70 години од смртта на Гркот Зорба

26.05.2011 10:45
Јоргос Зорбас

Пролетта 1922 г. на скопската железничка станица, од возот кој стигнал од Солун, слегол еден мустаќлија. Додека носачите од поштенскиот вагон го истоварале неговиот багаж, непознатиот кај отправникот на возовите се распрашувал каде се наоѓа хотелот „Ловец“. Откако слушнал дека се наоѓа во близина на станицата, дојденецот, кој за сето тоа време за рака држел 10-годишно девојче, им ја кажал адресата на носачите и тргнал по улицата Крал Петар која почнувала речиси од перонот.

Ни првите шетачи кои биле измамени од сонцето на скопската улица ни човекот покрај кој потскокнувала неговата симпатична љубимица Екатарина не можеле да сонуваат дека триесетина години подоцна токму тој ќе стане јунак на славниот роман на Никос Казанѕакис. Можеби уште тогаш дојденецот размислувал за обврската дадена на пријателот Никос дека веднаш по пристигнувањето во Скопје ќе му пишува за првите впечатоци во градот во кој сакал да започне со работа.

Момците во хотелот „Ловец“ биле видно разочарани кога се појавил гостинот чија соба била резервирана еден месец однапред. Се надевале на господин кој гарантирал добра напојница, но во хотелот стигнал необично крупен човек со обичен качкет, далеку од господата кои тогаш стигнувале во градот покрај Вардар. Сопственикот на хотелот им напоменал да му стојат на услуга на новиот гостин, познат грчки трговец кој ги закупил собата во хотелот и шупата во дворот за една година. Подоцна раскажувале дека тој малку бил ситничав околу храната за својата симпатична ќеркичка и дека долго мезел пред да изеде тепсија јагнешки изнутрици со два бокала црно вино.

Следните две десетлетија, сè до смртта, Јоргос Зорбас ќе ги помине во Скопје и ќе биде запаметен по саботните пијанки низ месните кафеани, посебно во гостилницата „Маргер“. Сето тоа, а и она што го работел пред доаѓањето во градот на Вардар, ќе останело на скопските гробишта Бутел да не бил Никос Казанѕакис кој неговиот живот и доживувања ги опишал во романот „Доживувањата на Алексис Зорбас“.

Благодарение на другарувањето и пријателството со Никос Казанѕакис овековечена е скопската епизода од животот на овој голем авантурист. Скопските боеми речиси и да заборавиле на својот учител и дури кога во градот стигнала филмуваната приказна за него, сфатиле дека ги поминувале ноќите со човек кој никогаш не им раскажувал за својата татковина и авантурите кои, врз основа на ликот на Казанѕакис, глумецот Ентони Квин ги прикажал на филмското платно.

Инаку, пишани траги за 20-годишниот живот на Зорбас во Скопје не постојат. Неговите кафеански другари не се интересирале за неговата секојдневна работа, „копање украсен камен“, односно шкрилец, а и зошто би се интересирале кога овој Грк ги плаќал своите и нивните сметки. Некои од нив му завидувале што ја освоил симпатичната вдовица Љуба, ама не бирале начин и средства да се изборат за место на неговата маса во „Маргер“ или „Кермес“.

Според приказната која му ја раскажал на Казанѕакис, Јоргос бил син на овчарот Фотис Зорбас од Катафиги, северна Грција. Уште пред полнолетството избегал од дома иако немал посебна причина, но, како што подоцна признал самиот Јоргос, никако не можел да се помири со помислата да го помине целиот живот на семејниот имот. Семејството Зорбас имале голем имот, стадо овци и кози, и Алексис воопшто не морал да се грижи за својата иднина.

Истражувајќи го животот на својот земјак во романот и на филм, познатиот грчки етнолог Николаос Сормас открил дека Зорбас рано се прочул како дрвосечач и дека првите пари ги заработил соборувајќи стебла нзи грчките планини. Крупно граден, Јоргос добро свирел тамбура и секаде лесно наоѓал друштво. Шетајќи низ Грција, се вработил на Халкидики во ливницата на некој си Јоанис Ксилкунис. Таму се запознал со неговата ќерка, Елена, со која на почетокот скришно се гледале, а потоа и побегнале и тајно се венчале. Имале дванаесет деца од кои седум доживеале длабока старост.

Скитајќи низ Грција во потрага по работа, Јоргос и Зорбас и Никос Казанѕакис се сретнале 1915 г. во пирејското пристаниште, од каде што потекнува и нивното познанство кое ќе прерасне во долгогодишно пријателство. Планирале на отпатуваат на Атос и таму да останат до крајот на своите животи, но наредната година се откажале од своите намери, разделувајќи се како стари другари, со ветувањето дека ќе се допишуваат, каде и да се. Четири години подоцна Казанѕакис, тогаш шеф во Министерството за социјала, го повикал својот пријател да му се придружи при префрлањето хуманитарна помош за Грците кои живееле во кавкаскиот дел на Русија. Во тие денови нивното пријателство ќе се зацврсти уште повеќе и на светот ќе му подари огромно книжевно дело.

На враќањето од Русија, Зорбас му се доверил на својот пријател дека останал вдовец и дека остатокот од животот сака да го посвети за остварување на детскиот сон. „Сакам да имам свој рудник“, му рекол, ветувајќи дека редовно ќе му пишува. Бидејќи и големиот книжевник се откажал од заминувањето на Света гора, сакал да ги види Египет, Индија и Кина.

Казанѕакис за тоа го напишал следново: „Едно утро се разделивме за никогаш повеќе да не се видиме... Тој замина на север и во една планина над Скопје нашол жица од шкрилец, ’бел камен’, купил опрема, собрал неколку пријатели, ангажирал работници и започнал рударска работа. Минирал карпи, направил патишта, довел вода, изградил куќа и се оженил со убавата вдовица Љуба“.

За својата работа Алексис Јоргос веднаш го известил пријателот Казанѕакис, со молбата веднаш да дојде и да го види „прекрасниот камен“ што го нашол во гората над Скопје. Казанѕакис не бил подготвен за пат бидејќи токму тогаш ја донел одлуката да го опише животот на Јоргос. Во заоставштината на грчкиот книжевник останале документи од кои се гледа дека иако разделени тие се исповедале еден на друг и дека дел од таа преписка влегол во романот, а подоцна и во филмот.

Кога Втората светска војна била на повидок, тогаш веќе доктор на правни науки, Никос Казанѕакис решил да присобере уште малку граѓа и конечно да му се посвети на пишувањето на животописот на својот пријател Зорбас. Меѓу бројните документи од заоставштината на писателот најден е и запис во кој Казанѕакис признава дека најстариот син на Зорбас, Андреас, откако дознал дека овој сака да пишува за татко му, му се заканил дека ќе го тужи. Но оваа закана не го поколебала писателот, но била повод тој да го смени насловот на романот во „Доживувањата на Алексис Зорбас“. Интересно е и тоа што дејствието на романот е сместено на Крит, родното место на Казанѕакис, иако Зорбас таму никогаш не престојувал.

Поради некоја случајност, пролетта 1941, кога Казаѕакис започнал со работа над романот, во Скопје од срцев удар починал јунакот на неговото дело, и тоа токму во хотелот „Ловец“ во кој останал да живее по мажењето на ќерка му Екатерина во семејството на познати трговци Јада. Тоа се случило неколку дена пред вмарширањето на бугарските фашистички трупи во градот. По ковчегот кој го превезувал неговото тело во Црниче чекореле десетина луѓе, најчесто неговите кафеански другари.

Оттогаш па сè до 1964 г., кога се појавил филмот „Гркот Зорбас“, ништо не се знаело за остатоците на неговиот главен јунак. Подоцна е утврдено дека по затворањето на гробиштата во Црниче во 1956 г. коските на Јоргос Зорбас се пренесени на главните скопски гробишта Бутел, каде што и денес се наоѓа надгробна плоча која сведочи дека тоа е последното почивалиште на човекот кој на посебен начин ја прослави својата татковина.

Филмот

Иако е снимен 1964 г., филмот „Гркот Зорба“ до денес остана она по што грчката кинематографија е најпозната. Истото важи и за режисерот Михалис Какојанис (подоцна никогаш не го повторил успехот), а можеби најмногу за Ентони Квин, глумецот кој за време на својата богата кариера оствари над 150 улоги, но за многумина беше и остана – Гркот Зорба. Покрај него, во филмот играа и Алан Бејтс, британски глумец чии денови на слава допрва доаѓаа, Ирена Папас, една од најславните грчки глумици, како и Лила Кедрова, која доби и Оскар за улогата на Мадам Хортензие, поранешна проститутка и сопственичка на хотелот на островот каде што се одигрува дејствието. Оскар добија и Василис Фотопулос за сценографија, како и Волтер Ласали за камера.

Уште еден интересен податок е тоа што кореографот Јоргос Провиас и композиторот Микис Теодоракис за последната сцена на филмот смислија посебен танц (и музика), денес широко познат низ светот како – сиртаки.

Што се однесува до Никос Казанѕакис (1883-1957), тој е познат грчки писател, филозоф и новинар со потекло од Крит. Автор е на романи, песни, есеи и патеписи. Спаѓа меѓу најпреведуваните грчки писатели од 20-от век, иако славата ја стекнал посмртно, т.е. по прикажувањето на филмот. Американскиот режисер Мартин Скорзесе според неговиот роман „Последното искушение“ во 1988 г. го сними филмот „Последното Христово искушение“.

Извор: Политикин забавник

Слични содржини

Живот
Јавни Простори / Живот

ОкоБоли главаВицФото