Нова поделба во ЕУ - стабилен север и проблематичен југ

23.11.2011 16:36
Нова поделба во ЕУ - стабилен север и проблематичен југ

Поранешниот огромен јаз меѓу старите и новите членки (поранешните комунистички држави) на ЕУ последниве години е значително намален. Бидејќи централно и источноевропските држави станаа побогати и посамоуверени, се отвора нова поделба внатре во ЕУ – меѓу фискално стабилниот север и југот кој е склон кон кризи.

Не толку одамна на десетте идни членки на ЕУ од истокот се гледаше како на сиромашни роднини, кои значително заостануваат зад побогатите и поразвиени соседи од западот. Меѓутоа, многу нешта се променија кога Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија влегоа во Унијата во 2004, а Бугарија и Романија три години подоцна.

Како што овие земји стануваа побогати, ги реформираа економиите и јавните финансии, и стануваа поинтегрирани во Унијата, толку помалку беа склони да гласаат како единствен блок. Но, со исчезнувањето на поделбата Исток-Запад во Европа, сегашната економска криза во еврозоната на површината исфрли нова поделба – меѓу земјите од северот со релативно здрави финансии, и членките на југот од континентот, чии буџети се виткаат под товарот на неконтролираната потрошувачка и нараснатиот државен сектор.

Аналитичарите истакнуваат дека земјите од централна и источна Европа сега ги собираат плодовите од болните и структурни реформи и буџетски дисциплини кои мораат да ги спроведат на патот кон ЕУ по падот на комунизмот. Во меѓувреме, долгогодишните членки од југот на континентот, како Грција и Италија, и понатаму се однесуваа расипнички како во минатото.

Фабијан Цулег, главен економист од Центарот за европска политика, чие седиште се наоѓа во Брисел, вели дека подготвеноста за промени на земјите од источна и централна Европа им овозможи да се најдат во слична ситуација како и штедливите членки од северот, додека оние од југот и понатаму се соочуваат со проблемот на склеротични економии. Додека владиниот долг во Грција во вториот квартал од годинава достигна астрономски 152% од БДП и 121% во Португалија, Полска успева да го одржи на 56%. Естонија, која ја фалат како најуспешна економија меѓу новите членки, успеа да го намали долгот на само 6,2% од БДП.

Не постои таен рецепт

Новите членки се поуспешни од економиите на југот и кога станува збор за растот. Според проценките на Европската комисија, Естонија годинава ќе оствари неверојатни 8% економски раст, Полска 4%, а Словачка 2,9%. Од друга страна, се очекува дека грчката економија ќе забележи пад од 5,5%, а португалската од 1,9%.

Андрес Кунингас, шеф на финансиското одделение во амбасадата на Естонија при ЕУ, вели дека оваа мала балтичка држава отсекогаш се стремела да го одржи својот долг на ниско ниво. Официјален Талин брзо реагираше со цел да го среди јавниот сектор кога изби финансиската криза во 2008 г.

Тој ги повикува членките од еврозоната од југот строго да ги спроведуваат реформите за нивните економии да станат пофлексибилни и поконкурентни. Меѓутоа, Кунингас предупредува дека не постои лесно решение.

„Не постои таен рецепт. Станува збор за чисто економско чувство кое морате да го следите“, вели тој.

Сегашната состојба е драстично поразлична од 2008 г., кога, по избивањето на кризата, новите членки од централна и источна Европа беа критикувани поради фискалната неодговорност. Унгарија и Летонија беа првите членки на ЕУ кои побараа помош од ММФ и Брисел.

И покрај фактот дека ниедна нова членка на Унијата не го достигна европскиот просек на општествен производ по глава на жител, нивната реакција на кризата од 2008 г. значително се разликува во однос на однесувањето на неколку постари членки на ЕУ.

Гласот од Истокот сè подобро се слуша

Додека Грција и Португалија се соочуваат со потешкотии во примената на програмата за штедење – повеќето земји од централна и источна Европа забрзано спроведоа мерки како драстични кратења во јавниот сектор, радикални реформи на пензискиот систем и поголема вклученост на приватниот сектор во здравството.

„Ако се присетиме на дебатата која се водеше на почетокот на кризата во 2008 г., имаше многу вперувања со прстот кон централна и источна Европа. Сега гледаме дека, благодарение на реформите, земјите од овој регион стојат на многу цврсти основи и во многу нешта се пример за спроведувањето на структуралните реформи“, објаснува Даг Хартелиус, амбасадор на Шведска при ЕУ.

Почитта која ја стекнаа овие земји во Брисел на очигледен начин ја промени динамиката на функционирање на ЕУ. Сега е тешко да се замисли ситуација во која лидерите од централна и источна Европа се третираат како „граѓани од втор ред“, како што се случи во 2003 г., кога среде расправата за војната во Ирак францускиот претседател Жак Ширак им порача да „замолчат“.

Шведскиот амбасадор истакнува дека гласот од Истокот сè подобро се слуша и – што е уште поважно – сè повеќе се уважува.

Како резултат, новите членки на Унијата сè помалку се чувствуваат принудени да гласаат како единствен блок против државите како Франција или Германија. Нивната заедничка позиција за политиката кон земјоделството, регулативите кои се однесуваат на екологијата и надворешните работи – повеќе не е норма.

„Од енергијата до земјоделството, постојат големи разлики меѓу новите членки, како и меѓу сите 27 земји, така што поделбите во Унијата повеќе не одат на линијата Исток-Запад“, вели Пјотр Мациеј Качински од Центарот за студии по европска политика, со седиште во Брисел.

На пример, Естонија не е согласна да се задржат високите давања на ЕУ за земјоделството, кон што се стреми Полска. Исто така, земјите како Чешка, Словачка и Унгарија, кои немаат излкез на море, се противат на позицијата на балтичките земји околу поморските регулативи. Меѓутоа, поделбата Исток-Запад и понатаму е очигледна кога станува збор за пополнувањето на институциите на ЕУ. Иако во неодамна формираната Европска служба за надворешни активности (European External Action Service) сите членки се рамномерно застапени – во моќната Европска комисија и понатаму преовладуваат старите членки.

Качински тоа го опишува со следниве зборови: „Околу половина од вработените на пониските нивоа во Европската комисија се од новите членки на Унијата. На повисоките нивоа каде што се одлучува – чефови на департменти, директори на директорати – поставени се само меѓу 1 и 5% претставници од централна и источна Европа“.

Извор: slobodnaevropa.org