Проклетството на политичкото пуританство

25.06.2012 15:02
Проклетството на политичкото пуританство

Роберто Унгер, потомок на прочуеното бразилско семејство, е угледен филозоф, познат политички активист на харвардскиот Правен факултет (каде што пред триесет и шест години, на 29-годишна возраст е избран за редовен професор). Има доволно добри причини за неговата слава. Но, во последно време во медиумите е попознат по тоа што на Барак Обама му предавал два предмети на Хардвард. Професорот објави видео снимка во која порачува дека е премногу принципиелен во иднина да одржи било каков контакт со својот поранешен студент. Неговата порака е дека „Обама мора да биде поразен“, бидејќи не се придржувал до прогресивните начела.

Слободно можам да признам дека Унгеровите принципи се подобри од оние на Обама, дека во споредба со неговите, прогресивните акредитиви на Обама се матни и нејасни. Ако би морал да избирам помеѓу нив двајца како луѓе од принцип, во истата секунда би го избрал Унгер. Но, во политиката никогаш не ги бираме луѓето од принцип. Еден од трајните комични апсекти на американската политика е восхитувањето со кое луѓето го бираат принцот на бел коњ, а потоа паѓаат во очај и се жалат поради предавство кога сјајот на принцот ќе се изгуби штом кандидатот ја презеде власта. Рефренот на запрепастувањето се повторува како во изопачена бајка: „Избравме принц, а тој се претвори во жаба.“

Обама никогаш не бил принц. Никој од нив не е принц. Заблудата е во погрешната праведност со која се порачува: „Гласам за човекот, не за партијата“. Омилениот говорник се дистанцира од политичката валканост и компромис. Но, човекот за кого се гласа, што и да зборувал, игра заедно со партијата која го донела, и зависи од нејзината поддршка, ресурси и клиенти. Затоа секогаш треба да се гласа според партијата, а не според кандидатот. Партијата има некој континуитет на целите, колку и да е компромитиран тој континуитет. Всушност, гласате за партиското членство. Тоа ги одредува приоритетите во именувањето, законодавниот притисок и поставувањето судии во Врховниот суд.

Да гласате за демократијата денес значи да гласате за влијателните членови на таа партија – за синдикатите (вклучувајќи ги и синдикатите на јавниот сектор, професорите, пожарникарите и полицајците), за црното и латиноамериканското малцинство, за независните жени. Никој од нив нема да добие сè што сака, но ќе добие повеќе време и внимание – „вложување“, ако така сакате – отколку што добиле од републиканската администрација.

Да гласате за републиканците денес значи да гласате за плутократија која се потпира на поддршка на антидржавните сили како што се движењето Чајанка (tea party), јужначките расисти, верските фанатици и воените инвеститори во воено-индустрискиот комплекс. Воопшто не е важно дали Ромни е „добар човек и не е расист“. Тоа е можеби точно, но нему му е потребен расистичкиот југ како клучна поддршка. А цената која за таа подршка ќе ја платите се сведува на работи како именување на судија во Врховниот суд. (Републиканците беа пореалистични од демократите во тоа што увидоа дека претседателските избори се сведуваат токму на контролата на судовите.)

Независните гласачи, премногу неуки и неискусни да ги препознаат овие два факта, се најподлежни на лаги и ласкање. Ги нарекуваат чесни луѓе, премногу самосвесни за да ја следат партиската линија или да му припаѓаат на стадото. Тие се како идеалистичките империјалисти со „чисти раце“ од романот „Тивкиот Американец“ на Греам Грин – би требало да им се закачи ѕвонче на вратот како да се лепрозни за да ги предупредат луѓето дека доаѓаат.

„Етерналистите“, кои се премногу фини за да би се спуштиле на ниво на политиката на „помало зло“ – како некогаш да постоело нешто подобро од помалото зло – наивно претпоставуваат дека ќе можат, само ако го срушат сегашниот систем или оној негов дел кој ги разочарал, да изградат подобар и поубав од урнатините. Секако дека никогаш нема да добијат празна табла на која ќе можат да ги испишат своите идеални планови. Обично само ѝ штетат на партијата која е најблиску до нивните наводни идеали. Трети партии се водени од личности кои најдобрите луѓе ги наведуваат да работат на сопствена штета. Рузвелтовата Bull Moose варијанта на неговата републиканска партија одвлече толку републикански гласачи што успеа да го победи демократот Вудро Вилсон. (Неговите гласачи, верувајќи дека тој нема да ги „испрати нашите момци во војна“, гледаа како принцот станува жаба во Првата светска војна). Џорџ Буш постариот со право верува дека го саботирал крипто-републиканецот Рос Перо на кој Клинтон му помагаше да победи. Ралф Нејдер му одзеде клучни гласови на Ал гор и му ги подари на Џорџ Буш.

Сите овие храбри „независни“ велат дека нема ни ронка разлика помеѓу двете партии, и тврдат дека можат да ја започнат историјата отпочеток, додека кандитатие преку ноќ ќе станат чесни како што се тие самите. Всушност, нам ни нанесуваат најголемо зло. Ако професорот Унгер успее во својата замисла и го уништи претседателот Обама, ќе ни го доведе Ромни и длабоко задолжената партија која одамна се додворуваше на странските избори. Тој ќе биде во позиција од Врховниот суд, како претежно реакционерско тело, да направи реакционерско тело во целост.

Оние кои мислат дека нема разлика помеѓу партиите, треба да ја погледнат државата која воопшто не избира демократи, Тексас – како што тоа убаво го опиша Гејл Колинс, со школи каде што се напаѓа еволуцијата, со верски поглавари кои негираат дека некогаш воопшто постоела одвоеност на црквата и државата, и со каубојско правосудство. Ако луѓето како професорот Унгер – луѓе премногу принципиелни за нас кои претаме во реалниот свет – го остварат она што го сакаат, ние нема да добиеме принц претворен во жаба, туку Америка претворена во Тексас.

Извор: nybooks.com

Фотографии: Рони Алвин

...наивно претпоставуваат

...наивно претпоставуваат дека ќе можат, само ако го срушат сегашниот систем или оној негов дел кој ги разочарал, да изградат подобар и поубав од урнатините. Секако дека никогаш нема да добијат празна табла на која ќе можат да ги испишат своите идеални планови. Обично само ѝ штетат на партијата која е најблиску до нивните наводни идеали.

Препознаваме некого?