Европската криза како шанса за демократијата

01.12.2011 11:32
Европската криза како шанса за демократијата

Европа еднаш веќе успеа да изведе чудо: непријателите станаа соседи. Во пресрет на кризата со еврото, повторно се поставува клучното прашање: како Европа да им ги гарантира мирот, слободата и безбедноста на своите граѓани во ова невреме на ризик кое пустоши низ глобализираниот свет? За тоа е потребно уште едно чудо: како Европа на бирократијата да стане Европа на граѓаните?

По девалвацијата на грчкиот долг, луѓето воздивнаа и им се разбуди надежта дека Европа преживеа и дека е доволно силна да ги надмине своите проблеми. Потоа грчкиот премиер Јоргос Папандреу објави дека сака тоа судбоносно прашање да му го препушти на грчкиот народ на референдум. Наеднаш, на површина изби скриената, извртена реалност. Во Европа, која толку се гордее со својата демократија, некој кој ја практикува демократијата станува закана за самата Европа! Папандреу беше приморан да го откаже демократскиот референдум.

И додека до неодамна се надевавме, како што вели германскиот поет Хелдерлин, дека „онаму каде што има опасност, таму е и спасот“, сега новата, извртена реалност се појавува на хоризонтот: таму каде што е спасот, расте и опасноста. Во секој случај, незгодното прашање наеднаш им се вовлече на луѓето под кожа: дали мерките кои го спасуваат еврото истовремено ја укинуваат европската демократија? Дали „спасената“ ЕУ ќе престане да биде онаа Европска унија која ја познаваме и наместо тоа ќе стане ЕИ, Европска империја со германски жиг? Дали оваа криза на која не ѝ се гледа крајот раѓа едно политичко чудовиште?

Не толку одамна беше вообичаено да се зборува погрдно за какофонијата која владее во ЕУ. Сега наеднаш Европа има само еден телефон. Тој ѕвони во Берлин и ѝ припаѓа само на Ангела Меркел.

Уште вчера се чинеше дека кризата го поставува она старо прашање за конечноста на европската унификација: дали Европа треба да стане вистинска нација, конфедерација, федерална држава, чисто економска заедница, неформална ОН, или нешто историски ново: имено, космополитска Европа заснована на европскиот закон кој игра улога на политички координатор на европеизираните национални држави?

Сево ова наеднаш се чини малку фолклорно. Дури и прашањето „Каква Европа, всушност, сакаме?“ сугерира дека навистина имаме некаков избор по спасувањето на еврото. Овој воз веќе ја напушти станицата – барем за Грција, Италија и Шпанија.

Не е трајно променета само структурата на власт. Сега се создава една нова логика на власта. Меркеловско-европската граматика на власта ја потврдува империјалната разлика меѓу земјите-доверители и земјите-должнички. Значи, тоа не е војна, туку економска логика. Нејзината идеолошка основа е нешто што би го нарекол германски евро-национализам: т.е. проширена европска верзија на дојчмарк национализмот. На тој начин германската култура на стабилност се крева на ниво на европска идеја-водилка.

Некои Германци навистина веруваат дека нивниот модел е магнетски привлечен за луѓето во Европа: Европа учи германски, велат тие. Но пореално би било да се запрашаме: на што се заснова таквата команда? Ангела Меркел ни вели дека цената на неконтролираното задолжување е губење на суверенитетот.

Последица од тоа е раздор во самата ЕУ. Тој се гледа, пред сè, во новиот внатрешен судир меѓу еврозоната и земјите надвор од неа. Оние кои не го користат еврото се најдоа во ситуација да бидат исклучени од процесот на носење одлуки со кои се крои европската денешница и иднина. Тие го губат својот политички глас – најочигледен случај е Британија, која се движи кон европска ирелевантност.

Меѓутоа, драматичниот раздор се одвива и во новата активност на центарот на евро-земјите кој е погоден од кризата, меѓу земјите кои или сега веќе зависат, или набрзо ќе зависат од милостината на кризните фондови и земјите кои ги финансираат овие фондови. Овие првите немаат избор освен да му се препуштат на самоволието на германскиот евро-национализам. На Италија, како една од можеби најевропските земји, ѝ се закануваат дека повеќе нема да игра никаква улога во креирањето на сегашноста и иднината на континетот.

Основните правила на европската демократија се укинуваат или извртуваат, заобиколувајќи ги парламентите, владите и институциите на ЕУ. Мултилатерализмот се претвора во унилатерализам, еднаквост во хегемонијата, сувереност во лишувањето од сувереноста, а уважување на непочитувањето на демократското достоинство на другите народи. Дури и Франција, која долго преовладуваше во европските интеграции, мора да им се покорува на инструкциите од Берлин, сега кога е загрижена за својот меѓународен кредитен рејтинг.

Оваа иднина, која се креира во европската лабораторија како намерен нуспроизвод, потсетува на – жал ми е што морам да го кажам тоа – задоцнета варијанта на Советскиот сојуз. Централизираната економија повеќе не значи зацртување на петолетки за производство на стоки и услуги, туку петгодишни планови за намалување на долгот. Овластувањето за нивно спроведување им е дадено на „комесарите“, со „право на непосреден пристап“ (Меркел) во уривањето на Потемкиновите села изградени по вина на злогласните задолжени земји. Сите ние знаеме како заврши приказната со СССР.

Но, може ли да има поволни можности и покрај кризата? Всушност, прашањето е како со овој огромен простор од 27 земји-членки може да се управува ако, пред секоја одлука, треба да наговарате 27 шефови на држави, нивни министри и пратеници? А одговорот се наметнува сам по себе. За разлика од ЕУ, еврозоната е de facto заедница со две брзини. Во иднина само еврозоната (а не ЕУ) ќе биде авангарда на европеизацијата. Тоа би можело да биде приликата за итно потребната институционална креативност.

Се зборува многу за „економска влада“. Тоа треба да се искристализира, испреговара и испроба. Порано или подоцна, ќе бидат воведени многу контроверзните евро-обврзници. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, веќе предлага воведување данок на финансиските трансакции, кој не би го поминал британското вето.

Џон Ф. Кенеди еднаш го запрепасти светот со својата идеја за создавање мировни сили. По таа логика, нео-европејката Ангела Меркел треба да се осмели да го изненади светот со досетливост и иницијатива, бидејќи во кризата со еврото не станува збор само за економијата туку и за иницирање на европеизацијата одозгора, за различноста и самоопределувањето, за политичкиот и културен простор каде што граѓаните повеќе не се доживуваат едни со други како непријатели кои ги обесправиле или ограбиле. Создадете ја Европа на граѓаните веднаш!

На тој начин, секоја приказна за „проширувањето“ и „продлабочувањето“ ќе добие ново значење. Она што треба да се прошири и продлабочи во Европа е демократијата. Владеењето на правото и пазарот не е доволно. За слобода е потребен и трет столб, ако сакаме стабилност, а тој се нарекува европско граѓанско општество или, поконкретно, европска граѓанска активност. Таквата самостојна граѓанска пракса, која би обезбедувала основни средства за младите невработени Европејци, сигурно би чинела многу, но тоа е само делче од цената која моравме, а веројатно и повторно ќе мораме, да го голтнеме за спасување на банките.

Не би требало да се плашиме од непосредната демократија. Без транснационалните можности за интервенција одозгора, без европските референдуми за европските теми кои можат да ја разбрануваат цела Европа, цел овој потфат ќе се урне. Зошто да немаме претседател на европската комисија кој истиот ден го бираат сите граѓани на Европа, и кој на тој начин првпат би бил европски во вистинска смисла на зборот?

Можеби исто така би имало смисла да се постави ново уставотворно собрание кое овојпат би дало демократски легитимитет на една поинаква Европа – да ја наречеме „Европска заедница на демократиите“ (ЕЗД). Тоа би бил почеток, ама не и одговор на европската криза. Мораме да разговараме за Европа на граѓанинот (citoyen, citizen, burgermaatschappij, ciudadano, обивател), но и за антагонизмите кои се кријат зад обединувачките формули „Европа на граѓаните“. Бидејќи секој од овие клучни национални културни концепти претставува поинаков пат кон политичката современост.

Како би била можна европската демократија без обесправување на националните парламенти? Под претпоставка дека спроведувањето на демократските права опфаќа и бара многу различни патишта, може ли демократското зајакнување на космополитска Европа да биде проследено со зајакнување на националните демократии во земјите-членки?

Одговорот мора да гласи дека новата Европа нема да го следи моделот на германскиот евро-национализам, туку дека таа ќе биде нова Европска заедница на демократиите. А делењето на сувереноста само ќе ги поттикне силата и демократијата.

Извор: The Guardian

Илустрации: Скот Кемпбел

Touchdown! That's a rlealy

Touchdown! That's a rlealy cool way of putting it!