„Преродбеникот“ Путин зад решетки

15.02.2012 12:04
„Преродбеникот“ Путин зад решетки

Радиото „Ехото на Москва“ (Ехо Москвы) објави на својот сајт видео монтажа од „апсењето на Путин“ со наслов „сон во зимската ноќ“. Њујорк Тајмс го опиша видеото како „лажен телевизиски извештај кој го покажува г-нот Путин зад решетки во руска судница, соочен со обвинувања за перење пари и проневера, сон на многумина опозициски активисти“. Радиото (контролирано од рускиот енергетски гигант Гаспром), е соочено со притисоци за прилагодување на уредувачката политика, бидејќи се перцепира како важен ресурс на масовното движење кое протестира против Путин.

Инаку, пред два дена Путин објави програмски напис најавувајќи политички промени доколку повторно биде избран за претседател по 12 години владеење. За Путин е неприфатлива големата нееднаквост во приходите, како и фактот дека „еден од осум руски граѓани живее под линијата на сиромаштијата“. Сепак, Путин претходно призна дека според европските стандарди линијата на сиромаштијата во Русија не е 12.5%, туку 26%.
 
За справување со демографската криза, Путин најави семејни бенефиции за трето дете – 7.000 рубли месечно (околу 180 евра) до третата година. Најави и политики кои промовираат здрави животни стилови, вклучително и мерки за борба против зависноста од дрога, како и мерки за обесхрабрување на употреба на алкохол и тутун.
 
За да го смали притисокот од масовните протести по изборните измами, Путин ја олабави контолата на ТВ-екраните и почна да дозволува покривање на протестите и појавување на опозиционите лидери на ТВ дебати. „За прв пат во последните пет години сум во студиото на НТВ“, изјави опозициониот лидер Борис Немцов за Њујорк Тајмс. Сепак, притисоците врз слободата на медиумите продолжуваат, откако руските власти протераа една француска дописничка после нејзините средби со активисти од опозицијата. Продолжуваат и апсењата на протестантите кои бараат „крај на диктатурата“ и заминување на Путин.
 
Како изгледаат новите ТВ дебати на „Путиновизија“? На пример, кога започнува ТВ-дебатата помеѓу путинистот Никита Михалков и Ирина Прохорова (сестра на тајкунот Прохоров), само во првата минута името Путин се спомнува дури 10 пати (најмногу во насловите од вестите кои течат на ТВ-екранот), а истите наслови се повторуваат за време на целата дебата. Сепак, ни тоа не му помага на славниот режисер Михалков, кој е буквално растемелен од аргументите и моќта на изразувањето на Прохорова.
 
Како ќе реагираат Русите на „демократските промени“ на ТВ-екраните? Како ќе реагираат на предизборните ветувања на Путин дека ќе го сопре опаѓањето на популацијата и дека ќе ја совлада сиромаштијата и корупцијата? Независно што ќе покажат резултатите од претседателските избори, останува да лебди ироничното прашање што му го упатува на Путин еден коментатор: „Каде беше изминативе 12 години?“

ОкоБоли главаВицФото