Како да се продаде душа на бездушни луѓе кои ја продале својата душа???

28.06.2012 12:55
Како да се продаде душа на бездушни луѓе кои ја продале својата душа???

Се разбира, одговорот на прашањето е јасен: многу лесно ќе им се продаде душа на оние кои веќе успеале да си ја продадат! Насловите на албумите на Public Enemy секогаш предизвикувале прашања (дури и кога не биле формулирани како прашања) на тој начин што упатувале на прости вистини кои, пак, честопати многу лесно биваат скриени од инерцијата на секојдневието, кое ги прави луѓето летаргични кон нивните горливи проблеми.

Првиот настап на Public Enemy во Скопје не смее да остане незабележан! Не толку заради настанот (многу попопуларни групи одржувале концерти во Скопје), колку заради симболичноста која настанот несомнено во себе ја содржи. Имено, Public Enemy беа веројатно едни од првите хип хоп групи кои – покрај разобличувањето на евидентниот, но и на потсвесниот расизам во американското општество – последниве 25 години продолжуваа упорно да укажуваат дека причините за големиот дел од проблемите со кои Афроамериканците се соочуваат треба да се бараат и во црнечката заедница. Тие беа едни од првите кои застанаа против идеализирањето на црнечкото движење. „Не ни се белците криви за сè!“, јасно го посочува прстот Чак Ди, лидерот на групата.

Движењето на Црнечката моќ нема воопшто да помогне, доколку црнците продолжат (како што продолжуваат) да се кријат зад материјализмот (дебелите златни синџири околу дебелите, набилдани вратови), зад женомрзието (кое црнкињите ги става во една многу понезавидна ситуација, во споредба со белкињите), зад идеите на превртениот расизам („избраниот народ“ кој треба да се врати во Африка и повторно да се сплоти со своите браќа и со „првиот човек на историјата“). Проблемите на Афроамериканците никогаш нема да бидат решени, доколку нивниот живот биде воден од идеи, кон кои стварноста треба „само“ да се покори. А доколку не се покори, тогаш „белиот човек е крив за сè“, а црнците остануваат со идејата која ќе ја храни нивната душа во неолибералната, конзумеристичка замајаност. Загледани кон прапочетокот на човештвото во Источна Африка, преокупирани со големината на следниот џип кој треба да го купат, душите на голем број црнци навистина стануваат производи кои можат да бидат заменети на слободниот пазар, небаре станува збор за киборшки протези.

Во кратки црти, ова е преупредувањето кое Public Enemy неуморно го упатува кон своите браќа и сестри веќе 25 години. Лесно може да се забележи дека Public Enemy можат да ни кажат многу, само ако одвоиме малку време да ги чуеме.

Водењето политика според тренсцедентна, универзална, сеопфаќачка идеја, во чија прегратка ние „треба“ да ја најдеме својата утеха и духовна храна, е во спротивност со идејата за политиката, уште од времето на Аристотел. Вистинската грижа за својот народ би претставувала состојба која бара справување со нивните проблеми овде и сега, а не со нивно телепортирање во почетокот и крајот на историјата. Во еден таков реалполитички контекст (посакуван од вистинските патриоти), приказните за избраниот народ, безимените воини и војводи на коњи, врбите и плажите се препуштаат на кафанџиските муабети, на безумните пијанчења, на пензионерските носталгии во жена-парк, на малограѓанскиот медиокритет...

Македонската приказна е многу слична со приказната на Афроамериканците во САД. Никој овде не го негира примитивниот грчки национал-фашизам (денес издигнат на ниво на јавна свест), исто како што никој здрав не може да ги негира нечовечките злосторства кои биле извршени врз Афроамериканците во САД. Меѓутоа, и во двата случаја е многу попримамливо (но и подеднакво злосторнички) проблемот да се „решава“ со затворање на очите пред сопствената декаденција и врз нив да се става идеалистички превез, кој треба да ги врати нештата во „нормала“. А колку едно нешто е попримамливо, толку е поголема можноста да бидеме опиени од истото. Прашајте ги наркоманите, ако не верувате!

Многу е полесно злото да се препознае кај другиот, отколку да се жигоса во сопствените редови, особено кога е прикажано како фокус во кој треба да се прекрши почетокот и крајот на историјата. Денес се наоѓаме во ситуација во која проблемот кој сами си го ставивме на врат е далеку поголем од надворешниот проблем кој го имаме со бедниот грчки национал-фашизам. Во врска со него нема што да се преземе. Нашиот проблем со самите нас е поголем, зашто идеализираната претстава која ја изградивме, за нас полека станува невидлива, слично како што е невидлива и за грчкото антикоманско слепило. Таа преминува во наша единствена стварност; стварност која ја купивме, продавајќи ја другата за инает на „нашиот јужен сосед“.

„А вистинските проблеми – сега и овде?“, ќе нè праша Чак Ди.

„Ништо страшно!“, унисоно ќе одговориме сите ние.

„Вам би треба нов купо-продажен договор!“, ладнокрвно ќе заклучи Чак Ди.

Одличен наслов. Прашање е

Одличен наслов. Прашање е само дали можете да видите чии души се продадени? Ме интересира филозовскиот агол на проблемот на наоѓање најмал заеднички содржател во личностите на Црвенковски, Георгиевски, Тачи и останатите од опозицијата. Освен лична мисија против заедничкиот личен непријател, со заплет вреден за сапунска опера, како ли ќе го објасните со вашите приказни најновиот спој на демек "идеолошки неспоивото", и "добрите ретарди од ВМРО-НП" во вашите редови. Да ја употребам вашата споредба со Црнците во Америка, тоа би било како водачот на Кју Клус Клан и Мартин Лутер Кинг да застанат заедно во борба за освојување на власта против Ричард Никсон.
Мекотели.

Миазма, секогаш си

Миазма, секогаш си подготвен/а да ни излезеш во пресрет, па во секцијата за коментари, јавајки го бранот на сопствената трагикомичност - во пракса да ги оживееш теориите произнесени во текстот. Бидејки, никаква корист не би имало децата цел саат да гледаат поучен документарец за црнотиите на зависноста од дрога, ако муабетот не биде обдарен со еден сликовит, жив пример на еден зависник, со една рака, сува уста и испиено лице како им вика - Деца, Бранко и Шупчо! Бранко и Шупчо!

Проблемот со "вас со

Проблемот со "вас со текстовите" е што константно ја промашувате темата. Ги пишувате колумните како осмоодделенци на кои им дале моронска тема за "пролетта во нашиот град" или "Тито и револуцијата". Е сега, ако сакате петка ќе пишувате реченици со нормално моронски содржини , во кои и самите не верувате, ама шо те боле, петка си е петка, а башка вежбате стилки фигури. Прашањето беше што ке пишувате сега кога учителката ви забрани да пишувате за вемерото до 2006.
Бај д веј, ве поздрави Гебелс.

Чак Ди би се скинал од смеење

Чак Ди би се скинал од смеење кога би видел како некој гомнар се осмелил да направи текст кој смрди на политичка пропаганда користејќи го неговото име :)
Да, имаме вистински проблеми „сега и овде“, и чинителите на тие проблеми се оние луѓе во Македонија кои мижат пред грчкиот нацизам, отворено го критикуваат македонскиот патриотизам и го споредуваат со национализам, и свесно или не , работат за грчките наци-интереси.

Чудно ми е како може некој да ги слуша Public Enemy, а ништо да не разбере од јадрото кое го носи секоја нивна песна - слобода!

Бане нига и Љубча раста?

Бане нига и Љубча раста? Обесправени што не се на власт, ами жал да ти падне.

Затоа што не можат да

Затоа што не можат да мобилизираат доволно луѓе за да ја донесат нивната партија на власт, мораат својата борба за фотелји да ја претставуваат како борба против фашизмот.