Крај на американските интервенции

22.02.2012 13:20
Крај на американските интервенции

Во последниве 20 години живеевме среде жестоки „воени труби“ и расправии за тоа како да се води војна. Од „хуманитарните интервенции“ во 1990-те, битките за „промена на режимите“ и „воведувањето демократија“ по 11 септември, до антибунтовничките „стратегии“, односно борбите за срца и умови, кои Барак Обама ги иницира за Авганистан.

Надворешнополитичката расправа понекогаш е слична на идеолошката борба на петли. Сега таа ера е завршена, иако тоа сè уште не сме го сфатиле.

За да го докажеме тоа, доволно е да го видиме новиот документ на „стратешки насоки“ на Пентагон, издаден минатиот месец, по барањето на Обама да се намали воениот буџет за 486 милијарди долари за време на идната деценија. Насоките ги повторуваат основните цели на неодамнешните американски национални сигурносни стратегии: пораз на Ал Каеда, одвраќање на традиционалниот агресор, закана од неконвенционални оружја.

Но, во Документот исто така се наведува: „Во периодот по војните во Ирак и Авганистан, Соединетите Американски Држави на прв план ќе ги стават невоените средства и соработки во справување со нестабилноста, како и ќе го намалат дејствувањето на американските сили во долготрајните воени операции.

Со овој параграф јасно се покажува дека воените стратегии се одлучни да ја завршат „пост 11-септемвриската ера“. Само пред неколку години војните во Ирак и Авганистан – окупациски војни, војни за градење на нацијата – изгледаа како да се лице на модерен конфликт. Сега повеќе не. Американците не веруваат во нив и повеќе не можат да си ги дозволат.

Стратешкиот документ има уште една новост. Американските сили и понатаму ќе бидат значајно присутни на Блискиот исток, но воените стратези напишале: „Потребно е да се промени односот кон азиско-пацифичкиот регион.“ Тоа е бирократски код за варијантата „ќе бидеме блиску до Кина“, што во превод би значело дека сега се знае која е закана за националната сигурност кога повеќе ја нема Ал Каеда.

Очигледно е дека одредена држава започнува да претставува закана, онаква каква што некогаш беше „поединецот без држава“ кој се „појави“ по 11 септември. Секако, глобалните проблеми, како што се климатските промени, епидемиите, опасноста од нуклеарно оружје и тероризам, нема да престанат. Но, за прашањата за војна и мир, сè повеќе се враќаме во оној познат свет во кој големите сили се борат за превласт.

Со крајот на Студената војна верувавме дека таквиот свет замина во историјата, дека сме го изгубиле традиционалниот непријател и дека повеќе нема да се поставува прашањето дали сакаме да употребиме сила.

Одговорот пристигна кон средината на 1990-те, кога Клинтоновата администрација беше принудена да реагира на политичкиот хаос на Хаити и на масовните насилство на Балканот. Силата може да се користи за трагање по правдата. Во текот на предизборната кампања во 2000 г., Џорџ Буш вети дека ќе им стави крај на тие морални тврдења за сила и правда, и дека ќе се сосредоточи на односите меѓу големите сили.
Но, 11 септември го преврте планот наопаку. Претседателот Буш, многу повеќе од Клинтон, беше спремен да употреби сила, затоа што Америка „мора да ја брани слободата и правдата, бидејќи тоа се начела кои важат за сите луѓе на светот.“

Дебатата околу војната во Ирак обнови многу од старите расправии од Клинтоновата ера.

Либералите, како британскиот премиер Тони Блер, се приклучија на неоконзервативците, сметајќи дека употребата на сила е оправдана за да се дојде до политички промени.

„Реалистите“ од левицата и десницата предупредуваа на опасност од беспотребни авантури.

Ерата во која сега влегуваме треба да биде помалку идеолошка. Прашањата кои се поставуваат поради растечките амбиции на Кина битно се разликуваат од оние кои беа испровоцирани на 11 септември.

Кина е држава во брз развој, а откако една таква сила ќе дојде до одредена точка на развој, понатамошниот развој обично го темели на штета на своите соседи. Светот сепак се навикна да се занимава со ваков вид на проблеми, односно знае како да убеди некоја „голема сила“ дека во нејзин интерес е соработка, а не конфронтација.

Конзервативците во последните години предупредуваа на кинеските воени амбиции, а администрацијата на Обама сега започна да ја менува политика кон Азија. За време на посетата на регионот, американскиот претседател Обама најави дека околу 2.500 маринци ќе бидат стационирани во Австралија, по цена на смалување на бројот на војници на некој друг крај на светот.

Каква и да биде политиката кон Кина на администрацијата на Обама или на неговиот наследник, сигурно е дека поширокиот регион на источна Азија главно е стабилно подрачје, за разлика од Блискиот исток. Постојат држави каде што САД не треба да ја брани слободата и правдата. Промената на режимите, примената на демократија и градењето нации таму не се на дневен ред. За такво нешто треба војна.

Америка нема да војува со Кина, а тоа нема да го направи ниедна друга држава во Азија. Борбата за да се избалансира кинеската амбиција ќе им биде препуштена на морнарицата и авијацијата, како и на сојузниците во регионот. Всушност, комплицираниот однос со Кина е многу малку судир на светогледи отколку што е судир на интереси.

Конечно, тука стои и елементарниот факт – Америка повеќе не може да си ги допушти своите амбиции.
Во својата книга „Скромна суперсила“, Мајкл Манделбаум тврди дека во 21-от век состојбата на американската економија ќе влијае на надворешната политика. Манделбаум смета дека жртви на новите штедења ќе бидат меѓународните „интервенции“.

Тоа може да биде така, но и не мора. Воздушната кампања на НАТО во Либија покажа дека хуманитарната интервенција не е мртва, ниту осудена на неуспех. Таквите зафати, меѓутоа, ќе бидат ретки, што го докажува и денешниот однос спрема Сирија.

Затоа мора да прифатиме, иако со негодување, во иднината што сега лежи пред нас: ние ќе правиме помалку добро во светот, но исто така и помалку зло.

Извор: New York Times

Илустрации: Лори Липтон