Ништо од големата војна

05.02.2024 02:22
Ништо од големата војна

Државјанството на убиените и загинатите често диктира и каков ќе биде медиумскиот одек, па и какви ќе бидат глобалните политички, воени, економски и други реакции. За којзнае колку мртви во серијата граѓански војни во Конго главно никому не му беше грижа зашто тоа се Конгоанци, државјани на земја која е важна заради рудното богатство, но не е моќна, па за нивните мртви не треба многу да се грижиме.

Смртта на тројцата американски војници во базата Tower 22 во Јордан резултираше со дискусија дали сме на раб на трета светска војна и каде и како (не и дали) низата конфликти и војни на Блискиот исток ќе се прошират и обединат во една голема војна, онаа против Иран. Значи, убиени се тројца американски војници во базата на својата војска во странска земја. Нападот е извршен со дрон, а глобално веднаш е констатирано дека зад нападот, било како организатор било како инспиратор, стои Иран.

Не е толку тешко да се каже тоа, Иран навистина е вклучен во сите блискоисточни војни и конфликти. Секако, Техеран отфрла каква било одговорност за тоа, но сигурно се радува што американската војска има три војници помалку, а 34 се повредени. Одговорноста за нападот ја презеде проиранска група Исламски отпор од Ирак, наводно лабава конфедерација на бројни милиции кои ги поддржува Иран во Ирак.

Не требаше долго да се чека на изјави во кои има закани со оружје. Подобро и да не се замислува како би изгледала војната со Иран, зашто сето она на што сме сведоци на Блискиот исток би било претворено во фуснота во споредба со таквата војна.

Сепак, нема да има нова голема војна. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека одлучил дека САД ќе одговорат на нападот со дрон и заклучи дека „војната на Блискиот исток не треба да се шири“. Засега не знаеме каков ќе биде одговорот, но врз основа на досегашните искуства нешто може да се насети.

Веројатно војската и службите во САД ќе трагаат по челниците на Исламски отпор, а кога ќе ги лоцираат, тогаш и тие, исто како нив, ќе користат дронови за да ги ликвидираат. Некакви мерки, веројатно од економско-дипломатска природа, можат да се очекуваат и за Иран. Бајден изјави дека за одговорна ја смета Исламската Република зашто „ги снабдува со оружје луѓето кои го направија тоа“. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, пак, изјави дека ќе ги преземе „сите потребни дејства“ за одбрана на своите војници.

Убиството на тројцата американски војници во странска земја глобално беше протолкувано како голема ескалација на тензиите кои инаку не недостасуваат во тој дел од светот. Нападот на базата Tower 22 во која има околу 350 американски војници, а која стратешки е сместена на јорданско-сириската граница, е првиот смртоносен напад на американски војници откако во октомври минатата година изби војната помеѓу Хамас и Израел.

Конкретниот учинок на досегашните американски вербални закани е мораториумот на воените операции против американските сили во регионот кој го прогласи проиранската ирачка милиција Катаиб Хезболах (Бригадите на Хезболах) „за да се спречат непријатностите за ирачката влада“. И тие, исто како челниците на САД, ќе продолжат со заштитата. Челниците на САД ќе продолжат да ги штитат американските трупи во регионот (не знаеме како), а Катаиб Хезболах ќе продолжи да го штити „нашиот народ во Газа на други начини“, но не се знае како.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portalnovosti.com/