Во улога на Мефисто

25.02.2011 12:20
Во улога на Мефисто

Што уште да се каже за Египет? Хосни Мубарак е жртвуван за да се спаси воениот режим. „Диктаторот“ кој не може да воведе ред на улиците никому не му е од корист. Дали ќе следи „демократија“ сè уште претставува неблагодарно прашање. Ако може да се суди врз основа на Пакистан и остатокот од муслиманскиот свет, периодите на цивилно владеење загризани во корупција се менуваат со „освежувачки“ воени режими.

Се сомневам дека на поголемиот дел од Еѓипќаните политички приоритет им претставува она што ние го нарекуваме демократија. Новинарите кои го тврдат спротивното не се репрезентативен пример, дури ни во западните земји. Слободата на говорот им е во крвта, а масовните протести храна за очите. Новинарите настојуваат да известуваат за светот онаков каков што е, ама нивниот свет не е светот на повеќето луѓе. Бизнисот на новинарите зависи од уривањето на „обичниот“ бизнис, така што тие систематски ја потценуваат желбата на народот за ред и поредок (или барем поредок).

Повеќето луѓе, барем така изгледа, се подготвени да ги поднесат умереното политичко угнетување, вклучувајќи ја и тајната полиција, измачувањето и корупцијата ако тоа е цената на безбедноста и малиот напредок и правичност. Како инаку да се објасни долговечноста на една диктатура како онаа на Мубарак?

Природно, повеќето западни водачи размислуваат за „транзиција кон демократија“. Тоа е нешто што би сакале да се случи во Египет, со надеж дека демократијата нема да ја загрози мировната спогодба на Египет со Израел. Но западњачката комбинација од слобода и поредок – најскапоцениот подарок кој Западот му го донесе на светот – е производ на долга историја и не може да биде направена преку ноќ.

Незападните политички системи се типично застарени: добрите владетели можат мирно да спијат, додека на лошите им се заканува постојаната опасност да бидат урнати од војската или уличните протести. Во настојувањето своите животи да ги направат поподносливи, поголемиот дел од незападните народи се потпира на личните доблести на владетелот, а не на институционалните ограничувања на неговата моќ. Традиционалниот начин да се раскрсти со лошите владетели ние го толкуваме како борба за демократија.

Сето тоа ја исклучува можноста за промени, посебно на оние под влијание на САД и неговата улога во светот. Идејата дека Америка претставува сила која се залага за status quo претставува заблуда на стручњаците за меѓународни односи. САД, се разбира, краткорочно се однесуваат како обична сила. Тие имаат интереси кои си ги штитат, што често подразбира поддршка на непопуларните режими. Но долгорочниот проект на Америка е преобликување на светската слика.

Кога има маневарски простор, Америка турка во тој правец. И наспроти подемот на Кина и движењето на светот кон „поплурален“ меѓународен систем, САД сè уште имаат моќ да ги менуваат „фактите на терен“ во многу делови од светот, а посебно на Блискиот исток. Стручњаците отсекогаш го потценувале експанзионистичкиот карактер на американската надворешна политика, бидејќи експанзијата ја согледуваат во термините од стариот свет: освојувањето, империјализмот и колонијализмот. Америка не се обидува да создаде империја во старата смисла, туку настојува на империјализам со вредности кои му се битни само нему.

Бев еден од противниците на американската инвазија во Ирак, ама сега се прашувам дали бев во право. Нападот и окупацијата Америка делумно ги спроведе лошо, што доведе до големи жртви. Но кога подобро ќе размислиме, можеме ли да го доведеме под сомнеж фактот дека инвазијата ги смени улогите на фигурите, не само на ирачката туку и на шаховската табла во целиот исламски свет?

Поради тоа не сум сигурен дека уличните протести во Египет, на кои им претходеа оние во Тунис, а кои сега се прошируваат во државите со муслиманско мнозинство, можеа да се протолкуваат само како традиционален облик на демонстрации против лошите владетели. Низ муслиманскиот свет порасна свеста за зголемените можности, посебно меѓу младите: над половина од египетската нација ја сочинуваат луѓе помлади од 25 години. Оваа зголемена свест има корени во времето на американската инвазија и насилното уривање на Садам Хусеин.

Во големата драма на Гете „Фауст“, Бог му го испраќа на човештвото Ѓаволот (Мефисто) за да ги придвижи нештата нанапред. Мефисто е шегаџија. Исто како и Америка која заспаните општества секогаш ги придвижува од вкочанетоста, што е улога во која прв настапи комодорот Метју Пери со „отворањето“ на Јапонија во 1854 г. Ако сакаме брзо да тргнеме кон некаква визија за напредок, таквата улога е неопходна и денес единствено може да ја одигра само Америка.

За волја на вистината, американската интервенција на Блискиот исток го зајакна радикалниот ислам. Тој се храни со чувствата кои ги буди американското присуство. Но долгорочно гледано иднината секако не им припаѓа на организациите како што се Муслиманските браќа. Верскиот демон е многу помалку допадлив од демонот кој се нарекува Вујко Сем. Порано или подоцна Браќата ќе ја доживеат судбината на сите демони.

Извор: project-syndicate.org