Капиталистичка апокалипса

19.08.2011 14:13
Капиталистичка апокалипса

 

Капиталот, консумеризмот и приватната сопственост станаа најголеми светости, најголеми морални единици, како за оние кои поседуваат капитал, така и за бунтовниците на улиците од европските градови. Па во Грција, Шпанија и Велика Британија не излегоа на улиците за да протестираат против уништувањето на семејните и општествените вредности или пак за корумпираните политичари. Тие се на улиците затоа што ним не им се дозволува да бидат корумпирани, затоа што државата им кине пари во форма на социјални давачки, т.е. за капиталот, затоа што се без перспектива кога било во животот и приближно да достигнат некаков статус и сигурност низ сопствената приватна сопственост. Тие не се борат за да го променат системот, туку за да се изборат да учествуваат во него.

Остатокот од широкиот слој на општеството, пак, кој уште некако составува крај со крај или кој сосема добро материјално се осигурил во овој систем, живее во толкав страв од сиромаштијата што воопшто не му паѓа на ум да го менува системот. И тоа е успехот на капитализмот. Тој се постави како единствениот систем кој може да ни осигури социјално и материјално преживување; од чистиот страв од немаштија поголемиот број од нив не се ни обидуваат да го променат овој болен систем. Ние, тоа мнозинство, сме како жаби кои пливаат во топла вода и предоцна забележуваме дека всушност седиме во тенџере за готвење, како што ситуацијата ја опиша француската активистка Офели Латил на германската радио станица Deutschlandfunk. Некаде длабоко во нашата свест е всаден стравот дека со уривањето на капитализмот ја уриваме и нашата благосостојба.

Тоа во неолибералните и од политичките партии легитимизирани олигархии кои сами себеси милно си се нарекуваат „западна демократија“ ќе функционира онолку долго додека од глобалниот проток на капитал за средниот слој на општеството и оние на дното протече за каков таков животен стандард. Само, ете, оние кои излегле на улиците многу добро знаат дека веќе не им се исплатува ниту да сонуваат. Тие се чувствуваат толку бесперспективно што сништата за подоброто утре, за материјалната благосостојба само ги фрлаат во уште поголеми фрустрации. Тоа можеби помалку важи за протестантите во јужна Европа, но повеќе за протестантите во Велика Британија.

Сигурно и меѓу нив постојат такви кои сè уште сакаат да го променат светот на подобро или воопшто да го променат светот. Но, тие не сфаќаат дека општеството во „западните демократии“ веќе одамна се промени. Дека денес привилегираните од 60-тите и од 70-тите години од минатиот век го приспособија на сопствените потреби. Шеесетосмашите се изборија за максимум културни слободи. Тие општеството во западните „зрели“ демократии толку го ослободија од културните спреги што поединецот денес во толкава мерка е слободен што може сè да остави зад себе, па така и одговорноста за другите, вели Офели Латил. Но, нивната револуција не е завршена до крај. Тие општеството не го ослободија од лакомоста, од богатењето врз грбот на другите, од неправедниот економски систем. Таа недовршеност во комбинација со максимумот на индивидуалната слобода без свртување и одговорност за другите, денес им се крши од главата на помладите генерации. Таквите „реформи“ влијаат и врз постарите генерации. Дури и слободите за кои се избориле, власта ги поткопува секогаш кога ќе стигне: Граѓанските права со солзавец и млазови на улиците, приватноста со полициски надзор на комуникациските канали и на јавниот простор.

На крајот и шеесетосмашите паднаа во замката на капиталот осигурувајќи се во максималната материјална благосостојба во општеството, кое ја познава само уште индивидуалноста и остварувањето на индивидуалните слободи. И тие својата револуција ја заменија за имотна сигурност. Со тоа ја загубија веродостојноста за генерациите што следат. Наспроти своите деца и внуци за кои можеби ја започнаа револуцијата која никогаш не ја довршија. Денес ни ги оставаат последиците од својата благосостојба и недовршените револуции. Без разлика дали тоа е пустошот на монетарниот систем или пак опустошената, искористена и загадена животна средина. И тоа, можеби најлошото од сè, е најважниот норматив кој ни го остава приватната сопственост и заштитата на капиталот. Конзервативните, но и социјалните вредности се сè помалку важни. Без разлика дали станува збор за семејството, взаемната солидарност и социјалната држава. Тие норми исчезнуваат. Неолиберализмот ги маргинализира во корист на индивидуата на која потрошувачката и’ е поважна од помошта на ближниот, на која кариерата и’ е поважна од семејниот соживот. Сето тоа сè повеќе важи подеднакво за жените и за мажите и сето тоа на крајот од краиштата е во служба на максимизирањето на профитот, во служба на капиталот.

Но, вината не паѓа само врз генерациите кои имаа повеќе од педесет години. И во нас, во нивните деца и во нивните внуци владее стравот од социјалната немаштија. И нам ни недостасува храброст и фантазијата да замислиме поинаков свет, а не па да се ослободиме од капиталот и да го живееме светот на поинаков начин. Младите генерации дури ја изгубија способноста да го менуваат општеството, да го обликуваат според сопствените желби. Ние сакаме да имаме удел токму во овој и во ваквиот материјален систем низ сигурно вработување, добра плата и финансиска перспектива. Цели војски млади во Европа немаат материјална перспектива, а без неа во капитализмот се губи културната и социјалната перспектива. Во толкава мерка колку што старите се зависни од младите кои плаќаат во пензиските фондови и фондовите за социјална грижа, толку владите се зависни од старите, кои своите потреби мораат да ги сведат на минимум, за младите да можат да ги задоволат своите минимални потреби. Релативната благосостојба и социјалната сигурност за сите не се можни сè додека од државните сметки и новите задолженија максимално се вложува во гнилиот банкарски и економски систем.

Денес сè се мери според последиците за капиталот и за оние кои се борат капиталистичките демократии да опстанат како творба без алтернатива. На пример, не се прашува што преминот на алтернативни извори на енергија значи за генерациите што следат, туку колку сето тоа ќе нè чини и дали можеме да си го дозволиме тоа наспроти кризата. Не се прашува колку човечки животи ќе спасиме со помошта за Африка, туку колку пари се потребни за да се придвижи таа помош, па се констатира дека бесплатната помош би го нарушила глобалниот пазар на прехранбени производи и затоа тоа не доаѓа предвид. Од друга страна, политичките елити ги задолжуваат државните сметки и пумпаат стотина милијарди евра и долари во корумпираниот капиталистички систем, на кој очигледно му нема спас и кој ги диши своите последни здивови. Државите стенкаат под долгови од милијарди и милијарди евра, кои ни теориски не можат да ги отплатат. Според сите закони за здружување и отплата на долговите кои важат за поединците, државите веќе одамна се банкротирани. Се одржуваат во живот само преку нови задолженија, со арач и намалување на социјалните давачки. И пак сето тоа врз грбот на следните генерации кои ќе мораат да го отплатуваат тој долг, да плаќаат во пензиските фондови и во другите фондови за социјалната грижа.

Политиката дејствува на тој начин од страв дека ќе ја загуби власта, од страв дека системот ќе се распадне. Видлива е само волјата ресурсите да се распределат на тој начин за капиталот да расте, без разлика што од тој раст веќе никој навистина нема ништо. А всушност воопшто не е прашање може ли системот во кој живееме да ни осигури благосостојба, туку дали постои политичка волја ресурсите, кои ги има доволно, праведно да се распределат и со одговорност кон генерациите што следат. Но, таква волја, ниту политичка, ниту општествена нема на видик. Оние кои крупниот капитал го држат во рацете ниту теориски не можат да го потрошат, а оние на кои пристапот кон капиталот им е невозможен не ни можат да сонуваат за потрошувачка. Некаде помеѓу тие два екстреми на запад се меле средниот граѓански општествен слој и станува сè потенок. Се мачат и шеесетосмашите кои со нозе и со раце се гребат за своите материјални привилегии, како што се сигурните работни места, какви такви сигурни пензии и здравствената грижа. Тие се борат за своите социјални права и се обидуваат да ја одржат својата благосостојба токму со оној морал кој се изроди како врв на нивните револуции. А тој морал е остварување на индивидуалните слободи и права без разлика на другите, пред сè без разлика на младите генерации. Притоа сите заедно, се чини, заборавиме дека поинаквиот свет сепак е можен.

Извор: h-alter

Илустрации: Фотографии од протестите во Лондон

Го гледаме новиот почеток,

Го гледаме новиот почеток, Економија Базирана на Ресурси. Секој свесен човек би сакал да е дел од новиот свет во кој секој го живее својот сон. Има технологија и ресурси за да си го реконструираме нашето општество. Жак Фреско има изработено цел бекап план за да сите ние да си ги изградиме еднаш за секогаш нашите домови, центри за размена на бела техника и секаква можна врвна технологија која нема да биде прикриена. Ние ќе ги живееме бенефитите на новата ера, стадиум 1 на енергетска еволуција на нашата цивилизација. Ера во која ќе ја користиме енергијата која постои на земјата и ќе прекинеме да бидеме навлечени на енергија произведена од биомасата на изумрени организми. Во нашата ера енергијата ќе биде достапна и секој ќе има пристап до основните ресурси за нормален живот (квалитетна храна без различни отрови и хемикалии, чиста вода за пиење, техничка вода). Ќе изградиме нови интелегентни мегаполиси во кои практично сите услуги и добра ќе бидат на длан на секој жител на планетата.Производни системи и едукациски центри во кои нема вработени кои работат за пари за да преживеат, нашата реалност ќе има автоматизирани роботизирани процеси кои ќе бидат дизајнирани да ја заменат повторливата работа која сиротите луѓе ја работат за да сврзат крај со крај. Нашите деца ќе не запрашаат зошто не сме превземале ништо кога сме знаеле што можеме да имаме. Нема потреба од пари и правење на економии кога се работи за доброто на нашата цивилизација. Сето ова е многу едноставно, биди ти промена во системот и нека нашите промени ја извајаат нашата иднина. Нека тие промени прераснат во нов почеток во кој сите ќе бидеме значително мултикратно посреќни, ние 96% од популацијата, нека еднаш загуби и 4% од алчната популација која го искривува светот од нормалната перцепција.
Промената во секој од нас е важна, ние мораме најпрво да започнеме од самите себе. Свесен сум дека грчот во кој се наоѓаме е погубен и сме во трка со времето. Мораме да останеме свесни за реалноста. Многу технологии кои се крвотокот на системот се застарени, додека новите се кријат во фиока и се премногу „скапи„ за да се изработат. Крајно „демократски„ се кријат лекови, „невозможни„ концепти и милиони идејни решенија кои можат да ни ја променат оваа немилосрдна иднина. Ова се само симптомите кои ги прокажува болниот дел од општеството. Болеста е јасна, причински ја продуцирал системот во кој живееме. Незнам кога ме учеле на соработка, љубов, помагање, разбирање и компромис. Моралната изместеност сочинува огромен дел од постоењето на нашата цивилизација. Оваа „нормалност„ несмее да продолжи како наша реалност. Доколку не се научиме да споделуваме, да се сакаме, да сме сите среќни нема да има мир на планетата.
Емпатијата е посилна и целиот овој гниеж од суровост, немилосрдност, омраза, непочит и пародија, ние сме оние кои се ќе променат, ние ја носиме свесноста која само треба да ја прошириме. Да ги соединиме силите и да ја вратиме слободата во рацете на секој човек. Силата е во народот и само тој може да ги изврши промените, само народот ја има моќта да ја менува „нормалноста„ на изопаченост во нова реалност која ќе го катапултира човековиот род во нова ера. Јас сум еден, но НИЕ сме се.Ние сме многу, ние сме СЕ без нас нема ништо. Имаме време, имаме свест да се соединиме заедно и без никакви протести, бунтови и насилства да го редизајнираме општеството кое го оставиле нашите предци. Ние сме тие кое ќе треба да ја завршат работата. Од нас се зависи. Штом сме во позиција да размислуваме ќе дојдеме и до пзиција за променување.

Секоја чест за авторот на текстот, ме инспирираше.
We are the change of our planet!
Имај среќен живот и многу добра

коља, најди неколку текстови

коља, најди неколку текстови како дефиниции за капиталот, пошто овде не се баш раздвоени, како авторот баш и да не барата со тоа. на пример, како се дефинира и што е капитал, имено, капитал како финансии, печатени пари кои ги дава некоја централна банка во замена со обврзници, или банки и сопственост, како имот, земја, фабрики. и интелектуална сопственост. мислам имаше нешто од слотердијк.

ОкоБоли главаВицФото