Слаби државници, уште послаб народ!

09.01.2014 15:11
Слаби државници, уште послаб народ!

Блед, нервозен, болежлив и слаб чoвек седи на својата работна маса и пишува ноти. Компонира симфонија. Работи внимателно и се служи со сите тајни на занетот кој го научил. Симфонијата ја изведува оркестар од сто и педесет луѓе; во третиот став, настапуваат десет тимпани, петнаесет барабани и оргули; во последниот став, им се придружува хор од осум гласови и петстотини членови, како и дополнителен оркестар составен од дувачи и тапани. Публиката е маѓепсана од настапот на оваа огромна сила, од нејзината заводлива моќност.

Нашите државници и политичари - како и целата владејачка класа, во сѐ поголема мера - нѐ потсетуваат на тој композитор, кој всушност нема никаква моќ, но лесно управува со масите како некоја надворешна сила. Нашите политичари и државници исто така ја кријат вистинската слабост и беспомошност зад џиновскиот оркестар, кој ја слуша секоја нивна команда. Во овој случај, оркестарот е составен од луѓе под оружје, војска.

Гневните повици на политичките партии, пцовките на граѓаните и работниците, тупаниците кои се стискаат во џебовите, сета таа опозиција и критика на власта, не се сфаќаат премногу сериозно затоа што им недостига поддршката на елементот кој кај секој народ е природно најрадикален: младите луѓе, помеѓу дваесет и дваесет и пет години. Тие луѓе се посторени во трупи под команда на нашата неспособна влада и спремни се беспоговорно да ја извршат секоја нејзина наредба. Бидејќи тоа е така, тие само помагаат сета беда на нашата политичка состобја и неспособноста на нашата влада да останат незабележани, гледано однадвор или одвнатре, дури и во очите на самиот режим.

Ние социјалистите знаеме како социјализмот - то ест, непосредната комуникација на вистинските интереси на луѓето - се бореше против владеењето на привилегираните и измислицата на нивната политика во текот на последните повеќе од сто години. Сакаме да продолжиме и да ја зајакнеме таа силна историска тенденција, која тежнее кон слобода и правда. Сакаме да го постигнеме тоа со будење на духот и создавање на поинаква општествена стварност. Не нѐ интересира никаква државна политика.

Ако со сите на недуховната и насилна политика сепак успеале да создадат големи личности, то ест силни политичари, надарени со визија и енергија, тогаш би можеле да имаме почит за тие луѓе, дури и ако се наоѓаат во непријателскиот табор. Би можеле да се помириме со фактот дека власта на старите сили ќе потрае уште некое време. Сепак, станува сѐ поочигледно дека државата не почива на луѓето со цврст дух и голема природна сила. Таа, во сѐ поголема мера, почива на човечкото незнаење и пасивност. Тоа важи дури и за најнесреќните меѓу нив, за пролетерските маси. Масите сѐ уште не сфаќаат дека мораат да ја напуштат државата и да ја заменат, дека мораат да создадат нешто друго. Тоа не важи само за Германија, туку и за останатите земји.

Од една страна, ја имаме моќта на државата и беспомошноста на масите, разбиени на немоќни поединци; од друга страна, ја имаме социјалистичката организација, општеството над општествата, сојузот над сојузите, со еден збор, народот. Борбата помеѓу тие две страни мора да стане реална. Моќта на државата, важечките закони и оние кои го застапуваат стариот поредок сѐ повеќе ќе ослабнуваат. Целиот систем би можел да исчезне без трага кога луѓето би почнале да се конституираат како народ независно од државите. Но, луѓето сѐ уште не го сфатиле тоа. Сѐ уште не им е јасно дека државата ќе продолжи да извршува одредени фунции и да се укажува како неминовност, сѐ додека она што би требало да ја замени, социјалистичката старност, не заживее.

Масата може да се преврти, а прозорецот да се скрши. Сепак, оние кои мислат дека и државата е само предмет, слична на фетиш, која може да се уништи така што ќе се искрши, не се ништо друго освен софисти и наивни следбеници на Зборовите. Државата е состојба, однос помеѓу луѓето, начин на кој луѓето се однесуваат едни кон други; таа може да се уништи само ако стапиме во поинакви односи, така што ќе почнеме да се однесуваме поинаку едни кон други.

Апсолутистичкиот монарх рекол: државата, тоа сум јас. Ние, кои се затекнуваме себеси заробени во рамките на апсолутистичката држава, мора да и’ погледнеме на вистината во очи: државата, тоа сме ние; и тоа ќе биде така, сѐ додека не сме нешто друго, сѐ додека не создадеме институции неопходни за вистинска заедница и вистинско општество на човечки суштества.

Извор: Revolution and Other Writings: A Political Reader, PM Press 2010

Слични содржини

Општество / Историја
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото