Стравот на сите стравови

08.08.2011 16:14
Стравот на сите стравови

Да ги оставиме нашите мачни, секојдневни, навидум нерешливи проблеми и да се спуштиме пет илјади километри на југоисток, ќе видиме нешто што можеби е очекувано, но ретко забележано во таков обем – една речиси неверојатна слика на човечкиот ужас. На крајниот исток на африканскиот континент, во областа која се нарекува Рогот на Африка, моментално владее страшna глад, предизвиканa од суша каква што не е запаметена барем 60 години наназад.

Во желбата некако да преживеат, стотина илјади луѓе од оваа област тргнуваат на пат барајќи спас во далечните бегалски кампови. Според податоците на Обединетите нации состојбата моментално е најстрашна во Јужна Сомалија, во областите Бакул и Долен Шабел, каде што луѓето немаат никаков друг избор освен да умрат од глад. Затоа илјадници луѓе дневно решаваат да тргнат во неизвесен поход во надеж дека некаде другаде ќе пронајдат спас.

Луѓето од Јужна Сомалија во бранови поминуваат стотици километри целосно сува земја. Семејствата патуваат дваесет дена низ пустината. Во таа голгота, некои од нив се принудени да пијат само вода зашто речиси нема начин како да се задоволи гладот. Никаде на хоризонтот нема жива стока, растителна храна или што било што може да се јаде. Некои групи на патот се соочуваат со исцрпеност и со заразни болести, но и со опасност од вооружените исламисти. Бегалците ги носат со себе немоќните, но соочени со безизлезната ситуација, зад себе ги оставаат оние кои нема да го преживеат патувањето – најчесто деца.

Една од насоките на движење на бегалците од Сомалија води во Кенија, каде што на границата се наоѓа бегалскиот камп Дадааб, чие размери станаа џиновски. Во кампот кој може да прими 90.000 луѓе моментално се наоѓаат 390.000 бегалци од Сомалија. Условите во него се страшни, храна нема доволно, се зголемуваат заканите од епидемија, а безбедноста е сериозно загрозена – забележан е голем пораст на случаи на силување.

Секој ден во Дадааб стигнуваат меѓу 1300 и 1500 нови бегалци. Обединетите нации и хуманитарните организации секој ден апелираат да се пронајдат средства неопходни Рогот на Африка да се прехрани. Меѓутоа, веќе со недели нивниот глас едвај се слуша.

Скалата на бедата

Според класификацијата која пред 7 години ја предложија Пол Хоув и Стефан Деверо, степенот на распространетост, како и на „интензитетот“ на гладот може да се мери на скала од нула до пет степени. Но, во мерењето на гладта најчесто се користи таканаречената IPC скала (Integrated Food Security Phase Classification) која ја разви FAO, организацијата за храна и земјоделие на ООН. Судејќи според актуелната IPC скала, мапата на регионот е загрозена како никогаш порано во последните 25 години.

Моментално на Рогот на Африка само планинските области во Етиопија, потоа областа околу престолнината Адис Абеба, како и областа во Кенија околу Најроби, не стравуваат од глад – снабдувањето и цената на храната се стабилни, повеќе од 80 отсто од домаќинствата ги задоволуваат своите основни потреби, а смртноста е релативно ниска. На жителите по глава на жител им се достапни над 2100 килокалории храна и четири литри вода, колку што на ден бара човечкиот метаболизам.

Меѓутоа, сите други области во четирите држави се наоѓаат во гранична алармантна состојба, при што снабдувањето со храна не е безбедно, цените на храната се нестабилни и владеат немаштии. Всушност, најголемите области веќе се на третиот степен, во состојба на криза – речиси три четвртини од Кенија, половина Етиопија, практично цела Сомалија и граничните области во Џибути. Тоа значи дека општествениот систем е разнишан, но ја задржа кохезијата, дека мерките што се преземаат се неадекватни, а најмалку 20 отсто од домаќинствата чесно не можат никако да дојдат до храна.

Дури половината од овој регион, кој постојано е во криза, всушност веќе се наоѓа во состојба на хуманитарна катастрофа. Околу 20 отсто од домаќинствата во овие области се соочуваат со екстремна немаштија, со високо ниво на неухранетост и со голема смртност. Цените на производите се исклучително високи, а според податоците на OCHA, набавната цена на храната скокна за 68 отсто во однос на петогодишниот просек. Во северна Кенија цените се зголемени за 58 отсто, а во југоисточна Етиопија за 117 отсто, додека во јужна Сомалија дури за 240 отсто.

Во овој дел од регионот состојбата е најлоша – на петтиот степен, кој се смета за катастрофална глад. Обединетите нации на 20 јули прв пат по три децении официјално прогласија глад во неколку области во јужна Сомалија. Тоа значи дека изгладнувањето, смртта и немаштијата се видливи на секој чекор.

На југот од Сомалија моментално секое трето дете е погодено од неухранетост. Секои две возрасни личности или четири деца на секои 10.000 луѓе умираат од глад. Пред ООН да прогласи глад во овие области, на југот од Сомалија умреа повеќе десетици илјади луѓе, а работата да биде уште полоша, се очекува слично сценарио да се прошири и на други области.

Кампови на безнадежност

За да ја избегнат сигурната смрт, околу 770.000 луѓе од југот на Сомалија тргнаа во три правци – кон Кенија, кон Етиопија и кон престолнината Могадишу. Овој град нуди несигурно засолниште, а хуманитарците во него многу тешко доставуваат храна на изгладнетите, дури и кога ја има во доволни количини.

Бегалците кои се движат кон Етиопија стигнуваат во кампот Доло Адо, во кој се наоѓаат 120.000 луѓе, од кои околу 54.000 стигнаа од почетокот на годината. Туку околу 50 отсто од децата боледуваат од неухранетост, односно од изгладнетост. Значително поголем камп е споменатиот Дадааб, каде што Обединетите нации, почнувајќи од 13 јули, организираат воздушен мост и секој ден носат тони храна и шатори за новите бегалци. Ако се земе предвид присуството на 390.000 бегалци, а секој ден ги има сè повеќе, ситуацијата многу тешко се одржува под контрола.

Смртноста на новороденчињата во кампот порасна на 7,4 на 10.000 дневно, а за алармантно ниво се смета 1 на 10.000. Покрај насилството и случаите на силување, па и опасноста од ХИВ, низ камповите заради нехигиенските услови се шират разновидни епидемии, кои однесуваат животи во неверојатни размери. Во Дадааб владее епидемија на сипаници меѓу децата – 426 се заболени од оваа болест, 11 умреа, иако во просек ризикот од смрт е еден во два милиони од заболените од сипаници.

Како да се сфати обемот на овој град на гладните? Секоја минути во бегалскиот камп Дадааб влегува нова личност која, со денови патувајќи низ пустош, на влезот од кампот дознава дека животната агонија не е ни блиску до крајот. Замислете, барајќи храна, исцрпени и без намирници, да пешачите неколку стотици километри, да одолевате на милитантните групи и на болестите, и на крајот, да стигнете во камп каде што нема да добиете соодветна медицинска нега и со мака ќе се борите за следувањето меѓу 390.000 изгладнети луѓе.

Сепак, кампот нуди засолниште од најголемиот страв – гладот. „Како можете да исплашите човек чиј глад не е само во неговата стеснета утроба, туку и во кутрите стомаци на неговите деца? Не можете да го исплашите – тој го запознал стравот на сите стравови“, вели Џон Штајнбек во „Плодовите на гневот“.

Репортерите во кампот Дадааб минатата недела забележаа случај на жена која своето болно дете го оставила на патот до кампот. „Постојано го гледам неговиот поглед“, им повторувала на репортерите. Една друга жена која се породила на патот до кампот немала јадено речиси два дена по породувањето. Нејзината иднина е сосема неизвесна, но таа и нејзиното семејство успеаја да стигнат до Дадааб и да избегаат од стравот на сите стравови.

На тукушто родената ќерка и’ го дадоа името „Лиша“. Живот.

 

 

Големите периоди на глад

Големата ирска глад, 1845-1852

За време на 7 години, меѓу 1845 и 1852 година, во Ирска владеела глад која остана позната како Големата глад или Компировата глад. Оваа катастрофа однела околу милион жртви, а уште околу милион луѓе емигрирале од Ирска, главно со САД. Ирска за овој период изгубила речиси четвртина од жителите. Гладта бил предизвикана од големата епидемија на компировата вошка Phytophthora infestans, која се проширила низ Европа во тие години. Заради заразата приносот на компирот драматично паднал. Со овој производ во Ирска главно се хранеле сиромашните слоеви, а исхраната била целосно зависна од компирот. Големата глад оставила страшна трага во историјата и културата на Ирска, на народното сеќавање, и имала влијание многу подоцна, во текот на борбата за самостојност од Велика Британија. И денес периодот пред 1945 година во ирската историја се нарекува „пред гладта“.

Руската глад, 1921-1922

По октомвриската револуција во советска Русија избила глад која, наводно, убила дури 10 милиони луѓе. Гладта најмногу била распространета во регионите околу Волга и Јужен Урал, особено во областа Поволжје, така што понекогаш го носи името по оваа област на бреговите на Волга. Гладта се случила во тешки економски услови по Првата светска војна и годините на револуцијата кои ја исцрпиле земјата. Дополнителен поттик било востанието на селаните против болшевичката власт.

Гладта во Етиопија, 1984-1985

Последната голема глад во Етиопија во текот на 1984 и 1985 година беше предизвикан од големата суша во пет етиопски провинции Гојам, Еритреја, Хараге, Тигреј и Воло. Во меѓувреме, додека траеше сушата, на југот на земјата се водеше граѓанска војна со бунтовниците од Оромо ослободителниот фронт, а дури 46 отсто од државниот буџет се трошеше на војската. Се смета дека од глад умреа околу 1 милион луѓе, но независните експерти тврдат дека Обединетите нации претерано ја проценија бројката на умрените. На запад гладта предизвика големо внимание, а се организираа масовни добротворни акции, како што е акцијата „Дали тие знаат дека е Божиќ“ и потоа во јули 1985 година хуманитарниот концерт Live Aid, на кој се собрани 100 милиони долари помош за гладните во Етиопија.

Извор: vreme.com

:(

:(

ОкоБоли главаВицФото