Израел намерно ја заборава својата историја

12.07.2011 11:19
Израел намерно ја заборава својата историја

Секој жител на Израел знае дека тој или таа е директен потомок на еврејскиот народ кој постои откако ја примил Тората (основен текст на јудаизмот) на планината Синај. Според овој мит, Евреите побегнале од Египет и се населиле во Ветената земја, каде што Давид и Соломон го изградиле славното кралство кое подоцна се поделило во кралствата Јудеја и Израел. Двапати биле во прогонство: по уривањето на Првиот храм, во 6 век п.н.е., и по уривањето на Вториот храм, во 70 година од н.е.

Две илјади години скитање ги довело Евреите во Јемен, Мароко, Шпанија, Германија, Полска и во длабочината на Русија. Но, ако им се верува на приказните, тие секогаш успевале да ги зачуваат крвните врски со расштрканите заедници. Нивната уникатност секогаш останувала зачувана.

Кон крајот на 19-от век почнале да се стекнуваат поволни услови за нивно враќање во древната татковина. Да не се случел нацистичкиот геноцид, милиони Евреи би го исполниле сонот стар 20 века и повторно би го населиле „Ерец Израел“, библиската земја Израел. Девствената Палестина ги чекала своите првобитни жители да се вратат и да ја разбудат од сонот. Таа му припаѓала на еврејскиот народ, а не на некое арапско малцинство без историја, кое тука се населило по игра на случајот. Војните во кои скитачкиот народ повторно ја освоил својата територија биле праведни; насилниот отпор на месното население – криминален.

Ова толкување на еврејската историја го развија талентираните, фантазерски историчари кои ги надоградуваа преживеаните фрагменти од еврејското и христијанското сеќавање за да ја состават непрекинатата генеалогија на еврејскиот народ. Богатата историографија на јудаизмот опфаќа многу различни пристапи.

Меѓутоа, ниеден од овие пристапи не ги доведе во прашање основните концепти развиени кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Маргинализирани се откритијата кои можат да го загрозат линеарното минато. Националниот императив ја отфрлаше секоја неускладеност или отстапување од доминантниот наратив. Катедрите на универзитетите, посветени исклучиво на „историјата на еврејскиот народ“, наспроти катедрите на кои се изучува она што во Израел е познато како општа историја, во голема мера придонесоа за ваквото селективно гледање. Расправата за тоа што е еврејско очигледно има одредени правни импликации, но историчарите го игнорираа следново: што се однесува до нив, секој потомок на народот кој е натеран во прогонство пред 2000 г. е припадник на еврејскиот народ.

Покрај тоа, ниеден од овие официјални истражувачи на историјата не се вклучи во контраверзната расправа која ја испровоцираа „новите историчари“ кон крајот на 1980-те. Повеќето малубројни учесници во оваа јавна расправа им припаѓаа на други дисциплини или неакадемски кругови. Беше тоа група социолози, ориенталисти, лингвисти, географи, политиколози, филолози и археолози кои развија нови погледи на еврејското и ционистичкото минато. Катедрите кои се занимаваат со еврејската историја останаа дефанзивни и конзервативни, засновајќи ги своите ставови на претходно прифатените идеи. Иако во националната историја немаше големи поместувања за време на последниве шеесет години (што веројатно нема да се смени во блиска иднина), фактите кои се откриени би требало да го натераат секој чесен историчар да ги преиспита своите основни ставови.

Разнишани основните митови

Дали Библијата е историски текст? Првите модерни еврејски историчари, Исак Маркус Јост (1793-1860) и Леополд Зунц (1794-1886), кои своите книги ги пишувале во првата половина на 19-от век, сметале дека не е. Тие го сметале Стариот завет за теолошко дело кое ги одразува верувањата на еврејските верски заедници по уривањето на Првиот храм. Дури во втората половина на 19-от век, Хајнрих Грец (1817-1891) и други развиле „национално“ гледање на Библијата, претворајќи ги патувањето на Аврам во Канаан, бегството од Египет и обединетото кралство на Давид и Соломон во автентично национално минато. Со често повторување, ционистичките историчари ги вградиле овие библиски „вистини“ во базата на националното образование.

Меѓутоа, во 1980-те години овие библиски темели беа длабоко разнишани. Откритијата на „новата археологија“ го дискредитираа големиот егзодус од 8-от век п.н.е. Стана невозможно Мојсеј да ги извел Евреите од Египет до Ветената земја, бидејќи Ветената земја во тоа време била египетска територија. Исто така, не постои ни трага од побуната на робовите против фараонското царство, ниту тоа дека Канаан наеднаш го освоила странска војска.

Исто така, не постои ни трага ни сеќавање на величественото кралство на Давид и Соломон. Неодамнешните откритија укажуваат на постоење на две мали кралства во тој период: Израел – кој бил помоќен, и Јуде, подоцна Јудеја. Општото население на Јуде не е протерано во 6 век п.н.е.: само политичката и интелектуалната елита била приморана да се насели во Вавилон. Оваа решавачка средба со персиската религија го изродила еврејскиот монотеизам.

Сега доаѓаме до прашањето за прогонот од 70-та година од н.е. Не постои сериозно истражување за оваа пресвртна точка во еврејската историја, настан поради кој се случило расејување. Објаснувањето е едноставно: Римјаните никогаш не протерале која било нација од просторот на источниот брег на Средоземјето. Ако ги исклучиме војниците одведени во пленство, жителите на Јудеја продолжиле да живеат во својата земја по уривањето на Вториот храм. Некои го примиле христијанството во 4-от век, додека поголемиот дел го примиле исламот за време на арапските освојувања во 7 век.

Повеќето ционистички мислители биле свесни за сево ова, но Јицак Бен Зви, подоцна претседател на Израел, и Давид Бен Гурион, првиот премиер на оваа земја, ги прифатиле овие сознанија дури во 1929 г. за време на големиот палестински бунт. Обајцата во повеќе наврати тврделе дека палестинските селани се потомци на жителите на древната Јудеја.

Прозелитски жар

Ако немало прогон во 70 г. од н.е., тогаш од каде дошле сите Евреи кои го населуваат Средоземјето од антички времиња? Димната завеса на националната историографија ја прикрива запрепастувачката реалност. Од Макабејската побуна во 2 век п.н.е. до Бар Кокба побуната во 2 век од н.е., јудаизмот бил најагресивната вероисповед во регионот. Јудео-хеленските Хасмонејци насилно ги преобратувале Идумејците од јужна Јудеја и Итурејците од Галилеја, по што тие станале дел од израелскиот народ. Јудаизмот се ширел низ Блискиот исток и по бреговите на Средоземјето. Така, на пример, во 1 век од н.е. настанало еврејското кралство Адиабена, во денешен Курдистан, како едно од многуте настанати со насилното преобраќање на населението во јудаизам.

Записите на Флавиј Јозеф не се единствениот доказ за еврејскиот прозелитизам. Хорациј, Сенека, Јувенал и Тацит се само некои од римските писатели кои пишувале за својот страв од оваа појава. Мишна и Талмудот (рабинска литература) дозволувале насилно преобратување во јудаизам, иако тогашните учени луѓе, познавачи на талмудската традиција, ја изразувале својата внимателност во светло на растечкиот притисок од христијанството.

Иако триумфот на христијанството во раниот 4 век не значело крај на еврејската експанзија, преобратувањето во јудаизам се нашло на маргините на христијанската култура. Во текот на 5-от век, во модерен Јемен, настанало моќното еврејско кралство во Химијар, чии потомци ја зачувале својата вера за време на исламските освојувања па сè до денес. Арапските хроники споменуваат преобратување на берберските племиња во јудаизам во текот на 7-от век. Кон крајот на тој век, нивната легендарна кралица Дихија му се спротивставила на напредувањето на арапската војска во северозападна Африка. Еврејските Бербери учествувале во освојувањето на иберискиот полуостров и помогнале да се воспостави единствената симбиоза меѓу Евреите и муслиманите, која била главна одлика на шпанско-арапската култура.

Најголемите масовни преобратувања во јудаизмот се случиле во осмиот век, во огромното хазарско кралство кое се протегало меѓу Црното и Каспиското море. Ширењето на јудаизмот од Кавказот во модерна Украина создало огромен број еврејски заедници. Повлекувајќи се пред монголската инвазија во 13-от век, многумина од нив се населиле во источна Европа. Заедно со Евреите кои живееле во словенските земји на југ, и оние од територијата на денешна Германија, овие заедници ги поставиле основите за јидиш културата (Јидиш бил германско-словенски јазик со вметнати хебрејски зборови. На Јидиш зборувале источноевропските Евреи).

Низ призмата на ционизмот

Сложеното потекло на еврејскиот народ било неволно прифатено во ционистичката историографија, сè до 1960-те години. Меѓутоа, потоа истото беше маргинализирано, а потоа и конечно избришано од сеќавањето на израелската јавност. Израелските сили кои во 1967 г. го зазедоа Ерусалим се сметаа за директни потомци на кралот Давид, а не на берберските воини или хазарските коњаници. Евреите тврдеа дека тие се посебна етничка група која се вратила во Ерусалим, својата престолнина, по 2000 години прогонство и скитања.

Оваа монолитна, линеарна граѓа наводно, покрај историските, ја поддржуваат и биолошките факти. Почнувајќи од наводно научните истражувања од 1970-те, Израел очајнички се обидуваше да докаже дека Евреите низ светот се генетски блиско поврзани.

Истражувањето на потеклото на одредени народи денес се смета за легитимна и популарна област од молекуларната биологија. Машкиот Y хромозом доби почесен статус во налудничавата потрага по уникатното потекло на „избраниот народ“. Проблемот е во тоа што оваа историска фантазија почна да служи како потпора за политичкиот идентитет на израелската држава. Потврдувајќи ја есенцијалистичката, етноцентрична дефиниција на јудаизмот, таа ја поттикнува сегрегација на Евреите од не-Евреите – без разлика дали тие се Арапи, руски емигранти или странски работници.

Шеесет години по своето основање Израел одбива да го прифати фактот дека тој постои поради своите граѓани. Правно, тоа не е држава на една четвртина од своите жители кои не се чувствуваат како Евреи. Во исто време, Израел се претставува како татковина на Евреите низ светот, дури и оние кои повеќе не се прогонувани бегалци туку полноправни и еднакви државјани на други земји.

Глобалната етнократија се повикува на митот за вечната нација, повторно собрана во земјата на своите претци, за да ја оправда внатрешната дискриминација на сопствените граѓани. Можноста за нова еврејска историја е тешко замислива сè додека призмата на ционизмот ќе разгледува сè низ етноцентричкиот спектар. Меѓутоа, Евреите низ светот отсекогаш се стремеле кон формирање верски заедници, обично преку преобратување на новодојденците во нивната вера, така што не може да се каже дека сите тие, по 20 века скитање и расејување, го делат истиот етницитет кој потекнува од единственото потекло.

Развојот на историографијата и модернитетот како последица имаше пронаоѓање на нацијата-држава, со што интензивно се занимаваа милиони луѓе во текот на 19-от и 20-от век. Во новиот милениум, овие соништа постепено почнаа да се уриваат.

Истовремено, се зголемува бројот на научници кои ги анализираат, ги разложуваат и ги деконструираат големите национални бајки, посебно митовите за заедничкото потекло, толку мили на историчарите кои живееја во минатите векови.

 

Шломо Санд е професор по историја на универзитетот во Тел Авив и автор на книгата „Како е измислен еврејскиот народ“ (Comment le people juif fut invente, Fayard, Paris, 2008; Англиско издание: The Invention of Jewish People, Verso 2009).

Извор: Le Monde diplomatique

Фотографии: Стивен Бидлс

Imal li nekoj istoto da ni go

Imal li nekoj istoto da ni go objasni i nam "potomcite" na Aleksandar.

ОкоБоли главаВицФото