Ноќна средба

24.06.2011 13:00
Ноќна средба

Џорџо Духамел во ниедно време со двајца пријатели излегуваше од едно ноќно забавиште. Беше прекрасна влажна, студена и магловита ноќ, со своите улични светла полни зла коб. На празната улица се наоѓаше некој изгубен стар скитник кој се тетеравеше и беше сам. Џорџо беше млад, отмен и расположен за шега.
„Еј, деденце, се клатиме, а? Колку?“
Скитникот едвај чујно квичеше.
„Велам, колку литри?“
Тој бавно го крена изобличеното лице и го погледна. Светлото од уличната светилка го осветли на посебно драматичен начин. Џорџо почувствува нешто што не знаеше како да го опише.
„Како се викаш, ноќно страшило?“
Зошто го праша тоа? Кој му го дошепна прашањето?
Скитниот ја крена главата, а сенката на искинатиот шешир му го покриваше лицето. Рече: „Џорџо“.
„Еј, баш фино. Исто како мене!“ Па дури и се насмеа.
Човекот молчеше, неподвижен.
„Кажи ми го“, продолжи Духамел, „и презимето.“
„Презимето?“, рече човекот, ситничаво двосмислен, како да не сфаќаше.
„Велам, твоето презиме.“
Скитникот длабоко воздивна.
„Презимето?“, повтори. Долго се мислеше: „Вие, господине, сакате да го дознаете моето презиме?“
„Ајде, кажи, страшило ниедно!“
Тишина. Потоа старецот почна да изговара слог по слог.
„Ду... Ду... Духа... Духа...“
Постепено го креваше лицето, светлото ги оддаваше неговите страшни црти.
„Духа... Духа... Духам...“
Џорџо отстапуваше наназад; повеќе не се смееше.
„Духам... Духа...м Духам...“
Најпосле Џорџо сфати. Овој страшен човек!
Самиот тој, за половина час.

Дино Буцати (1906-1972) е познат италијански писател. Пишувал раскази, романи, поезија и драми, сликал, цртал стрипови, илустрирал. Долго време во животот работел како новинар. Негови познати дела се збирките раскази „Продавница на тајни“ и „Тешки ноќи“, романот „Татарска пустина“ и др. Расказот што ви го претставуваме денес е земен од последната книга со која постигнал успех, како кај читателите така и кај критиката - „Тешки ноќи“.

Слика: Виктор Пивоваров

Друг расказ од Буцати на Окно - Шега.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Мајка [к:1]

ОкоБоли главаВицФото