ЕУ река (27): Прудон, анархистот

04.02.2020 22:41
ЕУ река (27): Прудон, анархистот

Пјер Жозеф Прудон

Пјер Жозеф Прудон (Pierre-Joseph Proudhon; 1809 — 1865) — француски економист и општествен филозоф, еден од првите анархистични мислители (бил првиот филозоф кој се нарекувал себеси анархист). Анархистите и денес црпат инспирација од самоукиот француски печатар и словослагач.

Прудон ги критикувал социјалните теоретичари кои граделе сложени системи со намера да го контролираат секојдневниот живот и биле во конфликт со човечката природа, лишувајќи ги луѓето од неприкосновените лични слободи. Прудон сакал ново општество кое би ја довело до максимум индивидуалната слобода.

Со копнеж се осврнувал на прединдустриското општество, кое го сметал за неоптоварено со експлоатација и корупција и со големите производители и финансиери.

Многу ја ценел работата и сакал да ги ослободи работниците од експлоатацијата и лажните вредности на индустрискиот капитализам. Тврдел дека разбудената работничка класа ќе изгради нов морален и општествен поредок.

Прудон верувал дека луѓето ќе се однесуваат чесно едни кон други, дека ќе се почитуваат едни со други и ќе ги развиваат своите можности до максимум во општество со ситни селани, сопственици на продавници и занетчии. На таквото општество нема да му биде потребна влада. Владата само ги поттикнува привилегиите и ја сузбива слободата:

Да дозволите некому да владее со вас, значи да му дозволите да ве посматра, испитува, шпионира, насочува, да донесува закони, да ве уредува, категоризира, да ви проповеда, да ве контролира, да ве цензурира, да ви наредуваат луѓе кои немаат ни право ни знаење ни доблест. Да дозволите некој да владее со вас, во сѐ што правите, во секоја деловна активност, во секое движење... да бидете регистрирани, контролирани, оданочувани... угнетувани, реформирани, прекорувани, апсени. Тоа, со изговор на општиот интерес, значи да бидете оданочени, спроведени... експлоатирани... угнетувани, казнувани парично, злоупотребувани... Тоа е владата, тоа е нејзината неправда, тоа е нејзината моралност.

Прудон помалку бил теоретичар, а повеќе човек кој умеел да се изрази со голема страст на разочараност и гадење за новото индустриско општество кое се развивало во Европа.

 Избор: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Превод; Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото