор: acosopov.com