Лето

20.07.2015 11:00
Лето

Летото е постојан, дефинитивен и ултимативен доказ на кусата меморија на овдешниот човек, а богами и на неговата непостојаност. Нема, буквално, лето во последниве педесетина години во Скопје кое не е оквалификувано како „никогаш не било волку жешко“. И ако направите мала анкета меѓу скопјани, задолжително ќе добиете одговор дека зимата многу полесно се поднесува од летото: „Зиме можеш да се облечеш, ама лете не можеш кожата да си ја скинеш“ (се разбира, оние што доволно долго и невнимателно се „пржеле“ на летното сонце, знаат дека и кожата може да се соблече). Состојбата е слична и во зима, само во контра насока: „Ах, кога ќе дојде тоа лето, да прекинат овие магли и студови“.

Сепак, Скопје нема „микро-клима“, како што пее Влатко Стефановски во својата скопска химна, ниту „изгор лето“, а уште помалку „кочан зима“. Поточно, има, ама не преку цело лето, а уште помалку преку цела зима. Знаеле и знаат тука зимите да бидат благи, а летата дождливи и променливи. Минатата година, на пример, во ова време се истури дожд паѓање, со есенски температури, но затоа крајот на август и септември беа вистинско лето. Сепак, во одредени непрецизирани периоди, како сега, на пример, ќе дофатат оние скопски горештини со плус 40 во сенка (ако во градот воопшто некаде остана сенка), кога навистина е непријатно да се најдете на врелиот асфалт и кога луѓето не шетаат, туку се влечат по тротоарите со згрчени лица што потсетуваат на вештачка насмевка, а всушност се производ на пренесувањето на енормната надворешна температура врз нивните тела.

Летото, значи, е она годишно време што ја прави разликата меѓу луѓето и животните. За разлика од животните, човекот, ете, го избрал летото да се одмора и хибернира. Животните, пак, преносно, а некои и буквално, паѓаат во зимски сон, додека во остатокот од годината (вклучувајќи го тука и летото) се активни. Љубителите на домашни миленичиња знаат дека, на пример, нема слаба мачка-скитник, затоа што мачките ја таложат својата храна во масти, што потоа преку зима (кога нема толку ресурси) ги трошат. Конечно, сетете се на васната за штурецот и мравката. Наравоучението е јасно, ако го користиш летото за одмор и релаксација, преку зима ќе немаш пари ни греење да платиш, додека мравката ќе ужива во плодовите на својата работа.

Оваа разлика меѓу луѓето и животните, всушност, е еволутивна и цивилизациска и произлегува од конзервативниот, но сепак ефикасен пронајдок на – облеката. И, следствено, на кремата за сончање со заштитен фактор. Со други зборови, воведувањето на облеката го ослободува човекот од крзното и му овозможува да ги контролира последиците на надворешниот климатски фактор врз неговото тело. Тоа значи дека со пронајдокот на облеката се отстрануваат причините за селење од место до место во потрага за поблагопријатни услови за опстанок. А како секундарен бенефит е појавата на текстилната индустрија, модата итн., кои пак натаму ја развиваат човековата цивилизација.

Ако гледате на работите низ оваа призма, тогаш сигурно утешно ќе ви дојде сознанието дека и политичарите се – луѓе. Имено, и тие не сакаат да работат во лето. Не случајно 29 јуни беше избран за датум за завршување на преговорите за излез од овдешната политичка криза. Добро, традиционално се доцнеше две недели, но не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека и до дефинитивното потпишување во ноќта меѓу 14 и 15 јули се дојде, меѓу другото, затоа што тогаш започнува вистинската летна сезона. Не сум далеку од помислата дека и семејствата (сопругите и децата) на лидерите на политичките партии, а богами и на европските посредници го извршиле пресудниот притисок: „Мислиш ли ти дека и ние треба да одиме на одмор“; „Да не ти каже некој фала што ќе се расправаш цело лето“... Уште повеќе, мислам дека општото и консензуално задоволство од потпишаниот договор се должи токму на обезбедениот мир дома. А ако немате семејна хармонија, не можете концентрирано да се грижите ни за македонските национални интереси. Тоа, се разбира, не значи дека договорот ќе се испочитува и наесен. Тогаш и семејството има други грижи (есенска и зимска гардероба, почнува школската година, зимница итн.).

Лето е, значи, календарски период меѓу 21 јуни и 22 септември, едно од четирите годишни времиња, што доаѓа после пролетта, а ѝ претходи на есента. Во колективната свест (веројатно поради немањето сериозна земјоделска, сточарска, а како што гледаме ни политичка работа) летото има позитивна конотација („После пролетта доаѓа лето“, „Сто зими, едно лето“...). Продолженото лето, она што доаѓа по зададените астрономски термини, политички целосно некоректно, се нарекува циганско лето, наводно затоа што луѓето веќе се истрошиле по слави (денес би рекле по годишни одмори), односно ги потрошиле своите резерви, па ова лето е сиротинско и сиромашно, односно циганско. Синоним за циганско лето е бапско или бабје лето, наречено така според конците на мрежата што во тој период ја плете пајакот од семејството lynuphiidae, а кои се забележливи и кај нас, како лебдат во воздухот на есен. Народот овие конци ги нарекува „бабини влакна“ или „бабина коса“, па оттука и бапско лето. Според легендите, тоа е периодот кога бабите уште можат да ги загреат своите коски. Некаде овој период е наречен михолско или мартијанско лето, според светците што католиците ги слават во тој период (Св. Миховил и Св. Мартин). Во Северна Америка продолженото лето се нарекува индијанско, претпоставувам од истите расистички причини од кои кај нас се нарекува циганско.

Потеклото на зборот „лето“ е од старословенскиот „лето“, што значи, всушност, година. Во архаичниот јазик, па и во говорниот, лето се употребува и за година: „лето господово...“. Затоа и терминот за годишник е „летопис“, додека годишниот земјоделски принос е „летина“. Инаку, во некои од словенските јазици „лето“ се има задржано и во значење на година (во рускиот, полскиот, словенечкиот...). Според лингвистите, основниот корен на зборот е индоевропскиот „лехт“ што значи ден.

Кај нас и онака се’ е ден-година, што би рекле старите.

ОкоБоли главаВицФото