Докторите на науки нека работат инкогнито!

01.03.2012 12:30
Докторите на науки нека работат инкогнито!

Неодамна разбрав дека актуелната министерка за култура докторирала на тема „Европскиот културен модел и културно-интеграциската политика на Република Македонија“, на Филозофскиот факултет во Скопје.

Фасцинантно! Но, од друга страна, пак, сосема очекувано. Впрочем, се работи за најдобриот министер за култура кој Република Македонија го имала од почетокот на својата независност, и тоа на повеќе рамништа! Покрај својот исклучителен интелектуален капацитет, стручност и артикулираност во исказот, актуелната министерка се истакнува (повеќе од кој било друг нејзин претходник) со досега незабележана (во поновата македонска историја) исполнителност и совесност. Имено, најголемиот културен проект од осамостојувањето на Република Македонија („Скопје 2014“) веројатно ќе биде завршен многу порано од неговото најавувано финализирање во 2014 година (за не дај боже!). Алал вера!

Шегата настрана, овој весел настан („весел“ треба да го разбереме во најтраги-комичната смисла на зборот) ме навраќа на една идеја која ја добив по гледањето на една дебатна емисија посветена на високото образование во Македонија. Новинарот, со право, направил прилог во кој посочува на сè пораширениот феномен (јас би рекол епидемија) на нарачано пишување магистерски и докторски трудови, од страна на веќе докторирани и (види чудо!) невработени млади магистри и доктори на науки. По емитувањето на прилогот, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (унисоно со останатите присутни претставници од други македонски универзитети), без трошка срам, го прогласи таквиот тренд за непостоечки. Универзитетот наводно имал толку сигурни механизми за детектирање, пресретнување и санкционирање на таквите евентуални обиди (наставнички совети, рецензии, ревизии кои, инаку, редовно минуваат про форма), што на ниту еден студент-кандидат не му ни текнувало да се обиде да направи таков фалсификат?!

„Ако замижам пред проблемот, тој ќе исчезне, така ли е мамо?“

„Така е сине! Ич да не се секираш, само треба силно да веруваш дека навистина не постои!“

Сведоштва во корист на фактот дека нарачани пишувања на магистерски и докторски трудови има толку многу, што спорењето со негаторскиот став на ректорот почнува и завршува со претходната хипотетичка ситуација во која мајката го „воспитува“ своето мало дете за магичните трикови на автосугестијата.

Затоа, бидејќи дезинтегрирачкото слепило мора секојдневно да се пресретнува, ќе се обидам да дадам една предлог-идеја која би можела да ги ублажи ефектите (а потенцијално и целосно да ги елиминира) од епидемискиот бран на нарачани магистерски и докторски трудови. Доколку успешно се имплементира, идејата би требало да резултира и со намалување на уште еден сериозен проблем на македонското општество: извозот на млади стручни и високо-образовани кадри во Европа и во светот.

Зошто никому не му текнало да ги ангажира надежните невработени млади магистри и доктори на науки како тајни (андеркавер) агенти за намамување нарачатели на магистерски/докторски трудови?! Операцијата не би требало да биде особено скапа, а позитивните резултати би можеле да бидат трајни. – Ќе се дадат јавни огласи за изработување научни трудови (во кореспонденција со универзитетите), зад кои ќе стојат млади интелектуалци, чија, пак, цел ќе биде (синхронизирано со високо-образовните институции) да ги привлекува и открива вистинските виновници: нарачателите. Впрочем, доколку целта е да се елиминира ова зло кое ги изедначува шарлатаните, опортунистите и профитерите со вистински умните и амбициозни млади потенцијали, тогаш проблемот треба да се пресретне во неговиот корен. Имено, доколку на јавноста ѝ стане болно јасно (а под тоа мислам фатените криминалци да бидат казнети со забрана за идно магистрирање и докторирање) дека нарачувањето магистерски/докторски трудови е јалова и бесмислена работа, тогаш никому (или барем ретко кому) ќе му текне да тргнува по тој пат. Логиката е јасна: кога ќе се елиминира понудата, ќе ја снема и побарувачката. Во спротивно, негирајќи ја, таа непречено ќе се шири.

Или е, сепак, поубаво и полесно да ги затвориме очите, а? Ама ако ги затвораме, овојпат тоа да го направиме сите (за да нема недоразбирања)! Ако е знаењето сила и моќ, зошто да не го имаме сите? Аирлија!

Илустрации: Alex Prager

Вангел, ако те разбирам

Вангел, ако те разбирам добро, овде ти се нудиш себеси за инкогнито (андеркавер) ловец на нарачатели на трудови?