Заборавеното предупредување на Кенеди

17.01.2012 12:54
Заборавеното предупредување на Кенеди

2011 година ќе биде запаметена како време кога многумина претерано оптимистички Американци почнаа да ја губат надежта. Претседателот Џон Ф. Кенеди еднаш рече дека нарастувачката плима ги крева сите бродови. Но, сега кога плимата се повлекува, Американците почнуваат да сфаќаат дека не само што бродовите со кренати едра биле растресени, туку и дека многу помали чамци поради кризата се искршени на парчиња.

Во тој краток миг кога плимата растеше, милиони луѓе веруваа дека можеби имаат добри шанси да го остварат американскиот сон. Сега исчезнуваат и таквите соништа. До 2011 г. им се истопи заштедата на оние кои ги изгубија работните места во 2008 и 2009 г. Насловите во весниците во кои се најавува зголемувањето на стапката на невработеност им значат малку на 50-годишниците кои немаат големи надежи оти повторно ќе најдат работа. Навистина, средовечните луѓе кои сметаа дека ќе бидат невработени само неколку месеци сега сфаќаат дека, всушност, се принудно пензионирани.

Младите кои стекнаа факултетски дипломи и подигнаа кредити во вредност од повеќе десетици илјади долари за да се образоваат воопшто не можат да најдат работа. Луѓето кои го делеа станот со пријателите или семејството станаа бездомници. Куќите купени за време на процутот на пазарот за недвижнини и понатаму се на продажба или се продадени по пониски цени. Над 7 милиони американски семејства останаа без покрив над главата. Опачината на финансискиот подем од претходната деценија е сосем разоткриена и во Европа. Неодлучноста во врска со Грција и посветеноста на владите на најзначајните држави кон мерките на штедење му наметнаа тежот товар на овој континент лани. „Заразата“ ја зафати и Италија. Стапката на навработеност во Шпанија, која на почетокот на рецесијата достигна околу 20%, дополнително е зголемена. Она што беше незамисливо – крај на еврото – почна да изгледа како реална можност.

Годинава веројатно ќе биде уште полоша. Се разбира, постои можноста дека САД ќе ги решат своите политички проблеми и конечно ќе усвојат поттикнувачки мерки кои се потребни за стапката на невработеност да се намали на 6 или 7%. Но, не постојат големи шанси дека ќе се случи тоа, како што не треба да се очекува дека Европа ќе сфати оти штедењето не е доволно да ги реши своите проблеми. Напротив. Тоа само ќе ја отежне економската ситуација. Без раст, должничката криза и проблемите во врска со еврото ќе бидат уште поголеми, а долготрајната стагнација која започна со пукањето на кредитниот меур во 2007 г. и рецесијата која потоа се појави ќе продолжи. Всушност, главните држави во подем, кои ја избегнаа „бурата“ од 2008 и 2009, можеби нема да успеат да ги надминат предизвиците кои се појавуваат на хоризонтот. Растот на Бразил веќе е забавен, што предизвика стравување кај неговите соседи во Латинска Америка.

Во меѓувреме, долгорочните проблеми, вклучувајќи ги климатските промени и другите закани кон животната средина, како и сè поголемиот јаз во повеќето држави низ светот, не исчезнаа туку некои од нив стааа уште посериозни. На пример, поради високата стапка на невработеност платите се пониски и има сè повеќе сиромашни. Добра вест е дека справувањето со наведените проблеми ќе овозможи и решавање на некои краткорочни проблеми. Поголемите инвестиции во механизмите за борба против глобалното затоплување би поттикнале економска активност и би воделе кон отворање работни места. Унапредувањето на системот за оданочување и подобрата распределба на приходите би значела намалување на јазот и зголемување на стапката на вработеност. Со зголемувањето на даноците за богатите би можеле да се обезбедат средства за финансирање на јавните проекти, и да биде унапредена положбата на сиромашните, вклучувајќи ја и невработеноста.

Сепак, постои страв дека политиката и идеологијата од обете страни на Атлантикот, а посебно во САД, ќе ги осуетат промените. Инсистирањето на намалување на дефицитот само ќе го продлабочи јазот меѓу граѓаните. Дури и пред избивањето на кризата, променет е односот на силите во економијата, со што, всушност, е коригирана историската аномалија кја траеше два века, и што подразбираше подем на азиските држави. Прагматичната посветеност на растот која е забележлива во Азија и другите држави во подем денес претставува контраст во однос на лошите потези на Западот, поттикнати од комбинацијата од идеологија и заеднички интереси. Како резултат, веројатно ќе се забрза процесот на промени во економијата, што речиси сигурно ќе поттикне политички тензии.

Имајќи ги предвид проблемите со кои се соочува глобалната економија, ќе бидеме среќни доколку не почнеме да ги чувствуваме последиците оваа година.

Авторот е добитник на Нобелова награда за економија и професор на универзитетот Колумбија

Извор: project-syndicate.org

Илустрација: Алекс Вотсмуш

ОкоБоли главаВицФото