Разговор - Поновата македонска книжевна сцена

22.12.2011 12:27
Разговор - Поновата македонска книжевна сцена

Во рамки на Новогодишниот саем на книгата издавачката куќа Темплум организира разговор на тема „Поновата македонска книжевна сцена“.

Учесници на разговорот се: Румена Бужаровска, Ирена Јорданова, Жарко Кујунџиски, Иван Шопов и Живко Грозданоски. Модератор на разговор ќе биде Владимир Јанковски.

Во последно време во македонската литература се појавија неколку автори кои пред сè од тематски аспект донесоа нови струења во македонската литература. Исто така, очигледно е дека овие автори се обидуваат да комуницираат со својата публика на поинаков начин. Искористувајќи ги можностите на интернет просторот, успеваат да добијат читаност и публика која речиси десетократно ги надминува просечните тиражи во Македонија. Од друга страна, слабоста на овој вид комуникација е многу ниското ниво на рецепција на текстовите, која често се граничи со крајно банални и вулгарни коментари. Книжевната критика, како многу важен чинител за комуникацијата на делото со читателите кај нас речиси и да не постои, а ретките исклучоци немаат речиси никакво влијание врз пазарот на книги. Како потврда за ова, зборуваат и податоците од издавачките куќи според кои односот меѓу продажбата на преводната литература и таа од домашни автори е во соодносот 10:1. Мејнстрим медиумите во Македонија јавната сфера сè повеќе ја доживуваат исклучиво како поличка сфера, па во овие медиуми литературата речиси и да не постои освен на ниво на пригодно-промотивни случувања. Како излез за македонските автори се поставува можноста да бидат преведени во странство или колку-толку да бидат присутни на меѓународната сцена преку книжевни фестивали и писателски резиденции.

Во овој контекст, учесниците на разговорот ќе се обидат да одговорат на неколку прашања поврзани со поновата македонска книжевна „сцена“: Дали, всушност, постои македонска книжевна сцена? Дали има некои нови тенденции и струења во македонската книжевност? Дали може да се каже дека постојат одредени разлики - генерациски, поетички - кои диктираат различни пристапи од една страна кон пишувањето, а од друга страна кон презентацијата на книжевните текстови? Дали има одреден паралелизам меѓу институциите задолжени да се занимаваат со презентација на литературата (Друштво на писатели на Македонија, поетски фестивали, културни манифестации што ги организираат јавните установи во Македонија) и присуството на литературата и книжевниот „живот“ на интернет порталите, блоговите, електронските списанија и слично. Дали сите случувања во рамки на книжевниот живот имаат некаква улога на книжевниот пазар, т.е. дали влијаат врз продажбата на книгите од македонски автори?

Румена Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје. Предава на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила две збирки раскази: „Чкртки“ (2007) и „Осмица“ (2010).

Ирена Јорданова е родена 1980 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Досега објавила два романи: „Помеѓу“ (2008) и „Катализатор 33“ (2010).

Жарко Кујунџиски е роден 1980 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Досега ги објавил следниве книги: „Spectator“ (роман, 2003), „Ендрју, љубов и други непогоди“ (драми, 2004), „Америка“ (роман, 2006) „Најдено загубено“ (роман, 2008), и „13“ (збирка раскази, 2010).

Иван Шопов е роден 1987 година во Скопје. Студира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Досега ја објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010) за која ја доби наградата за најдобар прозен ракопис „Новите!“ за 2010 година.

Живко Грозданоски е роден 1986 година во Бигор Доленци. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност. Објавил две збирки раскази: „Отпечатоци врз коцки мраз“ (2009) и „Приказна за тревите“ (2011)

Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Досега ги објавил следните книги „Огледало за загатката, разговори со Влада Урошевиќ“ (2003), „Скопје со широко отворени очи“ (фото-есеј, во соработка со фотографот Иван Блажев, 2008), „Лицата на непознатиот град“ (со Иван Блажев, 2010) и „Вечно сегашно време“ (роман, 2010).

I appreciate you taking to

I appreciate you taking to time to contritbue That's very helpful.

ОкоБоли главаВицФото