Европа како поранешна Југославија

14.11.2011 14:32
Јоже Менцингер

Јоже Менцингер е водечки словенечки економист и прв министер за економија на Словенија. Тој оценува дека, во економски поглед, земјите-членки на ЕУ повеќе не се држави. Тој ја споредува Унијата со Југославија од 1980-те години. Разговаравме во него за иднината на ЕУ, кризата на еврото, грешките од приватизацијата и новите односи на моќ во светот.

Ве сметаат за евроскептик...

Не се сметам за таков. Дури се плашам дека ЕУ би можела да се распадне, ама не гледам зошто би се криеле проблемите кои постојат. Тие проблеми на некој начин се природни и многу слични со оние кои ги имавме во поранешна Југославија. Еден од нив е дилемата дали е демократски да се гласа според начелото „еден човек – еден глас“ или „една држава – еден глас“. Така беше и во Југославија. И тоа се едноставно проблеми кои постојат.

Рековте дека Словенија е во криза. Како дојде до тоа, со оглед дека е членка на ЕУ и држава од поранешна СФРЈ која беше највнимателна во транзицијата и прилично затворена економија?

Ние влеговме во криза во периодот кој го нарекувам „период на коцкање“, 2005-2008, значи, пред кризата. Тогаш сите почнаа да веруваат дека 30% приходи на хартии од вредност е природна работа, па луѓето почнаа да купуваат хартии од вредност низ цел свет, а директорите, т.е. менаџерите, почнаа да ги „купуваат“ своите претпријатија. Сите земаа кредити за брзо да дојдат до богатство, а потоа виртуалното богатство пропадна во кризата, а кредитите останаа. Така Словенија влезе во криза. Тоа се гледа и по задолжувањето на земјата. Не мислам на јавниот долг, туку на задолжувањето кое во 2005 г. беше еднакво на нула, а кон крајот на 2008 близу 10 милијарди евра. Овој долг не е превисок во однос на други задолжени земји, ама беше сосем непотребен.

Дали денес можете да кажете кои се недостатоците на словенечкиот модел на транзицијата?

Да, некои недостатоци се покажаа во последно време. Преку ноќ создадовме два милиони „капиталисти“. Тоа беа профитери кои се грижеа само како својот имот во претпријатијата што побрзо и поскапо да го продадат и да го заменат за кола или стан, а не се грижеа за доброто на компанијата. Во макроекономски поглед мислам дека не правевме грешки. Одевме по свој пат кој се покажа добар. Не веруваме во она што ни го кажуваа меѓународните институции. Во создавањето економски систем горе-долу ги презедовме правилата и директивите од ЕУ, во која сакавме да влеземе. Немавме многу избор. Тоа беше „нужен избор“, како што беше и излегувањето од Југославија.

Бевте многу скептични и за странските инвестиции?

Тука сум многу скептичен бидејќи ако продадете сè, потоа немате многу права и станувате само работна сила која има статус на репроматеријал. Од друга страна, треба да се гледа на подолги патеки. Странските инвестиции нешто носат, а на долг рок тие создаваат добивка за оние кои вложиле. Земја со најмногу странски инвестиции е Ирска. БДП по глава на жител е отприлика 20% повисок од оној што го добиваат Ирците. Доаѓа до одлив на профитот, што е нормална ситуација. Останувам при истиот став: ако селанецот го продаде земјиштето, не му останува ништо, па затоа, продај го она што мораш да го продадеш, а никогаш она што не мораш. Ако самиот знаеш да управуваш, на пример, со банкарскиот систем, нема причина да го продаваш.

Колку словенечките проблеми денес се поврзани со должничката криза во ЕУ?

Делумно се поврзани, бидејќи мораме да соработуваме во спасувањето на Грција. На таа помош потрошивме 300 милиони евра и 3,7 милијарди евра во гаранции кои одат во Фондот за спасување на другите европски земји. Тоа ми се чини нормално. Ако сме влегле во некое здружение, тогаш ги преземаме и добрите и лошите страни на истото.

Предупредивте и на големата зависност на извозот од побарувачката во ЕУ...

Секоја мала земја има проблем бидејќи е силно зависна од случувањата во другите земји. Во случајот со Словенија, извозот изнесува некаде околу 70% од општествениот производ. Тоа значи дека кога ќе спласне извозот, ние сме во поголеми проблеми одошто некоја поголема земја. Затоа дојде до огромен пад во 2009 г. Сега заздравуваме, но растот е само 1-2%. Се чини дека таа стагнација ќе трае долго, бидејќи не очекувам никаков раст во Унијата. Токму поради таа поврзаност, бидејќи 70% од извозот оди во земјите од ЕУ, на единствениот пазар, и целосно сме зависни од она што се случува ЕУ, а посебно во Германија. Имаме многу фабрики кои изработуваат составни делови за нивната автомобилска индустрија, па кога Германија има проблеми, тогаш сите тие фабрики имаат проблеми.

Дали постои опасност дека целиот регион ќе биде претворен во „канта за ѓубре“, кога станува збор за индустриското производство?

Да, мислам дека ЕУ направи голема грешка што дозволи пренос на голем дел од своето производство во Кина, бидејќи не ги обврза своите мултинационални компании и таму да почитуваат некои социјални норми. Треба да се потсетиме на начелата на Лисабонската стратегија која прогласи дека ќе создадеме општество на знаење, што имплицира дека ние ќе извезуваме знаење, а Кинезите готови производи. Излезе дека Кина извезува производи, а ние не извезуваме знаење, бидејќи Кинезите веќе го имаат тоа знаење. Единствено решение е реиндустријализација на ЕУ. Тоа е нешто што мора да оди бавно и не може да биде брзо, бидејќи наглите потези ќе создадат само уште поголеми проблеми.

Како ќе оди сега тоа кога ја имаме кризата во еврозоната?

Треба да се биде трпелив, па да чекаме за да излеземе од кризата, што сигурно ќе потрае уште десет години. Кризата настана во 2008 г., а се раѓаше најмалку 30 години, и станува збор за големи поместувања меѓу удделот на трудот и удделот на капиталот во општествениот производ, и тоа во корист на капиталот. Тоа создаде голема разлика меѓу побарувачката и понудата. Посебно кога понудата се пресели во Кина. Тука настана проблемот. Долги години тоа се одржуваше со помош на кредити, и додека беше така, немаше криза.

Рековте дека еврото на некој начин претставува симбол...

Еврото е создадено како политички симбол кој наликува на југословенското братство и единство. Кога го создаваа, никој не размислуваше за тоа дека некој би можел да излезе од еврозоната. Мислеа дека тоа ќе трае вечно и затоа валутата се најде во криза. Да бвеа тоа нормални пари кои си ја завршуваа својата функција, немаше ни да дојде до криза. Се работи за политички проект кој уште на почетокот беше лошо поставен.

(...)

Како го коментирате фактот дека државите од поранешна СФРЈ денес заедно се пет пати позадолжени одошто Југославија во 1990 г.?

Тогаш се сметаше дека Југославија е доста задолжена, но според денешни стандарди таа воопшто не беше. Долгот беше мал, но тогаш важеа други стандарди и долгот главно се споредуваше со извозот. Немаше текови на капиталот, кои сега се главни механизми, а меѓусебната задолженост беше доста голема. До кризата, земјите важеа за неразвиени ако немаа многу кредити. Тогаш светот се движеше во чудна насока која е несфатлива за обичниот човек или економист.

Медиумите пренесоа дека како решение на финансискиот проблем во ЕУ го предлагате создавањето фискална унија, нешто што постоеше во СФРЈ. Колку е реално тоа?

Не верувам дека тоа може да се оствари. Мислам дека настојувањето за нешто такво би придонело за побрз распад на Унијата. Не верувам дека можат да се најдат правила кои би биле прифатени од сите. Би се појавил проблем, некои земји би сметале дека се искористени, што беше познат југословенски проблем во 1980-те години.

Кому тоа најмногу би му пречело?

На развиените земји, кои сега се жалат дека ги плаќаат долговите на должниците во ЕУ, додека ја занемаруваат својата корист. Слична беше ситуацијата во Југославија, кога Словенците се жалеа дека најмногу му плаќаат на Белград, а се занемаруваше фактот дека на пазарот бевме заштите со царини. На некој начин, овие проблеми се слични и стануваат аларматни како што доаѓа до стагнација на економскиот раст. Тогаш луѓето почнуваат да бараат виновник во некој друг.

Сметате дека во ЕУ доаѓа во „југословенскиот синдром“?

Мислам дека тоа сè повеќе се чувствува. Ако сега ги анкетирате просечните Германци, 90% од нив ќе кажат дека тие мораат да го плаќаат она што го трошеле Грците, а ако појдете во Грција, тие ќе ви кажат дека Германците се виновни за сè. Тоа е многу опасно и затоа го нарекувам „југословенски синдром“.

Дали Европската унија има иднина?

Јас тоа не го знам. Сепак, тоа е еден успешен политички проект кој настана по Втората светска војна, иако во други околности и со некои други луѓе. Би било несреќа ако се распадне, бидејќи би настанал хаос. Но, во ред. Мојот одговор би бил дека сигурно нема да потрае 600 години, како Хабзбуршката империја.

Дали униите на национални земји се одржливи или се само утопија?

Тоа е тешко да се каже. Унијата би била можна ако би се откажале од своите националности. Можеби, кога повеќе не би се чувствувале како Словенци или Французи, туку како кога би велеле: „Јас сум Европеец“. Веројатно само кога одиме во Кина велиме дека сме Европејци. Можеби помладите поколенија ќе го развијат тоа европско заедништво, под влијание на глобализацијата и поврзаноста која ја носат новите технологии.

ЕУ првенствено настана поради економска корист, а сега излегува дека граѓаните на развиените држави имаат поголема штета. Кој овде профитира, дали тоа се банките и мултинационалните компании?

Често велат: „Ги спасуваме банките“, а всушност се спасуваат депозитите. И, се разбира, секој што има депозит во банка сака таа да преживее. На некој начин банкарството е опасно, бидејќи кога банката ќе покаже дека не може да ја исполни обврската, доаѓа нејзиниот крај. Банкарството е изградено на доверба.

Грција има околу 70% од својот долг во француските и германските банки...

Тоа е една од причините за решавање на грчката криза. Тоа е сосем јасно. Цената ќе беше многу пониска доколку веднаш се признаеше дека Грција не може да го врати долгот. Државата не банкротира како претпријатијата, бидејќи тогаш фирмата добива нови сопственици. Државата нема нови, тие остануваат исти, па на некој начин тоа е стечај кој не е ист со оној на претпријатијата.

Мислам дека поевтино за Грција и за Европа ќе беше веднаш да се признаеше дека Грција не може да го врати долгот и да ѝ се „дозволеше“ излез од еврозоната. На почетокот не сакаа да го признаат тоа, главно поради француските банки кај кои Грците ги подигаа кредитите. Веднаш зад нив доаѓаат германските банки. За помош на Грција најмногу се залагаат земјите од чии банки дојдоа кредитите.

Изгледа дека некои банки и компании се помоќни од државите...

Тоа денес е нормално. Кога имате мултинационални компании, очигледно е дека државите ја губат моќта. Многу компании се прилично поголеми од државите според количината на парите и капитал кој го поседуваат и вртат. Тоа не е пожелна ситуација, но е реалност.

(...)

Европските земји набрзо нема да имаат стапка на раст како порано. Америка е во криза, додека Кина сè повеќе се развива, а Русија станува сè побогата. Како малите земји да се ориентираат во овој нов однос на силите?

Ако ѝ се придружите на Европа, тогаш вие ќе станете покраина на ЕУ. Не знам дали тоа е добро или лошо, но ситуацијата е таква. Не знам колку може да ѝ се верува на руската власт, но факт е дека се економски моќни додека цената на нафтата и гасот е висока. Сметам дека и Кина ќе има проблеми. Луѓето повеќе нема да сакаат да работат за мали пари, ќе бидат незадоволни од политичкиот систем, што ќе создаде проблеми. Но целата историја на човештвото е историја на проблеми. Така што, добро е што постојат. Би било уште полошо ако не постоеја проблеми, или ако сите би размислувале на ист начин. Би настанал униформиран свет, кој уште сега е здодевен бидејќи истите производи ги купуваме насекаде во светот. Токму таа здодевност на сегашното општество ме плаши. Никаде не можете да купите производ кој е специфичен за таа земја. Верувам дека и вашите сувенири се увезени од Кина. Сè е исто во целиот свет и тоа не е возбудливо.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото