1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Според нововековните филозофи од XVII и XVIII век (Џон Лок, Томас Хобс, Жан-Жак Русо), општествениот договор претставува замислен настан, кој се случува во предисторијата на човечкото заедничко (прото-општествено) живеење, а има за цел да ги регулира меѓучовечките односи. Потребата за таква регулација, според Хобс, на пример, произлегува од тоа што луѓето во претполитичката (неорганизирана и природна) состојба, меѓу себе се однесуваат толку безобѕирно, себично и насилнички, што општествениот договор се наметнува како прашање за опстанок на видот. Лок, пак, смета дека општествениот договор е нужен за опстанокот на човечката заедница, како одбрана од натрапништвата на другите групи (варварите) и природните непогоди. Според Русо, слободата е изворот на проблемите: слободниот човек не се соочува со ограничувања, кои би инјектирале одговорност во неговите постапки; слободата води кон неизвесност, зашто не можеме да знаеме што доаѓа по неа. Заради тоа, тој смета дека претполитичкиот човек, преку општествениот договор, ја „заложува“ слободата за сигурноста, која новооформената заедница ја нуди.
Заедничко за сите теории на општествен договор е тоа дека најголемата опасност за опстанокот на групата, а воедно и клучната платформа врз која општеството се конституира, е факторот страв. Претполитичката состојба (автаркијата, самоволието, егоизмот), која е заслужна за појавата на стравот, се дијагностицира како главна пречка за воспоставување на можноста за еден заеднички живот. Според тоа, надминувањето на стравот станува главна мотивација за преминот од претполитичка во политичка состојба, во која животот би бил суреден на тој начин да одговара на потребите на сите и да води сметка за опстанокот и напредокот на групата. А за тоа да се случи, заедничкиот, општествен живот мора да биде регулиран со правила, кои би го оневозможиле самоволието, себичноста, дивјаштвото, автаркијата...
Откако општествениот договор ќе ги воспостави правилата, човек веќе не е на немилост на елементите, на варварите, на егоизмот, туку има гаранција за својот опстанок и просперитет, персонифицирана во закони, норми, пишани и непишани правила. Заедницата се обврзува дека правилата ќе бидат доследно почитувани, со што човечкиот живот ќе се штити и унапредува; во спротивно општествениот договор не би вредел пет пари. Имено, кога секој би можел, како ќе му текне, да си ги толкува правилата по свој ќеф, општествениот договор се суспендира и луѓето се враќаат во претполитичка состојба.
Јасно е дека во Македонија, општествениот договор – кој повеќекратно влијаеше врз идеите на либерализмот, во кој, пак, денес се колнеме – фигурира само декларативно. Да се почитуваа правилата, за многумина од нас колумнистичкиот ангажман ќе беше депласиран. Меѓутоа, неодамнешните настани околу покривањето („упристојувањето“) на споменикот на Прометеј и цензурата на билбордот кој на слободен начин го толкуваше „чудото“ од црквата Св. Димитрија, нудат можности за едно ново преиспитување на почитувањето правила, засновани на општествен договор.
Во еден културен амбиент во кој сме принудени сè уште да расправаме за претполитичката состојба, естетичките валоризации околу актуелноста, квалитетот и вредноста на едно дело излегуваат на задна врата. Имено, кога одредени групи во едно општество почнуваат да ги прекршуваат правилата на општествениот договор, односно, кога почнуваат да пројавуваат варварски тенденции во однесувањето кон своите сограѓани, тогаш сите дискусии освен оние поврзани со правото, стануваат ирелевантни. Според тоа, ако црквата или нејзините слуги одлучуваат кое дело може, а кое не може да биде јавно презентирано; ако може некое фантомско здружение на жени да го покрие Прометеј; тогаш расправите околу естетските вредности на соодветните дела треба да се фрлат на буниште. И не само расправите околу тие конкретни дела, туку расправите за сите дела, зашто сите стануваат потенцијална мета за цензура од страна на некоја „навредена“ група, која ќе реши произволно да си ги толкува правилата на игра во едно општество. Кога естетиката е ирелевантна, правото е тоа кое треба најпрво да осигура дека едно дело ќе биде соодветно презентирано пред јавноста, за дури потоа тоа да може да добие естетичко филтрирање. Бидејќи кај нас, по сè изгледа, е сè уште проблематизирана можноста уметниците слободно да изложуваат дела, естетичките медитации околу делата стануваат целосно депласирани. Исто како што е депласирано и целосно апсурдно естетичкото валоризирање на проектот „Скопје 2014“. Онаму каде основните човекови права и слободи се суспендирани, односно, онаму каде претполитичкото насилство повторно го промолкнува својот грд лик, естетиката запира!
„Душегрижниците“ во целиов циркус не разбраа една проста вистина. – Кога еден систем на регулација (загарантираното право слободната мисла да добива простор за свое пројавување) ќе потфрли, на негово место доаѓа друг, уште посилен (јавниот и медиумски интерес кој веднаш го опкружува новиот, скандалозен настан). Впрочем, токму бројните цензорски обиди за непечатење на синглот „Господ да ја спаси кралицата“ (“God Save the Queen”), на Секс Пистолс, направија песната да стане уште популарна. (Првите 25.000 примероци на синглот биле уништени; работниците во Вирџин одбивале по втор пат да работат на изработката на плочата; откако синглот бил конечно испечатен, голем број музички продавници одбивале да го продаваат; песната била забранета на BBC, како и на сите независни радио станици; Секс Пистолс биле насилно спречени да ја свират песната за време на сребрениот јубилеј на кралицата, на реката Темза; итн. И покрај сето тоа, „Господ да ја спаси кралицата“ стана најпродаван сингл во Велика Британија во тоа време, наспроти обидите за лажирање на резултатите за продаваноста.) Колку е цензурата погнасно насилна, толку моќта на засегнатото дело станува поголема! Со други зборови, доколку сме тргнале јавно да се пресметаме со едно дело, треба да знаеме дека јавноста ќе голта дотолку повеќе, колку што делото ќе добива на јавна експонираност, а со самото тоа, и на скандалозност. А во тие случаи, сите правила, не само естетиката, излегуваат на задна врата!
Слики: Питер Равн