Митот за германската економска дисциплинa

22.11.2011 16:51
Митот за германската економска дисциплинa

Финансиските пазарни инвеститори и германските политичари навистина немаат баш многу заеднички работи. Секако, првите не разбираат зошто на вторите им е потребно толку многу време за да ги имплементираат одлуките што ги донеле за време на кризните самити. Од друга страна, инвеститорите им служат на политичарите како жртвени јарци кога станува збор за тоа кој предизвикал конкретна криза.

Сепак, има една точка, каде што и двете групи невообичаено е обединети: во нивното согледување на германската фискална политика како цврста и пример за јужните земји во криза. Дури и кога фактите изгледаат многу поинаку, станува збор за чамец кој никој навистина не сака да го ниша.

Така главниот камшик на ЦДУ, Фолкер Каудер, неодамна се извлече со изјавата, искажана на конвенцијата на ЦДУ, дека „Европа сега зборува германски“. Со ова малку шовинистичко перчење, Каудер концизно ги изрази политиките на Канцеларката. Откако еврокризата се појави на почетокот од 2010 година, мантрата на Ангела Меркел беше дека ако сите би можеле да штедат како Германците, нема да има никакви проблеми.

Треба да и’ се честита на Меркел: очигледно, таа беше мошне убедлива. Во секој случај, се чини дека инвеститорите на финансиските пазари и’ веруваат на федералната Канцеларката. Додека тие бараат повисоки камати за да купуваат државни обврзници од речиси сите земји кои припаѓаат на еврозоната, му ги даваат своите пари на германскиот министер за финансии речиси без никакви камати.

Германија не штеди

Тешко е рационално да се објасни ова. Секако, секој кој малку ќе гребне под површината, ќе забележи дека земјите како Шпанија или Италија не се ни оддалеку толку лоши како што високите каматни стапки велат. Но, тој исто така сигурно ќе открие дека Германија и не е баш толку штедлива како што се прикажува.

Во последната прогноза за Германија од оваа година, Европската комисија предвидува стапка на долг во висина од 81,7 % од бруто домашниот производ. Тоа е значително повеќе од 60 % што Европскиот пакт за стабилност го постави како највисока стапка на долг – оној пакт што федералната влада редовно го користи за да ги тегне за уши јужните европски земји и кој сака да повлече уште посилно. Една земја која ќе сака на други да им наметне строги правила, прво самата таа ќе се држи до нив.

Затоа луксембуршкиот премиер Жан-Клод Јункер е во право кога зборува за доминацијата на Германија. На пример, Шпанија, со стапка на долг од 69,6 % е значително поблиска до Пактот за стабилност од Германија. Дури и Холанѓаните (64,2 %) и Финците (49,1%) имаат повеќе право да се истакнуваат како некои кои имаат европска дисциплина од Германците.

Единственото нешто што моментално ја оправдува вербата во германските јавни финансии е релативно ниското ниво на буџетски дефицит, т.е. новите заеми поврзани со економските резултати. Тоа што стапката е очигледно помала од онаа во јужните земји има многу причини – но ниедна од нив нема ништо со сликата на „железните штедачи“ што федералната влада обожава да ја прикажува.

Арогантни химни за дисциплината на германската држава

Напротив, Германија не штеди. Во последно време трошоците на федералниот буџет се зголемија и, според финансиските планови, во следните години тие релативно стабилно ќе се движат околу 300 милијарди евра. Пакетот за штедење што е дел од него, и кој минатата есен беше усвоен со голема врева, промени многу малку.

Фактот дека стапката на долгот сепак се намали се должи единствено на силната економија во претходната година и пол, што на федералната влада и’ овозможи неочекувано високи даночни приходи и исто така го зголеми БДП. Бидејќи стапката на дефицит се пресметува како стапка на долг во однос на БДП, таа затоа паѓа. Тоа има многу малку врска со штедењето.

Засега, дури и добрата економска ситуација не беше резултат на германскиот аскетизам – барем не оној на државата. Високата побарувачка за германски производи во странство главно се должи на компаниите кои произведуваат добри производи со релативно ниски трошоци.

Сепак, сегашнината влада, со своите арогантни химни за дисциплината на германската држава, рушат голем дел од Европа. Во Грција, во Шпанија или во Италија – каде што Германците некогаш беа ценети заради нивните доблести, сега се согледуваат првенствено како арогантни давачи на задачи кои сакаат на луѓето во остатокот од континентот да им кажуваат како да живеат и да работат.

Тоа не може да биде добро за иднината.

Извор: Шпигел

Карикатура: Nikolas Vadot

ОкоБоли главаВицФото