Боли глава

Од ден на ден

Од ден на ден трагикомедијата наречена “Влада на РМ“ добива сè пошироки размери. Што ќе се случеше ако премиерот не појдеше во Израел? Немаше да разбере дека Ал Каеда е присутна во регионот? Сака сите до еден да нè третира како морони или се надева дека тоа сме? Што прават братучед му Мијалков и останатите делови од фамилијата задолжени за безбедноста и контраразузнавањето? Освен, се разбира, што прават милионски (во евра) бизниси? Драг Пастиру, после тебе и твоето владеење, дури ни Ал Каеда не делува толку застрашувачки!

Flaster city, коментар во „Утрински весник“, 07.01.10

нема
09.01 2010
Гордо и смело

Само гордо и смело. Оние што гледаат само црнила подобро е да си ги протријат очите. Во нашето село се' е бело. Освен црвената линија.

Жарко Трајаноски, „Дневник“, 06.01.10

08.01 2010

Треба на сите да ни биде извонредно јасно дека македонската држава е резултат на сите борби, битки, жртви и крвопролевања на сите Македонци и на сите други граѓани кои живееле и се бореле насекаде низ Македонија, а не само во денешна Република Македонија. Никој нема право да им го одземе чувството на припадност кон Македонија, на оние стотици илјади Македонци низ Канада, Австралија и Америка, кои не потекнуваат од оваа Република Македонија, но потекнуваат од Македонија и себе си се чувствуваат за Македонци. Овие луѓе, како и многу други кои потекнуваат од овде, но се втора и трета генерација, немаат, а можеби нема ни да имаат никаква формална и законска поврзаност со Република Македонија, но имаат многу силна емоционална врска. Никој нема право да им го оспори и да им го одземе тоа.

Илија Димовски, „Утрински весник“, 04.01.10

05.01 2010
1
Не смее ни да се помисли

Ние не тврдиме дека тој е виновен и дека тоа што го говорел го направил, но самиот факт што го помислил и изговорил го руши неговиот кредибилитет, односно кредибилитетот на институцијата и од морално принципиелни и политички причини се одлучивме да го смениме.

Никола Груевски за смената на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Сашо Аќимовски, МИА, 30.12.09

31.12 2009
Непрестанување

Изгледа дека Груевски повторно - нешто слично презеде пред една година - планира да прекине со делбите (кога сака ги почнува, кога сака ги стопира). Веројатно овој пат сака да нè помножи со нула.
Една бугарска поговорка вели дека никогаш нема да го допреме дното, зашто постојано некој (Паско) ни копа дупка под нозете. Е ние го допревме дното, и покрај тоа што Паско и неговиот асистент Груевски не престанаа и не планираат да престанат да копаат дупки во археологијата, во политиката, во економијата.

Злате Лозановски, „Дневник“, 29.12.09

29.12 2009
Навистина смешно

Мислам дека по 5 децении или по 10 децении, ќе се чудат идните генерации што се случувало во овој период да некој толку ги подбуцнува луѓето да се делат на словенски или антички, едните другите да ги омаловажуваат или да ги негираат, тоа е смешно.

Никола Груевски, во изјава за новинари, А1 ТВ, 27.12.09.

28.12 2009
Уште сега

Уште сега си го замислувам нашиот претседател како со мегарска чаша античко-македонско вино во раката, наздравува под копитата на Букефал: „Знаеме кои сме, знаеме што сме, знаеме каде одиме! Да живее ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!“ А хорот на Косана во заднина јачи: „закукало девет удовица, заплакало девет сиротица...“

Жарко Трајаноски, „Дневник“, 23.12.09.

25.12 2009
Метафизика

Што се добива кога некој се обидува по прашањето за одбрана на името и на идентитетот да и' отвори на нацијата трето око, да ја внесе во четврта (античка) димензија и за таа цел да и'го изостри шестото сетило? Се добива петти елемент спакуван како двојно вето, седма сила прогласена за предавничка, осум максималистички барања, кои мирисаат на деветтиот круг и кец-позиција во европското оро. По таквиот дебакл во десет чекори, не ни останува ништо друго освен и понатаму да се занимаваме со производство на чиста метафизика, наречена мерење рејтинзи.

Катерина Блажевска, „Дневник“, 23.12.09.

24.12 2009
Можат

Можат да уценуваат медиуми, можат да се закануваат и да палат коли, можат да рекетираат и грабаат имоти во бизнисот, можат да ги врзуваат своите пратеници хипотекарно, да не мислат со свој ум; можат да ги прават најцрните и најгнасни медиумски кампањи против некого и нешто, се' тоа можат - недвосмислено! Но не можат да донесат важна одлука за државата, која за неа ќе отвори сосема нова развојна можност и целосна сигурност.

Љубомир Д. Фрчкоски, „Дневник“, 22.12.09.

23.12 2009
Џо Луис

Единствен кој е застанат на браникот на татковината, единствен што ги брани името, идентитетот, јазикот, нацијата, историјата, е Грујо со својот политички тим. Тој е боксер. Грујо е „лоунер“, осаменик. Поединец против сите. Грујо е Џо Луис во политиката! Осамен, тивок, без поддршка, со спрепки (и директни и подмолни). Но, во исто време, е талентиран, луциден, непредвидлив, храбар и посветен на својата борба. Борба против меѓународните ариевски Макс Шмелинг горостаси, но и борба против домашните хиени. Џо Луис е нашата единствена одбрана.

Миленко Неделковски (цитиран од Геровски, „Време“, 21.12.09)

22.12 2009

Тутуруткине од “Вечер” тврдат дека јас сум еден од “одбраните новинари” што ги плаќа фондацијата Сорос “за рушење на македонизмот”. На веб-изданието им оставив ваков коментар: “А бе, глупчовци едни, зошто не покажат вашите инспекции некое пусулче, па да се види кога зел Героски пари од Сорос, за трибините на Граѓани за европска Македонија? Или од кого било друг? До кога, бе, ќе тртљате дека земаме пари од грчки или од некои други, таинствени странски извори? Да имаше нешто такво, тајната полиција на ВМРО-ДПМНЕ досега сто пати ќе го откриеше, а вие, нормално, први ќе го објавевте”.
Има ли, бе, во оваа држава некое чоече што се вика Јавен обвинител? Па да не’ поапси нас, предавниците, или да ги поапси овие удбашки и србомански копилиња што се претставуваат за македонски патриоти!

Бранко Героски, „Време“, 19.12.09

21.12 2009
1
Филтер

Во седумдесеттите години кога немаше колор-телевизори, луѓето ставаа на екраните филтри со бои на виножитото и тоа им создаваше илузија дека имаат слика во боја. Владата сега ни нуди токму таков филтер и нè убедува дека црното е бело, зеленото црвено, а само портокаловото - портокалово. Чиј идентитет го брани власта од таква далтонистичка позиција ако претходно, по „букурешки“ принцип, веќе ги подели граѓаните на бругарофили, србофили, грчки сватови и албански снаи. По толку поделби, во земјава не остана ни еден типичен Македонец, освен се разбира, оние ретките што добиле сертификат за тоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Катерина Блажевска, „Дневник“, 19.12.09

21.12 2009
Ах, Ѓелиќ, Ѓелиќ

Ах, Ѓелиќ, Ѓелиќ, за сè е виновен тој Божидар Ѓелиќ, сегашен колега на Наумовски и бивш министер за финансии во српската влада. Да не попуштеше, своевремено, пред убедувањата на Љубчо Георгиевски, па Грујота да си го задржеше за свој советник, наместо овој сега трапаво да глуми лидер вмровски... Не гарантирам за повеќе, ама, во најмала рака, ќе имавме 100 отсто повеќе шанси за прв пат во историјата да бидеме пред Србија. Да, кој знае кај ќе и’ беше алот, ако и таа тргнеше по советите на нашиов „преродбеник“... Биваше ли, стопанката, на толку грчки сватови ем невести на ДУИ, како капак на сè, и српски советник баш сега да нè стрефи!?

Никола Младенов, „Фокус“, 18.12.09.

18.12 2009
Гарнитура

„Гарнитурата“ на г. Груевски на многу лесен начин и со голема политичка ноншалантност успеа да завладее со целокупната јавна сфера во Македонија. Таа потчини под својата „чизма“ сè што можеше: законодавството, извршната власт и јавната управа, администрацијата, полицијата и нејзините служби, регулаторните тела, огромни сегменти од судството, локалната власт, јавните образовни, научни и културни институции, воспостави контрола врз голем дел од медиумите, синдикатите, студентските организации, невладини организации, институти и тинк-тенкови, рекламни агенции и креатори на јавното мислење, ги натера приватните компании здружени во комори да се натпреваруваат во додворувањето кон неа, ги исплаши малите бизнисмени кои се чувствуваат безнадежни и незаштитени од „гарнитурата“. Конечно таа „гарнитура“ стекна контролата и врз шефот на државата. Ништо веќе не постои што е надвор од затворениот и контролиран круг.

Никола Поповски, „Дневник“, 17.12.09

18.12 2009

Препорачуваме

Универзитетите како фабрики

Зошто праќаат полиција против сопствените студенти? Дали се тоа настрани луѓе кои мислат дека младите заслужуваат ќотек?!

Нема веќе предавници на чело на државата

Има нешто добро во смената на власта во Македонија.

Изборните резултати не се позитивни за развојот на една (надежно) либерална демократија

Нашите избори – и кампањата и исходот – само ја намалуваат веќе оскудната нијансираност на политичката понуда.

Во челустите на пандемијата на деснило

Бранот на фашисоидната милитаризација ја плави цела Европа.

ОкоБоли главаВицФото