Не вртете го погледот!

02.12.2011 14:43
Не вртете го погледот!

Отсуство на свест, хуманост, совест, одговорност, мотивираност, образованост? Или присуство на страв, некултура, хипокризија, малограѓанштина, неинформираност? Ќе собере ли Македонија сили во XXI-от век да ги удостои со елементарни човечки права луѓето со хендикеп?

Низ мојата тивка, мала и споредна уличка, речиси секојдневно, со години, поминува истото, пристојно и симпатично момче од околу триесетина години. Со видно забавен и отежнат од, доаѓа до аголот каде таа се вкрстува со големата, фреквентна и бучна улица и се враќа назад, дома. Кога ќе се сретнеме, разменуваме само едно куртоазно „здраво“. Во неговите крупни, црни очи, забележувам ситна, но сјајна животна искра, која срамежливо и колебливо бара пат, за да се пробие и светне низ наталожената, дамнешна тага. Забележлива е и неговата желба за обична, секојдневна комуникација, која евидентно му недостасува. Дознав дека како дете бил невина жртва на тешка сообраќајка токму на „главната улица“, од која се извлекол со трајни моторички оштетувања. Оттогаш наваму, неговиот контакт со надворешниот свет започнува со излегувањето од неговиот дом и завршува на онаа точка каде што се сечат малата и големата улица. Или, прецизно кажано: дури цели 500 метри. Знам и дека неговиот одбранбен механизам од односот на примитивната (макро и микро) средина кон неговиот недостаток (во суштина, кон целата негова личност), едноставно го присилил на многугодишна (а, како што се движат, односно стојат нештата, и доживотна) изолација. Неговиот граѓански, социјален, економски и културен статус е во длабок минус. За емоционалниот, би било тотално бесмислено да се изусти што било.

Во моето „урбано“ маало (Тафталиџе), ова момче е еднакво на синонимот „оној што куца“ или „инвалидот“. И жителите (кои некогаш ги сметав за свои со/граѓани) на овој град (кој, исто така, некогаш го сметав за свој), и полуписмените и неуки писарчиња (кои уживаат да се нарекуваат себеси новинари), и сличните такви политичари (пратеници, министри, градоначалници) од оваа држава, со невидена доза на дрскост и простотилак си го земаат правото луѓето кои животот ги сместил во една категорија поинаква од стандардната, да ги нарекуваат „инвалиди“.

Додека цивилизираниот свет проблемот со спорната и дискутабилна терминологија компромисно го реши пред точно 35 години со донесувањето на „Декларацијата за правата на онеспособените личности“ и агресивно се бори и успешно се изборува за нивно реализирање, овдешните господа од немање елементарна граѓанска култура и реторика не знаат како да ги именуваат и да им се обраќаат на посебните лица, а, не пак да иницираат и спроведат некаква акција за помош од каков било вид. Додека глобално моќните НВО, фондации, здруженија, индивидуи, волонтери и медиумски ѕвезди активно и гласно лобираат, одржуваат трибини, масовни собири и кампањи за секаква поддршка (од морална до материјална) на луѓето со хендикеп, неколкуте такви локални организации буквално молат, протестираат и собираат потписи за трошка милосрдие, минимум дигнитет и базични човечки права на истата група луѓе. Додека силните и стабилни држави со децении прецизно и стриктно ја применуваат легислативата специјално донесена за ваквите личности (од посебен болнички третман и соодветно рехабилитирање до задолжителна пристапност до сите јавни објекти), тука тие (треба да) се задоволни со санирање на некаков кров од институција за нивно згрижување или обезбеден бесплатен паркинг! Додека хуманите општества кои еднакво се грижат за сето свое граѓанство одамна ги имаат интегрирано луѓето со намалени способности во сите вообичаени животни текови, македонскиот немушт човек со „нормални“ умствени и физички капацитети панично се плаши од средби со патерици, бели стапчиња, колички!

Секако дека (ми) е јасно дека овде сè уште владее суровата логика „нема доволно за здравите и правите, а не пак за оние другите“ или „повеќе од доста ми е од моите проблеми и не можам да се заморувам со туѓите маки“ и дека апсолутен примат имаат законите на посилните и побројните. Јасно (ми) е дека еднаш всадените предрасуди се искоренуваат бавно и инертно и дека менталниот склоп на популацијата воспитана по македонски терк е чуден и апсурден (да не речам провинциски), но, никако не (ми) е разбирливо од каде и од што потекнуваа тој ирационален страв од хендикепираните, а особено од нивните помагала?

Добро-добро, знам дека фобиите се тешко објасниви феномени и се манифестираат со избегнување на објектот/субјектот што го предизвикува стравот. Но, знам и дека успешно се „лекуваат“ токму со соочување со него. Па, ако Ви е од некаква корист и помош, ќе Ви кажам дека кога на некоја „виша“ сила ќе ѝ успее да го скроти физичкото, на друга уште поголема сила (како на некаква противтежа) ѝ успева да го направи нескротливо духовното; па, така, го избиструва интелектот и ги изострува сетилата. Ви кажувам и дека знам дека товарот на хендикепот е бескрајно тежок и неговото носење на плеќите е бескрајно болно. За да се истрае и издржи во носењето на таков товар, треба храброст, сила, достоинство, но и цврста потпора од опкружувањето. Затоа, драги мои, покажете респект и сочувство (никако сожалување!). Соочете се со стравот и не вртете го погледот од носачите на најмачниот товар на светот! Само така ќе си помогнете и олесните прво на себеси, а потоа и на оние од „другата“ страна.

А, животот? Животот е опасен блефер. Никогаш не можете да предвидите на која страна од улицата може да Ве фрли!

Слика: Фрида Кало

знеме како е во развиените

знеме како е во развиените земји. знаеме и како е кај нас.
ама ете, тргни од себе. што правиш ти за тој човек?
го нарекуваш момче и го деградираш. ако некој има треисетина години, тогаш тој е маж, а не момче.
со едно „здраво“ си ја миеш совеста и си дозволуваш да раскажуваш патетична приказна за кутрото момче од сокачето.
има ден на толеранцијата. на тој ден се крена поворка за правата на ЛГБТ групите, а луѓето со хендикеп никој ниту ги спомена. не може да се смени ништо додека не се смени свеста. луѓето со хендикеп се како нас, како мене и тебе.
додека тоа не го сфатиме и додека на луѓето со посебни потреби се гледа како на гревчиња, само ќе зборуваме во празно.
во другите земји има силни волонтерски организации.
и има работи штос е организираат во Македонија, ама на никој не мус е мрднува од компјутерот, па се се сведува ан цитати како екај анс, како треба да биде...