Промоција на изданијата на Бранко Прља и колективот КАПКА

26.12.2011 15:36
Промоција на изданијата на Бранко Прља и колективот КАПКА

Во вторник (26 декември) со почеток во 20 часот во клубот ГЕМ издавачка куќа Готен ќе ги промовира изданијата на Бранко Прља и креактивниот колектив КАПКА.

 

Акронимот Капка означува „Креактивен активизам преку пародија, критика и алегорија“. Се работи за креативен колектив којшто постои од 2005 година и се појавува во јавноста преку печатени изданија од областа на литературата и теоријата, како и преку изложби, инсталации, видео дела и перформанси.

На промоцијата издавачката куќа Готен ќе ги претстави Бранко Прља, со изданијата „За секого по нешто, за некого ништо (2011, второ издание), „Досие: ѕвезда Немезис“ (2011) и „Вест од несвест (2010), Владимир Лукаш ќе се претстави со цртежи (2009), Олгица Димитровска со рачно работена хартија (2006), Никола Пчински со извадоци од изданието „Парите се отепувачка“ (2006), Владимир Димчев со фотографии со наслов „Колпортер во акција“ (2011) и Александра Кардалевска со транскрипт од видеото „Вести од подрумот на баба ми “ (2008).

Цели на капка

Примарен производ на Капка се весници со сатирична содржина и измислени вести со цел деконструкција на „вистината“ која се пласира од традиционалните медиуми. Но, Капка не смета дека нејзина задача е да суди за вистинитоста на медиумските тврдења, туку да го вметне семето на сомнежот во умот на читателите, а понатаму тие самите да решат дали да веруваат или не.

Капка понатаму ја насочува својата активност кон критика на влијанието на медиумите врз поттикнувањето на консумеристичката свест и однесувањето на луѓето, како и идејата за светот како еден голем хипермаркет во кој луѓето се постојано „бомбардирани” со пораки за различни производи. Капка овие производи не ги дефинира како материјални производи, туку како идеи и концепти кои влијаат на промената на свеста и однесувањето на човекот. Тие го трансформираат човекот од свесно битие (homo sapiens) со потенцијал да стане „човек креатор” (homo faber) во „човек потрошувач” (homo consumeris), управуван од надворешни пораки и наредби.

Таквиот човек, според Капка, е инертно битие кое му се препушта на анимистичкиот бог на Хипермаркетот, пагански идол отелотворен во „производот“ кој што се обожува и кон кој е насочен севкупниот живот на поединецот. „Производот“ е идол кој е насекаде, во сите нешта. Вербата во него е безусловна, како и секоја вистинска верба. Целта на Капка е да воведе скептицизам во таа верба и да ја разниша, со што пасивниот консумеристички човек ќе се здобие со потенцијал да стане активно и креативно битие. Капка верува дека промената може да се случи постепено, капка по капка, човек по човек...

Историјат на капка

Објавени публикации:

2010 Вест од несвест

2007 Вести од подрумот на баба ми

2006 Парите се отепувачка

2005 Вести во земјата на чудата

Изложби и проекти:

2008 „Вести во земјата на чудата“ во рамките на „Бела ноќ“, во соработка со Александра Кардалевска (видео проекција)

2007 Тазе бурек, бајати информации, во соработка со дипл. вајар Влатко Димчев, ФЛУ (отсек вајарство), Скопје (инсталација)

2006 „Вести во земјата на чудата“, како дел од манифестацијата “Бела ноќ”, во соработка со дипл. вајар Олгица Димитровска (изложба)

2006 „Пари“, изложба заедно со уметничката група АУ!, Културен центар Точка, Скопје (изложба, инсталација)

2005 Промоција на првото издание на КАПКА во рамките на перформансот на Ѓорѓе Јовановиќ и Летечките пекинезери во ТЦ Рамстор

2005 „Вести во земјата на чудата“ во соработка со Олгица Димитровска, ФЛУ (отсек вајарство), Скопје (рачно работена хартија)

ОкоБоли главаВицФото