Ефектот на огледалото

09.12.2011 10:48
Ефектот на огледалото

Малку се работите по кои во нешто сме први како општество, а една од нив убедливо е гледањето телевизија. Токму затоа, можеби телевизискиот бизнис, и покрај малиот пазар, е мошне исплатлив, особено во последните неколку години. Мора да признаеме дека и покрај брзата пенетрација на интернетот и многуте проекти за информатичка писменост, компјутери за секое дете и што уште не, и понатаму телвизиите се доминантните медиуми за информирање во оваа држава. Но, и не само за тоа. Кај нас зјапањето во телевизор и кога треба и не треба е врвен национален спорт. Токму затоа на овие простори сè уште важи онаа стара флоскула „само она што го има на телевизија се има случено“. Дали навистина е така или не, оценете сами.

Во услови кога подолг период наназад, а особено годинава, се соочуваме со сериозни забелешки за слободата на говорот и независноста на медиумите, неминовно ми се наметнува прашањето за каква независнот ние сакаме да се избориме? Ајде, овој пат да се свртиме и погледнеме што всушност мнозинството од овој народ гледа и сака да гледа на телевизија, и зошто медиумската помраченост, необјективното информирање, сè поголемото влијание на власта врз уредувачките политики и притисокот врз медиумите не му пречат на овој народ. Ако за момент заборавам која ми е вокацијата, што студирав и специјализирав и цел живот да сакав бидам, и почнам да гледам на
телевизијата и медиумите само како гледач и обичен граѓанин, како што гледаат деведесет и осум насто од населението, тогаш би рекол дека она што деновиве актуелнава Влада го предлага како нов Закон за медиумите е всушност она што навистина ѝ треба на медумската сфера, и македонското новинарство. Да се разбереме, не велам дека ваков Закон ќе ги уреди никогаш неуредените односи во таа сфера, не велам дека концептот на Законот за регулирање на медумските услуги е добар, (боже, па Ордан и Путин треба да учат од овие!) туку дека телевизиите, новинарите и публиката тоа го заслужуваат. Сите ние заслужуваме и многу полошо од овој закон. Зошто? Многумина ми велат дека после затворањето и уништувањето на А1, сè е поразлично и изменето. И, велам, да, не е исто, но длабоко се прашувам дали навистина е така? Јас знам зошто ми недостасува споменатата телевизија. Ја нема повеќе програмата (пред сè, информативната) од таа тлевизија, но убеден сум дека на најголемиот дел од гледачите, таа (А1) воопшто не им недостасува. Доколку уште еднаш погледнеме околу нас, само како гледачи, ќе сфатиме што гледа нашиот народ, што ни се пласира на телевизија, и што е она поради кое ги имаме најчестите кавги, секојдневни кавги во нашите домови.

Години наназад сите вие, почитувани медиумски газди, водители, новинари и останата медиуска фела, го обезличувате овој народ, го терате да размислува
дека вредноста на животот е изразен во шпанските и турски серии. Дека турбо-фолкот и српските култни серии и филмчиња, снимани со декрет и 3000 статисти од бивша ЈНА се поим за тоа како некогаш супер се живееше, и дека тоа беше вредност. Вие нам, како гледачи, по стотици пати ни ја пуштате Цеца-национале за да ни покажете што е тоа музика и гламур, ја „вртите“
Брена за да доловите што е вредност и како изгледа приказната за „соживот“ со посредство на „Југословенка“ од Вардара до Триглава... „Вредноста“ и гледаноста на индиско-шпанските серии убедливо рушат рекоди во најплатените термини. Вие ги полните џебовите, додека народот брза да стигне дома и да почне да се караа дали да гледа „Полат“, „Тркалото“ или „Малечката невеста“, бидејќи повеќето семејства имаат по еден, најмногу два телевизори. Вие години наназад емитувате програма и емисии во кои главните фаци, од кои децата учат и се поистоветуваат, ви се од типот на Жаре Берберот, онаа несреќа од водител кој во сопствената емисија кажува дека не можел да најде друга работа, па станал водител на утринска емисија.

Сè уште недипломирани новинари добиваат ударни термини, а истите тие никогаш не научиле што значи Пулицеровата награда или кој е Кристофер Хил. Ние гледаме и читаме новинари и водители кои зборот „сфаќа“ го пишуваат со В, „евтино“ со Ф, додека, пак, изговарањето на „оториноларингологија“ или поимањето на колизија на закони за нив е еднакво како решавање на физичка равенка или интеграли. Ете, таква е програмата на телевизиите, такви се најголемиот дел од новинарите кои вие неуморно години наназад ни ги сервирате, а ние сакале или не ги гледаме. Тоа е понудата која, како гледачи, ја имаме подолг период наназад. Затоа, воопшто не ме чуди што никој повеќе не се прашува што се тоа вистински вредности, каква понуда имаме по телевизииве, или зошто во Македонија има повеќе реклами одошто во Холивуд или на Тајмс-сквер. Она кое сега (ни)ви го прават, оние мудреци од власта, го прават затоа што знаат дека и покрај сè вие нема ништо да сторите, а оние, пак, што ве гледаат – уште помалку. Тие и утре изутрина ќе ги гледаат репризите на нивните омилени серии, во очекување на новото продолжение од Бамбини, додека вие со првата полицајка ќе „преговарате“ и потајно ќе се надевате на уште некоја реклама и кампања од 20 милионскиот колач, кој дополнително ќе ве направи непристрасни и професионални. Затоа најдобро е и понатаму да продолжите со продуцирањето на програма и емисии кои дополнително ќе го обезличат и обезвреднат овој апатичен и уплашен народ, бидејќи и сами знаете дека произведувањето на сопствена програма е премногу неисплатлива и негледана работа во денешно време.

Ова е време во кое ние со пиетет се сеќаваме на документарните програми, на емисиите како дамнешните „Сакате ли аргументи“, „Без наслов но со повод“. Сите ние денес сме заедно во времето кога не е потребно да се гледаат култни филмови, документарци, анализи и дебатни шоуа, бидејки нарацијата на сериите е тренд и алатка која просечниот гледач премногу лесно ја прима, додека мие садови или се расправа со децата кои сега не заспиваат пред единаесет. Поради сево ова кое го правите, а нам не ни пречи и така глатко го конзумираме, потребата од нов Закон за медиуми, далеку поригорозен и поограничувачки од од овој, напишан во старата „жолта зграда“ близу Беко, или на Илинденска ББ, е она што реално го заслужуваме сите ние. Така, ем вие на ќе бидете на раат што и како ќе емитувате и правите, ем ние што ќе гледаме, а и менувањето на канали нема да биде неопходно – секаде ќе гледаме исто. Со декрет, а по ваш благослов за наше добро, чунки она што го правиме тоа и го гледаме.

Авторот е специјалист за комуникации и односи со јавноста

Стрип: Quino

Шо убаво си се потпишал

Шо убаво си се потпишал дечкото, специјалист за ово, оно. После се чуди зошто се вакви работите во медиумите. Епа мајсторе ај попрај ми ја комуникацијава, бледа ми е нешто, а после оди имај си односи со јавноста, онака „специјално“.

I shto sakashe da kazes sea

I shto sakashe da kazes sea ovaj?

Телевизија престанав да

Телевизија престанав да гледам пред речиси десет години. Никогаш не погледнав назад. За жал, самата природа на медиумот е таква, што го прави погоден за интересите на доминантните општествени групи, без разлика дали се работи за власта или пак за комерцијалниот сектор којшто има доволно капитал да  доминира во потребните термини. Едноставно кажано, најдобро функционира за пропаганда, без разлика дали е државна или економска. Би препорачал една книга од Нил Постман (Neil Postman - Amusing Ourselves to Death) кадешто авторот ја анализира и споредува природата на телевизијата наспроти пишаниот збор.
На сајтов пред некоја недела имаше колумна за тоа како бесплатните интернет страници прават производ од посетителот. Многу е слична ситуацијата и со телевизијата, кадешто бесплатната програма (турски серии и сл.) е можност од вас да направи потрошувачки производ (бескрајните реклами). Всушност, концептот е многу веројатно да е од таму превземен...

ht

ht tp://a1.sphotos.ak.fbcdn.net/hphotos-ak-ash4/391780_2448909420763_1192788233_32260020_344796471_n.jpg

Баш на темава разговарав со

Баш на темава разговарав со пријател, сега скоро. Тој ги обвини телевизиите, како главни виновници поради безвезната програма што ја пласираат а јас го обвинив народот, којшто истата таа понуда безрезервно ја впива. Па, сеуште си стојам на своето.

ОкоБоли главаВицФото