1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
И во Техеран деновиве повеќето разговори се вртат околу Сирија: дали Американците ќе ги нападнат или некако ќе се извлечат, бидејќи не им се влегува во уште една војна? Во тој поглед престолнината на Иран е иста како и сите други. Оваа држава доби нов претседател и нова влада. Првиот видлив резултат е новата мода на градските улици и во државните институции. Мажите носат кошули со кратки ракави, а жените силни бои и марами зафрлени далеку наназад. Тоа се првите знаци на малку полибералната политика, која придонесе за победата на - за ирански услови - многу либераниот Хасан Рохани на претседателските избори. Се промени и политичкиот говор. Претходниот претседател Ахмадинеџад му се обраќаше на светот со едночасовни говори на опскурен јазик кој предизвикуваше само недоразбирања. Рохани ги изнесува своите идеи преку Твитер на англиски јазик. Во држава која строго го филтрира интернетот, министерот за надворешни работи Мухамед Зариф има своја страница на Фејсбук и добро се забавува. Се добива вчечаток дека не станува збор само за промена на политичкиот говор, туку и за промена на политиката. Рохани во својата програма го наведе оживувањето на економијата, донесувањето повелба за граѓански права и уредувањето на односите со западните држави. Иран најавува период на политички прагматизам.
Но, зошто тогаш инсистира на сојузништво со Сирија? На секого му е јасно дека безусловното поддржување на земја во која се поставува прашањето дали хемиското оружје го употребила власта или бунтовниците - не звучи како модерен политички прагматизам. Звучи како повик за бомбардирање. И покрај тврдењето дека ова е војна меѓу шиитите и сунитите, владата на Ал Асад е атеистичка и со неа не господари ниту еден од боговите на Блискиот Исток. Иран е теократска држава во која клерикалниот апарат има право на вето над парламентот. Како држави со толку различни системи на вредности можат да бидат во блиско сојузништво?
Можеби одговорот се крие во неупадливата сива зграда на северот на Техеран, каде меѓу другото, секојдневно се печати еден библиографски куриозитет. За Iran Sepid велат дека е единствениот дневен весник за слепи во светот. Луѓето со нарушен вид имаат свои двонеделни или неделни прегледи на печатот. Во Техеран за слепите се печатат дневни весници со брајово писмо. Уредникот е слеп и добар дел од неговите новинари исто така не гледаат. Во сè друго редакцијата е како сите останати на светот. Групата по малку очајни новинари и новинарки со темни очила на носот се обидуваат да го сфатат светот околу себе и да го пренесат тоа на хартија. Само што хартијата е малку подебела, бидејќи ја печатат релјефно и текстот се чита со допир. Но, зошто од сите држави во светот токму во Иран се издаваат дневни весници за слепи? Одговорот е ист како и за сите други весници во светот. Затоа што тие весници имаат читатели кои ги сакаат.
Весникот почна да излегува пред почетокот на новиот милениум, кога во Иран почнаа да се пишуваат законите за заштита на физички хендикепираните луѓе. Во државата имаше необично многу луѓе во колички, многу луѓе без раце и многу слепи. Меѓу другите мерки, за нивна интеграција е донесен и прописот сите државни органи меѓу вработените да мораат да имаат најмалку десет проценти физички хендикепирани и да издаваат весници за слепите и луѓето со оштетен вид. Иранците им го должеа тоа. Тие беа нивни јунаци.
Во 1988 година е завршена иранско-ирачката војна, во која за осум години загинаа еден милион луѓе, можеби и два. Кога Хомеини ја изведе револуцијата и физички ја ликвидираше целата секуларна опозиција на својата теократска власт, државата беше слаба. Меѓу другото, нареди да се обесат 5.000 офицери на иранската војска. На Садам Хусеин во соседната држава ова му се виде како идеална прилика да ги заземе нафтените полиња на меѓудржавната граница, и влезе во осумгодишна војна која по суровоста надмина сѐ што Блискиот исток видел во XX век. САД, Британија, Германија и Франција го помагаа Ирак со оружје, меѓу другото, и со состојки за хемиско оружје. Од Ирак во Иран се испукани 100.000 проектили со боен отров. САД во таа војна не учествуваа непосредно, но беа сојузник на Хусеин. Кога Иранците направија пробив на фронтот и се подготвуваа на збунетите ирачки единици да им излезат од зад грб, Американците го следеа нивното движење преку сателит. На Хусеин му доставија сателитски снимки со распоредот на иранските единици. Знаеја дека Ирак ќе изврши напад со хемиско оружје, вклучувајќи и сарин, но и покрај тоа му помагаа. Наскоро во Техеран, каде паѓаа ирачки ракети, почна да излегува списание за слепи.
Иранците имаат искуство со ефектите на бојниот отров врз населението. Нивниот кавалерски однос кон употребата на боен отров во Сирија е дотолку повеќе чуден. Не го објаснува ниту иранската недоверба кон Американците, кои триесет години ги држат под безумни санкции и им се закануваат со паметни бомби, ниту можната солидарност со сродните верски групи. И покрај чудната реторика, иранската политика е секогаш студена и рационална. Причините за сојузништво се политички.
Во текот на осумгодишната војна против Ирак, Иранците беа сами. Против нив беа и Западот и Арапската лига. Повеќе од илјада луѓе умреа од гасот, кој во Багдад е правен од европски компоненти, па тоа не спречи никого да застане на страната на Садам Хусеин. Тешко е да се војува осум години кога против себе ги имаш Америка, Европа и сите арапски држави. Сите арапски држави освен една. Сирија на покојниот Хафез ал Асад во таа војна беше сојузник на Иран. Таткото на Башар ал Асад го загрози мирот во својата земја и застана на другата стана. Хафез толку го мразеше Хусеин што застана до Хомеини, кој тогаш немаше ниту еден пријател во целиот свет. Атеистите од Дамаск му помагаа на занесениот верник од Техеран додека илјадници Иранци умираа од гас. Таквите работи не се забораваат за дваесет и пет години. Посебно не таму.
Додека американскиот претседател Барак Обама луто зборува за недозволивата употреба на бојни отрови, на големите гробишта на жртвите од војната покрај мавзолејот на имамот Хомеини, старите жени седат покрај гробовите на своите синови и се сеќаваат дека тогаш имале единствен сојузник во Дамаск. Американската и европската згрозеност над бојните отрови во Сирија звучи како чисто лицемерие: „Каде бевте кога нас нѐ прекриваа облаци од гас? Луѓе сме или што?“ Иранците се како Словенците: никогаш не ги забораваат и не ги простуваат настаните од војната. Печатат дневни весници за слепи, но инаку гледаат сосема добро.
Извор: Dnevnik.si