По Скопје „2014“ и „Битола 2016“, и селото Пуста Брезница најави проект „Пуста Брезница 2020“

18.01.2012 14:29
Пуста Брезница повеќе нема да изгледа вака

Откако проектот „Скопје 2014“ доби помал брат, „Битола 2016“, сега добива и помал братучед; имено, градоначалникот на планинското село Пуста Брезница го најави проектот „Пуста Брезница 2020“, кој целосно ќе се реализира во духот на Преродбата.

Во селото под планината Александар Македонски во наредните осум години ќе се изградат нови 48 споменични обележја. Од нив 24 ќе бидат бисти, 17 ќе бидат споменици, а останатите ќе бидат триумфална порта со димензии 5х 3 метри – која ќе се постави при влезот на селото, неколку помали фонтани со воини и воинки на коњи и магариња, како и неколку спомен-плочи. Локалната власт очекува помош од државата за реализација и на овој проект. Засега е сигурно дека финансиска конструкција за овој проект сè уште нема, но градоначалникот Митре Митрев најави дека веќе се водат преговори со владата.

Од локалниот совет ни велат дека само знаат оти за осум години во селото ќе никнат нови педесетина спомен-обележја, иако истото има посериозни проблеми од областа на инфраструктурата и намалување на населението.

„Во дваесет и првиот век сè уште немаме водовод и канализација, немаме струја, немаме асфалтиран пат, ниту селско училиште, амбуланта или пошта, а за интернет врска и да не споменуваме“, вели Јованче К., жител на ова село, „а локалните власти сакаат да градат споменици. За кого, прашувам, кога на последниот неуспешен попис во селото беа избројани едвај педесетина луѓе. Сите си заминуваат во Скопје, каде што проектот ’Скопје 2014’ веќе е речиси реализиран и се живее поубаво“, резигнирано додава тој.

Но градоначалникот Митрев не мисли така. „Овие спомен обележја, а посебно помалата верзија на скопската триумфална порта која е наречена Порта Македонија, а која кај нас ќе ја преименуваме во Порта Пуста Брезница, очекуваме да го зголемат туристичкиот интерес за нашето атрактивно село, а со тоа и зголемен прилив на финансиски средства. Всушност, ние планираме во наредните десет години, преку менување на фасадите од куќите во целото село, да станеме привлечна дестинација за холивудската филмска индустрија. Не би се изненадил ако уште утре ме исконтактира Вуди Ален за поволностите што можеме да ги понудиме во случај тој да сака да сними филм со Мерил Стрип кај нас“, вели Митрев.

На новинарското прашање дека во селото недостасува основна инфраструктура за нормален живот на селаните, Митрев кратко одговори дека тоа е проблем со кој локалната власт ќе се занимава по 2020 година, кога се очекува проектот „Пуста Брезница 2020“ да биде целосно реализиран.

„Во моментов не можам да кажам точно колкава е потребната сума и дали ќе се реализираат сите овие спомен-обележја, но се надеваме дека и државата ќе даде пари. Со тоа ќе го заокружиме овој проект“, потврдува Диме Митрев, брат на градоначалникот и претседател на комисијата за финансии и буџет во Советот на Пуста Брезница. Притоа тој додаде дека Општината е должна да изгради споменици за некои знаменити луѓе од посовремената историја на Македонија, како што се Александар Македонски, Филип Втори и други.

Сепак, опозицијата се сомнева дека проектот ќе успее. Таа овие тврдења ги поткрепува и со фактот што во буџетот на општината за оваа година не се предвидени средства за изградба на спомен-обележјата. Од власта велат дека ставката можеби ќе биде пополнета со некој од ребалансите на општинската каса, секако, доколку тоа се случи.

 Абе шо ќе ти Пуста Брезница!

 Абе шо ќе ти Пуста Брезница! Дојдете да видите што градиме во Подмочани. Архитектура во барокен стил, и затворски логор на островот Голем Град за предавниците на Груевски, и споменик на Александар Македонски, и се да разгледуваш од двокатни автобуси.

http://podmocani.wordpress.com/