Со култура против криминалот

24.03.2012 14:10
Со култура против криминалот

„Градот со илјада лица“ е еден од прекарите кои ги носи Марсеј. Некои од тие лица се ракометниот клуб и медитеранската пријатност која ја вклучува атмосферата околу луксузните јахти и градските улици, метежот и вревата на големите пазари, но и големиот број имигранти од државите на Магреб. Имигрантите на Марсеј му го донесоа и прекарот „најголем град во северна Африка“, прекар кој погрдно му го доделија оние кои не се носат најдобро со културната разноликост, но кој симболично укажува на културните врски на овој медитерански град со Африка. Накратко, досега Марсеј никогаш не бил познат како значајно културен центар. Меѓутоа, во 2013 година, Марсеј заедно со Кошикама, ќе ја носи титулата Престолнина на културата во Европа, што значи дека перцепцијата за овој град би требало значајно да се промени.

Во повеќе наврати пишувавме за тоа како светските случувања, како Олимписките игри, светските изложби и светските првенства се пресметуваат со проблемите на градовите домаќини, често без голема социјална чувствителност. Како и Рио де Жанеиро, Марсеј е град на сиромаштијата и трговијата со дрога. Поради четириесетпроцентната невработеност помеѓу младите и 20% од населението кое живее на работ на сиромаштијата, препродавањето дрога за многумина е единствен извор на приходи. Таквата ситуација во изминатава година доведе до 20 убиства поврзани со нарко-дилерите. Иако многу полицајци континуирано патролираат низ градот, полицијата е принудена три години по ред да ги менува шефовите. Градот одлучи дека новата престолнина на културата мора да се пресмета со нарко криминалот.

Jean-François Chougnet, директор на програмата Marseille-Provance 2013, верува дека културната програма ќе му ја осигура на градот саканата промена. Политичарите препознаа дека културата привлекува бизнис и туристи, па градските власти вложуваат 800 милиони евра во градење на нови музеи, проширување на постоечките и пренаменување на запуштените индустриски структури во културни центри, и уште дополнителни 90 милиони евра за креативни програми. Најголем дел од буџетот, секако, зафатија големите и впечатливи проекти за Музејот на цивилизацијата на Европа и Медитеранот (MuCEM), изложбениот простор Регионален центар на Медитеранот (CeREM) и конзерваторијата Aix, во изведба на архитектонското студио на Руди Рикоти, Стефан Боерија и Кенга Кум.

Иако постојат приговори на сметка на таквото распределување на буџетот, во Марсеј ниту независната култура не остана запоставена. Така, на пример, уметничкиот колектив La Friche-La Belle de Mai, сместен во поранешна фабрика за тутун која стана трендовско собиралиште токму поради колективот кој ја запоседна, доби средства за целосна обнова и проширување на својот центар. Покрај седумдесетината групи кои го сочинуваат колективот, за 2013 година тој ќе добие средства и за гостување на 40 уметници и уметнички групи од подрачјето на целиот Медитеран. Во Марсеј финансирањето не ги заобиколи ниту уличните изведувачи, кабарет групите и остатокот од популарната култура.

Дел од програмата е насочена и кон урбаната околина на Марсеј. Еден таков проект е и Grand Route 2013. Го смисли Баптиста Ланаспеза, а всушност се работи за патека долга 260 км која води низ напуштените индустриски и трговски зони во околината на Марсеј, далеку од вообичаените труистрички атракции. На тој начин одењето станува перформативна уметност, а урбаните простори на Марсеј – музеј на отворено.

Освен на околината на градот, проектот Marseille-Provance 2013 особена важност му дава на мултикултурализмот со што се очекува поттикнување на африканската култура која имигрантите му ја донесоја на градот. Исто така, околу 400 предвидени случувања, изложби и концерти ќе се одвиваат во други градови во регионот. Така Марсеј, како културна престолнина на културната мапа на Европа, ќе го позиционира целиот регион.

Сепак, вербата која ја имаат директорот на програмата Chougnet и градоначалникот Jean-Claude Gaudin, дека со културата ќе го искорнат криминалот и ќе ги разрешат социјалните проблеми, подложена е на критика. Беноит Гилес, новинар на весникот La Marseillaise, смета дека 2013 ќе донесе дополнително исклучување на загрозените и тврди: „Градењето на музејот и организацијата на културни случувања нема да делуваат како магично стапче кое сѐ ќе донесе на свое место“.

Што навистина ќе се случи во Марсеј, ќе видиме веќе наредната година.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Уметност
Јавни простори / Технологија
Јавни простори / Свет

ОкоБоли главаВицФото