Боли глава

Не видов солидарност од администрацијата за време на здравствената криза

Не видов таква солидарност од никој во администрацијата за време на здравствената криза кон угостителскиот, туристичкиот сектор, уметниците и многу други. Потсетувам дека многу правни субјекти згаснаа, а со тоа и многу семејства останаа без работа и заработка. Потсетувам и ПОТЕНЦИРАМ дека од истите се полни буџетот и се обезбедува платата за администрацијата.

Владо Караев, Окно, 28.04.22.

нема
29.04 2022
Дали Ќосето ќе го вратат пред Судот на правдата?

Дури и да сака да го прекрши законот за споменици како нејзиниот претходник Коце Трајановски, на Арсовска повторно ќе ѝ се потребни гласовите на Левица, Алијанса и Алтернатива и Зелен Хуман Град во Советот на Град Скопје за да изгласа негово поставување. За албанските советници сум некако сигурен, но ќе биде интересно да се гледа какви пируети ќе треба да прават прогресивните млади советници од помалите партии за да ги оправдаат своите хонорари од управни одбори и директорски места. Дали левичарите и зелените ќе гласаат за грдото лице на ВМРО повторно да застане пред судска палата? Дали оној кој го викале „судот на ВМРО“, а кој главно убивал Македонци по идеолошки основи, повторно ќе го вратат пред Судот на правдата?

Никола Наумоски, Фронтлајн, 26.04.22.

нема
27.04 2022
Премногу време и нерви трошиме за Самоил, Александар, Михајлов...

Решението за 'непостоечкиот' проблем јас го гледам во тотално игнорирање на сите дискусии за нашиот идентитет, за нашиот јазик, за нашата историја...

Колку повеќе докажуваме дека сме Македонци и дека говориме македонски јазик, толку повеќе му даваме на светот причина да се сомнева во нашиот идентитет и во самобитноста на нашиот јазик...

Во Обединетите Нации сме запишани како МАКЕДОНЦИ коиш говорат МАКЕДОНСКИ јазик. Крај на приказната!
Премногу време и нерви трошиме за Цар Самоил, за Александар Македонски, за Ванчо Михајлов...

HISTORY IS OVERRATED. At least for us, at least for now. - Avinash Kaushik

Ацо Лукароски, Фејсбук, 17.04.22.

нема
25.04 2022
Европските вредности

Кирил Петков доаѓа во Битола да посети здружение на Бугари, затоа што Македонија е европска земја и дозволува слободно здружување на нејзините граѓани. Тие што сакаат да бидат членки на ЕУ, како што е Македонија, треба да ги почитуваат европските вредности за своите неевропски граѓани, а тие што се веќе членки на ЕУ, како Бугарија не треба да ги почитуваат европските вредности за своите европски граѓани.

Горан Михајловски, СДК, 15.04.22.

нема
18.04 2022
Секој ден има вест за нова дупка во системот

Секој ден, ама буквално секој ден, има вест за нова дупка во системот, нова корозија создадена од ништо друго туку од корупција или од неспособност, а најчесто од двете заедно.

Се пишуваат сценарија во кои е нормално да горат објекти токму на атрактивни локации (за иднината на дел од нив со тековни, актуелни отворени општествени дебати). Во други приказни е исто нормално министер за правда (сосе колегите му) да лаже јавно и да не почувствува трошка срам, потонат во "незнаење" што е конфликт на интерес и трговија со влијание.

Во трети е апсолутно нормално да е јавна тајна дека во која било област вистински потребната лиценца за работа се обезбедува по приватни џебови, а онаа легалната, што се нема, станува проблем само тогаш кога ќе се дознае дека ја нема (е сега дознавањето е проследено со загуба на човечки животи ама па божемој)...

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 15.04.22.

нема
15.04 2022
Пострашни од агресијата се апатијата и рамнодушноста

Пострашни од агресијата се апатијата и рамнодушноста на над 10 луѓе кои не гледаат потреба да реагираат кога некого претепуваат до смрт.

Болно општество.

Иљче Затаракоски, 11.02.22.

нема
12.04 2022
Јас врски за проекти не фаќам

Јас врски за проекти не фаќам и нема да се дрзнам никогаш тоа да го направам.

Некако сите посакувавме да е се поинаку во Град Скопје, но тие се шемите.

Во „Град“ пративме мејл за средба со градоначалничката и месец дена буквално секој ден колешката се јавува и истиот муабет го повторува со службите, секој ден исто запишуваат и немаат одговор.

А бре и „не ве примаме" е одговор!

Нестварно понижувачки однос од градските власти кон сè што е значајно во културата.

Надвор од МК кога сум на состаноци се чудат зошто се радувам како дете на соработката. Затоа што ДОМА ветуват и ништо не остваруваат, а НАДВОР сме дочекани со отворена поддршка и се чувствуваме многу значајни. Голема штета што ентузијазмот и инспирацијата кои ги црпиме од надвор всушност ги трошиме дома. Но, домот ни е трул и секој си го гледа само сопствениот интерес.

Софија Семенпеева, Фејсбук, 07.04.22.

нема
11.04 2022
Би ви ја украле машината за перење, откако ќе ве убијат!

Пред 30 години започна опсадата на Сараево. Три ипол години луѓето беа гранатирани, пукани со снајпери и митралези од околните ридови и ништо не сме научиле од најтажната страна на европската повоена историја. Човекот кој лично ги посетуваше злосторниците и ги јачаше напаѓачите да пукаат појако, сега е Претседател на Србија. Нашите вмровци тогаш беа против примањето бегалци од Босна, а децата од Левица уште не беа ни проодени.

Денес Мариуопол има слична судбина, а ќе ја имаат и други украински градови додека војната не заврши. И нема да научиме, иако ова све е веќе видено, дека вистинските злосторници ќе ги обвинат жртвите за своите злодела, дека нема да им е гајле за фактите и доказите и дека ќе ја избегнуваат правдата како знаат и умеат. И за масакрот со гранатирањето на преполниот пазар во Сараево истите структури и медиуми во Србија/Русија/Македонија тврдеа дека Босанците сами си пукале на своите луѓе и покрај сите докази на светот кои што го аргументираа спротивното. Гајле им е за вистината, тоа се злосторници од најдолен вид. Би ви ја украле машината за перење, откако ќе ве убијат!

Никола Наумоски, Фејсбук, 05.04.22.

нема
09.04 2022
Ѓорѓи Марјановиќ

(...) Го сакав зашто и во знаењето и во ангажманот, дури и во позата, да и во јазикот на кој пееше, имаше нешто што ми импонираше, ме извлекуваше од провинцијата на духот и ми помагаше да ги истресам комплексите со кои ме беше дарувала Македонија како куче вишиците вода.

Македонија успеа да го маргинализира како политичар зашто тој имаше амбиции од Македонија да направи пристојно место за живеење а таа имаше амбиции да се претвори во проститутка за простаци и глупаци.
Каква перверзија.

Гледам во реакциите не се споменува неговото грандиозно дело: преводот на Пруст.

Јас имам многу сериозни забелешки за ниските плафони кои ни ги поставува македонскиот јазик, но во преводот на професорот Марјановиќ се соочив со неверојатните потенцијали на јазикот, тука македонскиот е на едно друго ниво, тоа дело не е само добар превод на Пруст, туку е превод на македонскиот јазик во Пруст.

Нека се одмори малку човекот од Македонија и од нас. (...)

Бранко Тричковски, Фејсбук, 02.04.22.

нема
07.04 2022
Гнило е судството. Зашто е гнила државата.

Нова епизода од кафкијанскиот судски процес против нас.
Откако судскиот совет, очигледно по политичка наредба, парампарче направи од сите правни процедури што му застанаа на патот, брзајќи да ни пресуди по секоја цена и во страв да не им застари процесот, сега се однесува како да го има целото време на светот и уште не ни ја врачува пресудата. А без врачена пресуда, не можеме да се жалиме на Врховен суд. Процесот застарува на 12 април, сега е 5 април. Кога ќе поднесеме жалба!?

И така. Откако ни го негираа правото да се браниме, сега ни го негираат и правото да се жалиме. Па испаѓа дека целиот овој циркуз бил процесот да застари со осудителна, а не со ослободителна пресуда. А ние, на тој начин да го изгубиме правото да се жалиме во Стразбур.

Гнило е судството. Зашто е гнила државата. Владеењето на правото е само идеолошка пропаганда на либералите за лажење на малоумните. Оваа држава и општество не ги спасува ништо освен коренита трансформација!

Здравко Савески, Фејсбук, 05.04.22.

нема
05.04 2022
Ваделе ЕУ пасош за подобар живот

На Македонците што зеле бугарски пасош не им е страв. Ним им е срам. Оти морале да кажат дека се Бугари за да земат пасош од ЕУ. Ваделе ЕУ пасош за подобар живот. Исто како што Бугарите од Бугарија уште првата година кога нивната земја стана членка на ЕУ побрзаа да бараат работа во Велика Британија, Германија, Шведска, Италија… За подобар живот. Откако Бугарија влезе во ЕУ, бројот на жителите се намали за еден милион. Би се пишале Македонците и Клингонци ако клингонскиот пасош би им отварал врата за подобар живот. Ама се пишале Бугари, оти бугарскиот систем за издавање ЕУ пасош им бил најлесен и најкорумпиран. Дај му пари на Каракачанов и ќе ти најде адреса на некоја бандера во Ќустендил, Благоевград или Петрич да ти ја стават како адреса на живеење и – бркај работа низ ЕУ.

Горан Михајловски, СДК, 02.04.22.

нема
05.04 2022
Уште еден куриозитет од пописов

Кај сите народи (етнички групи) попишани според изјаснувањето за етничка припадност, бројот на мажи и жени е приближно изедначен. Само кај Бугарите мажи има 50% повеќе од жени: мажи 2121, жени 1383 (Табела 6; Алинеа 18). Јас немам логично објаснување.

Предраг Терзиоски, Фејсбук, 01.04.22.

нема
01.04 2022
Поддршка за Мирјана Карановиќ

Вчера бев излезена со постара пријателка, Германка од Нирнберг. Нејзината мајка изгубила двајца браќа на источниот фронт - еден од нив имал само 18 години, бил убиен при опсадата на Сталинград. Нејзиниот татко исто така изгубил двајца браќа, не се знае каде. Таткото спасил глава само зашто двајцата постари браќа биле загинати па не го мобилизирале. При таа музејска прошетка, наоѓаме еден стар човек во количка што ја буткаше друг, средовечен маж. Стариот имаше капче со знак дека е ветеран од Втората светска војна. Не ми се веруваше па застанав и го прашав, како е тоа можно? Во 1944 имал 19 години и бил припадник на воздушна десантна единица. Ни се пофали дека учествувал во последните бомбашки напади на Берлин и дека пред само една недела се вратил од Германија каде што бил поради положување на споменик на местото на една од последните битки. Германската пријателка искоментира: значи, овој фрлал бомби НА НАС - СОСЕМА ЗАСЛУЖЕНО. ТАКА НИ ТРЕБАШЕ.

Сè додека на Балканов не сме во состојба да кажеме нешто слично во врска со тоа што сме си го правеле едни на други, нема да биде ништо од нас како луѓе.

П.С. Го пишав ова поттикната од нападите на Мирјана Карановиќ која рекла дека НАТО бомбардирањето на Србија било оправдано, ако не и задоцнето.

Анета Георгиевска Шајн, Фејсбук, 28.03.22.

нема
30.03 2022
Ако не сте одржливи, а очигледно не сте, тогаш укинете се

Мизерно е да се гледа ова кукање за пари од општините.

Ако не сте одржливи, а очигледно не сте, тогаш укинете се.
Многу просто.

Факт е дека олку општини немаат никаква логика освен што се, се разбира, простор за корупција и вработување на лепачи на плакати, а богами и алатка за партиско-политички пресметки.

Анализата на буџетите што ја правев пред избори покажува дека секако и тие пари што ги имаат најмногу се трошат на плати и надоместоци.

Потребна ни е сериозна реформа на структурата и на суштината на локалната самоуправа.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 24.03.22.

нема
28.03 2022

Препорачуваме

Каде е вистинската кампања?

Зошто новинарите ги нема речиси на ниеден митинг да известуваат што навистина се случува?

На оние кои легнале на брашно (пет песни)

Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.

Секој ден песна - мала антологија на светската современа поезија

Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.

Најдобрите вицови на Окно

OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.

ОкоБоли главаВицФото