Колку ни значат Грците?

18.02.2012 11:27
Колку ни значат грците?

Резултати од анкетата спроведена помеѓу германските интелектуалци, политичари и бизнисмени. Зборуваат за Европската унија, нејзината сегашност и иднина, како и за причините зошто треба, односно не треба да ѝ се помогне на Грција.

Без дно
Reiner Brüderle, шеф на ФДП во Бундестагот

Во Грција еднаш одамна во едно буре живеел Диоген, а  дали бурето имало дно - историјата не ни кажува. Никој не сака Грците да живеат во буре без дно. Никој не сака ЕУ постојано да истура пари во тоа буре. Грција мора структурно да се промени. Денес таа изгледа како земја во транзиција по падот на источниот блок, а Германија или другите земји, како Полска на пример, можат да го помогнат нејзиното заздравување. Треба да обрнеме внимание на нашите искуства со агенцијата за приватизирање или на искуствата кои ги имавме при приватизацијата на поштата и телекомот. Но, не треба премногу да се затегнуваат работите. Доколку во Грција нема веќе подготвеност да се прифатат понудените мерки, тоа нема да оди никому во прилог. Ниту на Грција, ниту на Европа. Замислете само нашата финансиска политика да ја одредуваат ЕУ или ММФ, истовремено намалувајќи ги платите, пензиите и другите државни услуги. Грција е суверена држава. И покрај оправданите критики, мораме да го почитуваме тоа.

Бессони ноќи
Dunja Hayali, ТВ водителка

На тоа се посветени многу текстови во весниците, минути на телевизиите, дневни состаноци, ноќни преговори, бессони ноќи, отечени подочници и многу, многу милијарди. Прашањето, меѓутоа, е: Што Грција им значи на Грците? На крајот, само тоа е важно.

Единството нè прави појаки
Wolfgang Schäuble, министер за финанции

Не се работи за тоа колку нам ни значи Грција, туку најпрвин за тоа колку нам ни значи заедничка Европа, нашите заеднички стандарди и заедничката валута, и што сакаме и што можеме да направиме за унапредување на единството на Европа, јакнење на нашите стандарди и валути.

Живееме во глобализиран и поврзан свет во кој парите во големи количини кружат низ светот, така што врз нас влијаат и случувањата од најоддалечените краишта на светот. Само во обединета Европа, во најголемиот светски економски регион, имаме шанса да се докажеме на светскиот пазар. Во конкуренција со националните пазари можеме како Европјани да бидеме конкурентни и да ги потврдиме нашите идеали и вредности. Заедничката валута притоа е суштински важна за овој успех. Затоа инвеститицијата во Европа е инвестиција во нашата благостостојба и иднина.

Нашата помош им купува време на загрозените земји, како што е Грција, да си помогнат себеси. Нашата помош, меѓутоа, не ги ослободува земјите од еврозоната од обврските да ги усвојат неопходните мерки за да ја подигнат својата конкурентност и да се фатат во костец со суштинските проблеми на презадолжените држави. Со тоа, рака под рака, доаѓаат жестоките внатреполитички судири, болните резови и неопходно е да се издржат големите отпори. И во тоа нашиот систем мора да се докаже – да се постигне голема промена на демократскиот пат. Во секој случај – исто како и во животот – не постојат едноставни, брзи и лесни решенија преку ноќ. Долго не реагиравме против негативните појави во економскиот развој. Со тоа, кругот се затвора, сето ова важи и за колепката на демократијата, Грција.
Германија се обидува со сите сили да им ја олесни задачата на Грција и на останатите земји. Меѓутоа, Грција и останатите земји мораат да покажат политичка волја за неопходните реформи.

Омлетот на егзистенцијата
Ulrich Beck, социолог

Многу Германци не ја сфаќаат состојбата на работите. Тие не препознаваат што всушност значи Европа. Европа во моментов се наоѓа, да употребам секојдневна метафора, во состојба на кајгана: никој не ја разликува белката од жолчката.

Прво глобалната финансиска, а потоа и европската евро-криза, создадоа ураган од случувања коj со својата сила провали во средиштето на државните институции и во човековото секојдневие. Тоа е непредвидлив процес, кој не се потпира на устав и на демократија,a e експлозивно наелектризиран. Значи, тоа се ненадајните пресврти на финансиската крива, која со своите флуктуации ни ја покажува нашата егзистенцијална меѓузависност, т.е., да останеме во рамките на метафората, омлетот на егзистенцијата. Доколку Грција банкротира, тоа е знак дека ниту мојата пензија нема веќе да биде сигурна. Што воопшто значи „банкрот на држава“? Што тоа ми значи мене? Кој помислил дека банките ќе ја молат штедливата држава за помош и дека државите, хронично со празни буџети, ќе им оставаат на овие катедрали на капитализмот на располагање астрономски суми на пари? Денес тоа сите го знаат. Но, тоа не значи и дека го разбираат.
Навистина не се работи за тоа дали Грција ќе банкротира, туку за тоа дали германските, британските, француските и американските банки повторно ќе се најдат над провалија и дали повторно државите, кои стојат над оваа иста бездна, се сметаат за обврзани да испумпаат незамисливи суми во финансиските текови: тоа се законите на кајганата. Тоа што многумина не го признаваат е фактот дека евро кризата ја зајакнува Германија – и политички и економски. Одеднаш Европа има само еден телефон и тој ѕвони во Берлин (барем за сега), и тоа кај Ангела Меркел. Таа ги прима шефовите на владите на задолжените држави и објаснува со мирна добронамерност која ја споделуваат сите Германци; а тоа кон што ова води - тоа е германскиот евро-национализам. Кој ќе ја исклучи Грција, ја ослабнува Германија.

Остров на благосостојбата
Vural Öger, претприемач

Излезот на Грција од евро зоната би имал катастрофални последици. Грчкиот банкарски систем, кога би се срушил, со себе би ги повлекол и другите европски банки. Домино ефектот би ги дестабилизирал останатите задолжени земји во Европа. Последица би биле економски загуби, стечаи, пораст на невработеноста и немири. ЕУ е политички проект кој на европските народи веќе 60 години им носи мир, сигурност, демократија и благосостојба. Таа е повеќе од економска унија. На Европа ѝ треба заедничка надворешна, внатрешна и економска политика. Во конкуренција со светските сили САД и Кина, Европа може да преживее само ако го комплетира својот политички процес на соединување. Германија како мал остров на благосостојба не би имала никакво меѓународно значење во случај Европа да се распадне. Тоа е причината зошто не смееме да дозволиме Грција да пропадне.

  Тешка лекција
Heinz Bude, социолог

Грција нам ни е потребна како колепка на Европа од која сме научиле: дека според Платон постои еден свет за кого треба да размислуваме, а според Аристотел мноштво појави во него; да разликуваме теориски поглед кон светот и практична интерпретација на стварноста; дека е нештото нешто, а ништото – ништо. Денес Грција нам ни е потребна зашто се поставува прашање што значи да се биде граѓанин на Европа. Ние не сме само учесници на пазарот или граѓани на една земја, туку и пријатели во заедницата на пријатели. Како такви, би требало да ја кажеме вистината: драги Грци, нè лажевте, нè изневерувавте и го собравте кајмакот. Денес морате да дадете сè од себе за да го зачувате нашето пријателство. Цената е висока, а лекцијата тешка. Но, ако го сторите ова нема ниту да ви судиме ниту да се пресметаме со вас. Бидејќи пријателите никогаш не забораваат колку се важни едни на други.

Планот на маршалот
Jürgen Trittin, претседател на пратеничката група на Зелените во Бундестагот

Со гаранциите за Грција се впуштаме во одреден ризик. Но, дали тука станува збор само за Грците? Не, тоа е чиста пресметка. Ние ги стабилизираме Грција и европскиот финансиски систем. Во случај на неконтролирана неспособност за плаќање банките можат да пропаднат, а ЕЦБ би можела да изгуби огромна сума пари. Во ризикот кој го презеде ЕЦБ, Германија има удел од 27%. Неспасувањето е поскапо од понатамошното кредитирање. Спасот на Грција е во наш интерес. Но, ова е солидарна пресметка: луѓето во Грција, Португалија и Шпанија страдаат од голема невработеност, задолженост на претпријатијата и намалување на јавните услуги. Солидарноста е една од основните европски вредности. Ние Германците имавме среќа што САД по Втората светска војна, преку Маршаловиот план, ни ја пружија раката на спасот. Време е да го направиме и ние истото за народите од јужна Европа. Европската инвестициска програма за одржлив раст и поголема вработеност на сите им е од корист.

Наследството не се смета
Burkhard Hirsch, политичар од ФДП

Времето кога Хелените го обликувале светот преку две и пол илјади години одамна е поминато. Сократ, Платон и Аристотел ја обликуваат денешна Грција помалку отколку Тацит или Рим денешната земја на Рајна. Нивниот однос спрема парите покажува дека Грција го изгубила сензибилитеот на својата стара култура. После 400 години владеење на Турците, основана е република и Грците се прифатени, но презадолжени и под притисок на англиските и француските доверители и под десетгодишното апсолутистичко владеење на првиот баварски крал Ото 1. Оттогаш вкупно 5 пати банкротираа, не сметајќи го ова сега. Немам ништо против нашите грчки европски земјаци! Но Европа има многу корени. Нејзе ѝ припаѓаат и Рим и Византија, исламските мудреци Алгориси и Авицена, Томас Хобс и Џон Лок, Штефан Цвајг и Менделсон –Бартолди, Дарвин и Марија Кири – секој избор е по слободна волја. Дали е чесно и потомците на овие херои да живеат лесно на кредит, а кога ќе дојде време да се плати сметката да се повикаат на културното наследство? Кога така би почнале сите, тогаш зборот семејно стебло би добил сосема поинакво значење. Братство и солидарност - да, доколку го користат европските граѓани. Но, враќањето во минатото мораме навистина да го прецртаме.

Фатални последици
Heinrich August Winkler, историчар

На Грција ѝ треба помош за самата да си помогне, а не да го замаскира неуспехот на својата држава со својата пропадната економија – наследство на византиското и отоманското кралство. Дури кога ќе се потврди дека Грција има своја управа, среден катастар и економски закони прилагодени на европските стандарди, ќе биде оправдана понатамошната помош од ЕУ и ММФ. Грција која нема ниту желба а ниту е способна да ги преземе неопходните реформи, им наликува на своите моќни помагачи како буре без дно. Под такви услови, секоја понатамошна финансиска помош би имала фатални последици. Во земјите на донаторите би еродирала преостанатата доверба во европскиот проект. Тогаш не би пропаднало само еврото туку и целата ЕУ.

Срамно
Gesine Schwan, политиколог

Треба да се срамиме од потценувачкиот тон со кој кај нас се зборува за „Грците“ кои се излежуваат на сонце, кои не се придржуваат кон своите ветувања, а потоа сакаат ние Германците да ги издржуваме. Бидејќи исто како и кај Германците, Французите или Исланѓаните, и меѓу Грците има голема разлика. Тие кои сега страдаат се најмалку одговорни за тоа што им се случува, а тие кои допринесоа за оваа ситуација и кои профитираат од неа, не се само во Грција. Кој извезуваше оружје во Грција и од тоа извонредно профитираше? Колку заработуваат Германците од кредитите кои ѝ ги даваат на Грција? Начинот на кој се дистанцираме од тешкотиите во кои се наоѓа оваа земја зборува за недостаток од солидарност, а не за долгорочно планирање.

Кој денес смета дека може да се потпре на самиот себе и дека може на другите да им го наметне својот начин на гледање на работите, ги негира предизвиците со кои се соочуваме во овој меѓузависен свет. Затоа мораме да се потпреме на разбирањето и солидарноста, Ако некому оди добро, тој лесно може да ги остави другите на цедило. „Објективни“ причини за тоа лесно можат да се најдат. Но, тоа ќе нè стигне и нас. По Грција, следниот кандидат за пуштање низ вода е Португалија. Што ќе се случи после тоа, никој не може да претпостави. Во секој случај, цената би била и материјално и духовно поголема отколку сега да се пружи помош со долгорочни гаранции и враќање на довербата во европското заедништво. Тоа би била одржлива а не краткорочна политика.

Преслаба економија
Wolfgang Bobach, политичар на ЦДУ

Решението е јасно: многу многу милијарди! Така ќе биде и во иднина. Великодушно се одобрени милијарди евра помош уште од пристапот на Грција во ЕУ во 1982 година. Само помеѓу 2004 и 2008 година, кон Атина се слеале повеќе од 24 милијарди евра. Голем дел од нив ги дала Германија. Добро забележавте: тука не се работи за кредити! Покрај тоа, Германија е најголем гарант за помошта што стигнува за Грција од еврозоната. Додека помошта на ЕУ може лесно да се оправда, особено кога е точно одредена и сврзана за одредена цел, нешто поинаква е приказната кога станува збор за кредитите. Тука ризикот кој произлегува од фактот што Грција со години живеела над своите економски можности би требало да го сноси целата еврозона. Чекор по чекор кон драстични мерки на штедење и поголеми даноци – штом БДП паѓа, а не расте. На Грција не ѝ недостасува политичка волја и возвишени цели, туку ѝ
недостасува неопходна економска сила, да се консолидира краткорочно под условите на еврото за да може самата себе да се финансира долгорочно. За среќа, денес околу тоа може отворено да се разговара, што не беше случај до пред неколку месеци.

Извор: pescanik.net

mene nishto ne mi znachat.

mene nishto ne mi znachat. ako Makedoncite se za nikade, Grcite se ushte pobedni vo duhot i pozadoeni so nacionalizam. Evropa gi trpi od svoi lichni prichini, najmnogu poradi toa shto Grcite ja vrshat valkanata rabota za nea (blokiranje na vlezot na odredeni zemji vo EU, na primer). taka shto, neka crknat, ako sakaat i ako se tolku nesposobni. sekako, neka mi prostat chesnite iskluchoci megju niv, koi e vo mal broj, isto kako i vo nashava zemja

Mene zaradi izgubeni godini

Mene zaradi izgubeni godini od mladosta vo zatvor narecen "No visa", embargo, veto, kupuvanje makedonski firmi za mali pari, prefrlanje na makedonski biznisi vo grcija, perenje na kriminalni pari preku kipar a odzgora na toa i negiranje na toa sto sum- NE MI ZNACAT NISTO.

ОкоБоли главаВицФото