Животот е некаде другаде

21.03.2011 15:34
Вирџинија Вулф

Life is what happens to you
While you’re busy making other plans
John Lennon

„Сакав да пишувам за смртта но, како и обично, однекаде се појави животот“, во еден дневнички запис се побунила Вирџинија Вулф, како на еден отмено-придушен начин да протестира поради непотребната и необјаснива наметливост на животот.

Нејзините биографи обично прават спротивно, па така, повеќето приказни за нејзиниот живот започнуваат со нејзината смрт, навидум доброволно одбрана. Како и многуте други големи писатели за чие дело светот повеќе нема време, Вирџинија Вулф е претворена во стереотип за масовна потрошувачка, дводимензионален чегеварински лик на протофеминистка која пишувала романи со премалку дијалози, која пушела (како Никол Кидман, со оној бесмислено голем нос кој во филмот „Часови“ никако не можеше да го оживее ликот на Вирџинија) и страдала поради тоа што никој не ја разбирал.

За своевидната скаменетост на познатиот профил на оваа нималку едноставна жена придонесува и навиката на биографите во животните приказни на оние кои самите го забрзале своето заминување да трагаат по детали кои би требало да го претстават таквиот крај како неминовност. Па така, во приказната која завршува на 28 март 1941 г. во плитките, но сепак доволно длабоки бранови на реката Уз, како клучни детали се споменуваат сексуалното злоставување, инцестот, двете светски војни, депресијата и лудилото: премногу за еден живот, за смрт – сосем доволно.

Тој живот започнал во атмосфера која само оддалеку можела да ги најави подоцнежните несреќи. Вирџинија Волф е родена во семејството на Лесли Стивен, познат оксфордски професор, и Џулија Дакворт, убава и благородна жена која била трајно унесреќена поради тоа што предоцна сфатила дека се омажила за бесчувствителен деспот кој, поради зафатеноста со прашањата за судбината на светот, не стигнувал доволно да се занимава со животите на своите четири деца. Затоа и не можел да забележи речиси ништо од она што подоцна ќе ги одреди нивните судбини. Во случајот со Вирџинија тоа ќе биде односот со постарите браќа, деца од првиот брак на мајка и’ – однос кој е обележан со повеќегодишно сексуално злоставување во раното детство.

Тешко е да се каже дали токму тоа е она што ја правело толку исплашена пред животот и толку скептична кога се работи за можноста во тој живот да оствари нешто слично на среќа, но сигурно е дека влијаело на нејзиниот однос кон мажите. Недовербата и отпорот кон спротивниот пол дополнително се засилиле кога на 13-годишна возраст останала без мајка си. Татко им, кој сега ја презел грижата за нив и кој немал најјасна претстава како се прави тоа, бил решен да не ги препушти на улицата, па не ги пуштал да излезат од дома. Посебно својата Вирџинија, која под тоа стаклено ѕвоно немала друг избор освен да им се препушти на книгите.

Читала со страст на очајник, онака како што подоцна и ќе пишува – како некој кому животот му зависи од тоа. Го читала Волтер Скот, воодушевувајќи се од неговата способност да ја претвора суровата историја во романтична приказна; во делата на Џејн Остин ги нашла тенките нишки на карактеристичниот женски светоглед; од Достоевски се учела на храброст во истражувањето на недостапните и мрачни делови на човечката душа, а Пруст и’ помогнал да го сфати значењето на сеќавањата како тоталитет на човечкото искуство, во кое истовремено постојат минатото, сегашноста и иднината.

Почнала да пишува дури откако и’ се причинило дека прочитала сè што требала да прочита. Го правела тоа плашливо и внимателно, како да се плаши дека секој миг некој ќе ја исмее зашто се одважила да се занимава со една толку сомнителна и толку машка работа. Тој вид дрскост, која писателот мора да ја има за да помисли на тоа дека она за што размислува тој може да ги интересира и другите, Вирџинија Вулф нема да ја стекне до крајот на животот. Затоа е многу логично што во својот прв роман „Патување“ (1915 г) таа застанала некаде на половина пат меѓу залудниот миметички реализам, од кој се гнасела, и модернистичкиот израз, во кој гледала единствена, макар слаба можност за воспоставување врска меѓу уметноста и животот. Таа можност постепено растела низ расказите кои ги пишувала во годините по неуспешното првенче, за своите вистински дострели за првпат убедливо да ги најави во романот „Собата на Џејкоб“ (1922 г.). Универзумот на празнината, светот без стожер и потпирка, во делото на Вулф овде за првпат го наоѓа својот вистински израз; Џејкоб го нема во романот, тој постои исклучиво како одраз во свеста на другите ликови, како уверливо предупредување на фактот дека сме пречесто отсутни од она што би требало да биде наш живот, и дека тој живот – како што изјави еден друг англиски поет - ни се измолкнува, поминува покрај нас додека правиме други планови.

Што сè се случува во соочувањето со мигот кога ќе стане предоцна за секакви планови, а прерано за целосно предавање и заминување, Вулф покажува во својот веројатно најдобар роман, „Госпоѓа Даловеј“. 52-годишната Клариса Даловеј својот навидум обичен ден го поминува опасно загледана во мигот кога триесетина години претходно, меѓу двајца мажи, меѓу љубовта и сигурноста, го избрала второто. Одлуката да се омажи за перспективен политичар не била мотивирана од баналниот материјализам туку од желбата да ја зачува слободата преку живеењето со човек кој нема да ги преокупира нејзините чувства. Таа слобода сега и’ се укажува како застрашувачка пустош која се заканува да проголта сè до пред самиот крај на романот, кога веста за смртта на еден сосем непознат за неа млад човек катарзично ќе ја врати во живот. Макар за кратко; сите победи на протагонистот, во делата на Вулф, се само одложување на поразот, оној конечниот. Таква победа однела и самата таа над овој роман, во чија првична верзија било замислено Клариса Даловеј на крајот своеволно да побегне од животот. Длабочината на поистоветувањето и приврзаноста која ја чувствувала кон својот лик ја натерала да создаде уште еден лик, млад воен ветеран кој ќе умре наместо Клариса. Така на одредено време ќе успее да ја измами и сопствената желба за исчезнување, и секој нејзин нов роман во голем дел и’ бил посветен на таа цел: префинетите медитации за животот за неа, пред сè, претставувале начин да побегне од размислувањата за смртта. Во романот „Кон светилникот“ таа побегнува во детството, покажувајќи ја потресната двојност на детската визија на светот, од една страна осветлена со наивната верба дека сè е можно, а од друга страна притисната од претешкото чувство на немоќ кое прави сè да изгледа невозможно. Обичниот, едноставен живот во кој секој миг е исполнет со тивката среќа на постоењето, чија цел истовремено е блиска и далечна исто онолку околку и светилникот во онаа нежна и сурова, делумно резигнирано носталгична приказна. Резигнацијата извира од прашањето, имплицитно поставено на крајот од романот – дали сонот кој се остварува станува лага, или нешто уште полошо?

На Вирџинија Вулф главно и’ се остварувале лошите, кошмарни соништа – пред сè, зашто, како и оние убавите, немала со кого да ги сподели. Неколку години по смртта на мајка и’ останува и без саканиот брат Тоби. Кога се омажила сестра и’ Ванеса, со која била исклучително блиска, решила и самата да се обиде да најде „животен сопатник“. За време на четврт век заеднички живот, Ленард Вулф бил и останал токму тоа: сопатник и немоќен набљудувач на сè поочигледната агонија на својата сопруга. На бракот преполн со разбирање, грижа и пресретливост му недостасувала само љубовта. Затоа Вирџинија ја барала на друго место: најпрвин во кругот на своите пријатели, припадниците на лондонската елита, а потоа и во посебните женски пријателства во кои повремено се обидувала да ја реши претешката загатка на својата поделена, противречна сексуалност. На една од таквите пријателки и’ го посветила романот „Орландо“, во кој модернистички субјективниот однос кон времето е доведен до крајност: ликот минува низ вековите, менувајќи го идентитетот и полот, за на крајот да стигне до онаа точка во времето во која романот настанал: зад него не постои ништо.

Тоа „ништо“ Вулф во својот живот го препознала на почетокот на 1941 г. По двата големи нервни слома и безбројните помали, по едната светска војна чии ужаси едвај ги преживела и на прагот на другата во која чувствувала дека нема да ја издржи, по завршување на романот за кој од почетокот знаела дека ќе и’ биде последниот, толку последен што решила да не го објави, едно мартовско утро сфатила дека повеќе не постои ниедна книга, напишана или ненапишана, која би можела да и’ го продолжи животот. Му напишала само едно писмо на Ленард, да го потсети уште еднаш дека покрај него била најсреќната жена на светот, а потоа го зела својот бастун за прошетка, ги наполнила џебовите со камења и отишла до реката. Се разбира, приказната не завршува овде; овде допрва почнуваат сите приказни за Вирџинија Вулф.

Извор: vreme.com

Uste eden dokaz deka

Uste eden dokaz deka Makedonski jazik kako takov ne postoi, a se tukusto sozdava so prezemanje na Slovenecki, Bulgarski, Srbski Angliski i drugi zborovi.
nekade drugade e tipicen bulgarski zbor.
некаде другаде = некъде другаде

does it ring a bell?

se desava taka sto, koga nekoj preveduva nekoja kniga ne moze da go najde pravilniot makedonski izraz za nekoj zbor, bidejki takov makedosnki zbor vsusnost ne ni postoi, naj lesno e da go prezeme zborot i podocna citatelot da se cudi sto mu e znacenjeto.

ОкоБоли главаВицФото