My name is Spinoza

27.06.2009 14:52
Спиноза

Пред помалку од 400 години во Амстердам се роди Барух де Спиноза, како што му гласи името на сефардско-хебрејски јазик, односно Bento de Espinosa, на португалски, или Benedictus de Spinoza, во латинска варијанта. Се вбројува меѓу најважните филозофи на рационализмот и важи како зачетник на модерната критика на Библијата, како и Талмудот. Тој неоспорно претставува еден од најинтригантните нововековни филозофи и најголем холандски филозоф на сите времиња.

За постоењето на Спиноза, како и за неговата важност сведочи, меѓу другото, и споменикот во паркот во Хаг, пред изнајмената куќа во која Спиноза ги поминал последните години од својот живот, масивната скулптура на Николас Дингс во близина на Градското собрание во Амстердам, како и „интерактивната дрвена конструкција“ на Томас Хиршборн во Бијлмер, познатото амстердамско мултикултурно предградие. Во Амстердам, од почетокот на мај годинава па сè до септември ќе се одржуваат предавања и ќе се организираат бројни изложби во чест на Спиноза, па се стекнува впечатокот дека денес Спиноза е поприсутен и попотребен како никогаш претходно.

Може да се претпостави дека неочекуваната неволја во која западна последниве години холандското општество ги натерала водечките умови на оваа земја да почнат да се прашуваат што би рекол денес, за овој или оној политички ќорсокак, нивниот најпознат филозоф чии либерални идеи се вградени во темелите на Холандија. Да речеме, што би рекол Спиноза за сè поголемото неразбирање меѓу домаќините и муслиманските доселеници, во земјата која до вчера се сметаше за бастион на плуралитетот и толеранцијата. Впрочем, за засилената нетолеранција на доселеничкиот, а посебно муслиманскиот елемент, која дојде до израз по суровото убиство на познатиот режисер Тео ван Гог, во режија на исламските фундаменталисти, говори и успехот на квазилибералите на Вилдерс, т.е. Партијата за слобода на последните избори за Европскиот парламент. Имено, тие од 25 холандски пратеници во ЕУ освоија дури 4. За жал, тоа не е осамен случај, екстремната десница насекаде низ ЕУ забележа загрижувачки пораст на симпатизери. Патем, нашите медиуми би требало за конзервативните влади да го користат изразот „влади од десниот центар“, а не „десничарски“ влади и партии, бидејќи тие не се ништо помалку демократски од останатите етаблирани партии и немаат многу заедничко со партиите од „екстремната десница“, како што се споменатата Партија за слобода на Гердс Вилдерс и сличните партии во В. Британија и другите земји. Впрочем, и овојпат треба да го послушаме Ерик Хобсбаум кој не е толку загрижен од порастот на екстремната десница колку што го загрижува загубата на левицата.

Како и да е, нешто помалку од 400 години од неговото раѓање и речиси три и пол века од неговата смрт, за Спиноза деновиве се зборува на секој чекор, посебно во Амстердам, каде се родил. За Спиноза пишуваат бројните интернет портали и сведочат бројните инсталации и импровизации, предавања, изложби, што го поттикна и холандскиот весник - De Volkskrant (Народен весник) во изданието од 11 јуни да констатира дека во Холандија повторно владее воодушевување од овој филозоф, иако и понатаму секој го толкува на свој начин, со повеќе или помалку успех.

Инаку, Спиноза потекнува од еврејско семејство кое од Португалија се доселило во Амстердам, а веќе во раната младост започнал со проучувањето на Библијата, Талмудот и другите „свети списи“, како и целокупната схоластичка филозофија. За само 45 години живот (24 ноември 1632 - 21 февруари 1677) создал филозофско дело мало по обем, но огромно по својата сила, кое го сместува во водечките филозофи на рационализмот. Неговиот критички рационализам, односно, критичкиот став кон споменатите списи и верата воопшто, набрзо станува „трн во око“, не само на еврејските туку и на останатите верски авторитети од тоа време. По безуспешното наговарање да и’ се врати на верата и синагогата, во 1656 дефинитивно станува анатемисан, проколнат и исфрлен од еврејската општина. Во анатемата упатена кон Спиноза се вели: „Нека е проклет дење и нека е проклет ноќе. Нека е проклет кога лежи и нека е проклет кога станува. Нека е проклет кога тргнува и нека е проклет кога се враќа... Ви наредуваме никој да не проговори со него ни усно ни писмено, никој да не престојува под ист покрив или четири лакти близу до него, ниту пак да го чита списот што го составил...“

Меѓутоа, токму поради ова неговите списи стануваат сè почитани, па се вбројуваат меѓу највлијателните во човековата историја. Но прогонувачите на Спиноза, своевремени духовни врачеви, постигнале едноставна цел, оневозможувајќи му на Спиноза да се занимава со духовна работа и физички го уништиле. Проколнат и прогонет како „првак на атеистите“, „отпадник“ или „инкарнација на сатаната“, чии дела заслужуваат „да бидат фрлени во темнината на пеколот“,Спиноза умира млад и под недоволно разјаснети околности. Во 1673 тој одбива да се посипе со пепел со што и дефинитивно ја губи можноста да се занимава со она во кое е највешт, како во Холандија така и во соседните германски земји, од каде, на пример од Хајделберг, му стигнала покана за ја преземе катедрата за филозофија. Последните години од животот се издржува од точење на оптички стакла за да може и понатаму да остане интелектуално независна личност. Кога умира од туберколоза, како што гласела службената верзија за неговата смрт, му биле објавени само две дела. Првото, под негово име, „Renati des Cartes Principiorum philospophiae“ (1663), во кое на специфичен начин се занимава со Декарт, додека второто, „Tractatus theologico-politicus“ (1670), го објавил анонимно. Посмртно ќе биде објавена неговата „Ethica ordine geometrico demonstrata“, каде Спиноза на „геометриски начин“ ја изложува целокупната своја филозофија во облик на прецизни дефиниции, аксиоми, пропозиции и докази. Стручњаците кои се занимаваат со неговото дело тврдат дека основата на неговата филофија се наоѓа во тврдењето изложено во првиот дела на „Ethica ordine geometrico demonstrata“, дека постои само една бескрајна супстанција чија егзистенција следува од самиот нејзин поим и претставува пример за себе (casua sui). Детерминистичко-монистичката филозофија на Спиноза подразбирала отфрлање на секаков надворешен пример, бидејќи ниту Бог ниту природата не се вон или над нештата, туку во нив самите.

Почитувачите на Спиноза во Амстердам беа убедени дека има смисла да се реактуелизираат и да се направат што е можно подостапни неговите либерални идеи, особено оние за Бог и религијата, доброто и злото, умот и емоциите, без разлика колку се основа за стандардните вредности како толеранцијата, почитувањето на различностите и слободата на говор. Така и настана тоа необично големо културно-уметничко случување во вид на бројни изложби, изведби, интервенции и ток-шоуа, односно „монументалниот омаж“ посветен на еден од првите втемелувачи на споменатите либерални вредности со кои не се поистоветуваат само неговиот град туку и цела Холандија, и цела западна Европа. Нивната почетна замисла потоа беше претворена во комплексната програма - „My name is Spinoza“, во која домашните и меѓународните уметници се повикани да развиваат проекти кои ќе ја испровоцираат јавноста не само на дијалог за идеите на Спиноза туку и за степенот на остварување и злоупотреба на слободата во денешното холандско (и европско) општество. Крајната идеја е да се создаде некаков центар за Спиноза за посетителите од сите краишта на светот (Spinoza Visitor Centre), во кој тие би имале можност, во разговор со уметниците и научниците, да ја потврдат или отфрлат важноста на неговото учење во времето во кое живееме, т.е. од денешна гледна точка.

Можеби љубителите на филозофијата на Спиноза во Амстердам од мртвилото биле придвижени  од посебните студии за „радикалното просветителство“ на Џонатан Израел, професорот по модерна европска историја на Принстон, во кои тој укажува на решавачкото влијание на овој филозоф, како и за заслугата што идеите за слобода на мислење и говор имаат место во слободните општества. Или, пак, трогателната приказна на неговиот британски колега, Џорџ Штајнер, кој пред неколку години залудно барал споменик на Спиноза во Амстердам, и просто бил шокиран од рамнодушноста на Холанѓаните кон филозофот. Во холандските весници беше забележана и шокираноста на македонскиот писател Гоце Смилевски, кој своевремено ја распрашувал холанската младина за Спиноза, кога одговорите биле: „Никогаш не сме слушнале за него“.

Како и да е, веќе во ноември минатата година беше поставена една статуа на Спиноза во Амстердам, обновена е и неговата родна куќа, а ширум земјата почна за се зборува за него. Така и се роди уметничкиот фестивал „My name is Spinoza“ (www. spinozamanifestatie.nl).

Познавачите на холандските прилики тврдат дека во дискусиите за имиграцијата, мултикултурното општество, почнувајќи од несреќниот 11.09.2001, а посебно по убиството на Тео ван Гог, сите повикувале на идеите на мислењето на Спиноза, оние за толеранцијата и правото на слободно мислење. Меѓутоа, во овие мислења неоконзервативците твдеа дека преголемата толеранција кон муслиманите ја загрозува слободата на мислење, додека „левицата“ контрираше дека токму неоконзервативците ја злоупотребуваат таа слобода за да отстранат една таква основна вредност каква што е толеранцијата.

Ќе завладее ли поинаква духовна клима во тој град и таа земја по повеќемесечниот џиновски хепенинг останува да се види. Во секој случај манифестацијата „My name is Spinoza“, организирана од почитувачите на неговото дело, како и други организации (Amsterdamse Spinoza Kring, Centre Amsterdam Spinoza и др.), е несекојдневна случка и ги надминува локалните рамки по своето значење.

Извор: Данас

ОкоБоли главаВицФото