ЕУ река (26): Технократскиот социјализам на Сен-Симон

31.01.2020 21:26
ЕУ река (26): Технократскиот социјализам на Сен-Симон

СЕН-СИМОН И ТЕХНОКРАТСКИОТ СОЦИЈАЛИЗАМ

По потекло од угледно француско аристократско семејство, грофот Анри од Сен-Симон (1760-1825) се откажал од својата титула за време на Француската револуција и со воодушевување проповедал создавање ново општество. Тој ги согледал недостатоците на општеството на кое му била потребна реорганизација: критичката филозофија на просветителството го разнишала Стариот поредок, но таа не обезбедила водечки принцип за реконструкција на општеството. Сен-Симон верувал дека неговата мисија била правилно да го постави општеството така што ќе обезбеди разбирање за новата доба која се обликува со помош на науката и индустријата. Многумина од најумните млади луѓе верувале дека се во неговата мисија.

Сен-Симон тврдел дека, токму како што христијанството обезбедило општествено единство и стабилност во средниот век, научното знаење ќе го поврзе општеството со неговото време. Научниците, инженерите, индустријалците, банкарите, уметниците и писателите, како општествена елита ќе ги заменат непродуктивните класи - свештенството, аристократијата и безработните богаташи.

Сен-Симон негувал романтична љубов кон духот и талентот. Мислел дека во новата индустриска доба контролата на општеството мора да премине кај „индустријалците“, продуктивните луѓе кои ќе ја впрегнат технологијата за развој на човештвото и ќе ги елиминираат причините за општествените конфликти.

Следбениците на Сен-Симон се залагале да се изградат голема железница и системи со канали, вклучувајќи ги и Суецкиот и Панамскиот канал. Неговата визија за рационално планирано и ефикасно водено општество кое го водат обучени стручњаци претставувала моќна сила меѓу интелектуалците во 19 век.

Сен-Симон, како и просветителите, ја ценел науката, имал доверба во моќта на разумот да се поправи општеството, и верувал во извесноста на прогресот во склад со законите на општествениот развој. Како и просветителите, го критикувал свештенството зашто се држело до празноверието и догмите на сметка на моралот. Суштината на христијанството, зборувал тој, се состоела во златното правило - возвишена заповед дека луѓето меѓусебно треба да се однесуваат како браќа и сестри. Според Сен-Симон, традиционалното свештенство, откако ја поставило догмата над моралниот закон, го изгубило своето право да ја води Европа, исто како и аристократијата пред Француската револуција. Повикувал на „ново христијанство“ (наслов на една од неговите книги) - за да служи како противотров на себичните интереси.

Мислата на Сен-Симон открива неколку социјалистички елементи: индустриското општество создало нова фаза во историјата; слободниот индивидуализам бил штетен за општеството, а креативното и колективно планирање биле неопходно за да се води борба против општествените зла. Но она што било важно за марксистичкот социјализам не било присутно во концепцијата на неговата мисла: тој не го согледувал општеството поделено на класи со конкурентски интереси.


Избор: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
На сликата: Хемиската фабрика St.Rollox и отворањето на железничка линија во Глазгов во 1831 г.; насликано од D.O.Hill
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото