Мост преку Црвено море

24.08.2011 12:14
Мост преку Црвено море

Египет неодамна ја одобри изградбата на гигантски мост преку Црвеното море за кој се расправа уште од 1988 г., а чиј проект пред пет години тогашниот претседател Хосни Мубарак нагло го прекина поради безбедносните прашања кои ги изрази Израел.

Денешниот египетски премиер Есам Шараф го постави генералот Абдул Азиз, претседател на Здружението на арапските патишта, за главен надзорник на проектот. Мостот долг 32 км би требало да оди преку Тиранскиот теснец од египетски Рас Насрани до Рас Хамид во Саудиска Арабија. Неговите делови би требало да бидат висечки, а преку мостот би се одвивал патен и железнички сообраќај.

Географски гледано, овој мост нема да биде врска меѓу два континента со оглед на тоа дека Синајскиот полуостров, кој е дел од Египет, се наоѓа во Азија, исто како и С. Арабија. Меѓутоа, мостот има огромно геополитичко значење. Копнената врска меѓу арапските држави од северна Африка и арапските држави од Блискиот исток е прекината во 1948 г. со создавањето на државата Израел. Железнички сообраќај не постои, а патниот е ограничен.

За Арапите овој голем градежен потфат значи повторно поврзување на овие држави со копнени сообраќајници, а со тоа и намалување на зависноста од понекогаш несигурните поморски врски од арапските пристаништа во Средоземјето до пристаништата на Црвено море. Сепак, во постреволуциски Египет, кој сè уште го потресува економска криза, многумина го гледаат мостот како вплеткување на С. Арабија во египетската политика, првенствено поради тоа што Египет не е во состојба да финансира толкав голем проект, а и поради огромните економски и геополитички последици кои би ги предизвикал мостот.

Се разбира, најзначајната е извозот на нафта од С. Арабија преку копнен пат во земјите од северна Африка и нивните пристаништа. Понатаму, геополитички гледано, Тиранскиот теснец е место на судир меѓу Египет и Израел. Единственото пристаниште на Јордан, Акаба, и единственото пристаниште на Израел на Црвеното море, Еилат, сообраќаат токму низ тој теснец. Одлуката на Египет да го затвори теснецот за бродски сообраќај во 1967 г. беше главната причина за Шестдневната војна. А мостот на оваа стратешка позиција, каде што безбедноста на сообраќајот и денес ја контролираат мировните сили на ОН, на Египет му дава контрола над сообраќајот. Може да се претпостави дека изградбата на овој мост ќе предизвика доста меѓународни полемики, а со оглед на тоа колку пати е инициран и прекинат овој проект, градењето треба да се прими со одредена резерва. Дополнителен преидзвик претставува и фактот дека Црвено море е една од сеизмички најактивните зони на планетава, па при изградбата на мостот треба да се земе предвид можноста од катастрофален земјотрес.

Сепак, наспроти сите економски и геополитички врски кои ќе ги овозможи овој мост, се наведува дека неговата исплатливост најмногу зависи од турите за аџилак. Милиони северноафрикански муслимани годишно ги посетуваат светите места во Саудиска Арабија. Мостот би го скратил и поедноставил тој пат, па со тоа се предвидуваат и повеќе аџии во однос на порано. А трошоците за мостот, во износ од 3,6 милијарди евра, би можеле да се покријат од мостарината која би ја плаќале токму луѓето што одат на аџилак.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Општество / Јавни простори / Свет / Живот
Јавни простори / Технологија
Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото