Државни стипендисти

01.07.2012 18:14
Државни стипендисти

Студентите и постдипломците, стипендисти на Владата на Р.Македонија не ги добиваат своите стипендии и студентски кредити навреме. А не знаат ни кога, ни дали ќе ги добијат. Живеат како и сите други, од први до први, со потреби, очекувања и притисоци, секојдневно. Во надеж дека кога тогаш поштарот ќе зазвони на врата... И траат. Не протестираат, гласно.

А не дека им е лесно, зошто студираат редовно, година за година, со високи просеци. Само така и можат да бидат меѓу најдобрите 100, или 200 на врвот, во силната конкуренција за место пред правото на државна стипендија. Тоа се македонските стипендисти, мала "привилегирана" група врвни, по своите резултати, млади луѓе. Останатите ја немаат таа "чест" зашто во нашата средина сè треба да заслужиш, а најтешко е кога треба да докажеш дека имаш право да учиш и кога немаш, независно колку можеш.

Стипендистите на македонската влада се меѓу врвните, не само затоа што лесно да учат, туку и затоа што се свесни дека за своето место и позиции се избориле самите, а веќе знаат и дека вредат, и дека вложувањето во нив е исплатлива инвестиција. Затоа и успеале да дојдат до стипендија. И знаат дека не е лесно во Македонија да се дојде до позицијата - студент со стипендија, и затоа се благодарни. И тие и нивните семејства. А кога стипендијата ја нема, или кога доцни и по 5 месеци, тие траат и молчат. Страдаат, но не се лутат. Ја разбираат позицијата на "празна каса". Не е ли тоа малку извртена логика, се прашувам? Способни и самосвесни, а благодарни и некритични? Неспоиво! Се плашат, или можеби не си ги знаат докрај своите права...? А, меѓу нив се и оние запишаните на еден од 100-те (!) најдобри универзитети во светот, зошто очекувањата на Владата се големи: "Со високи очекувања до највисоки остварувања..." - познато ви е?

Недолично е да си играте со луѓето и да им потхранувате лажни надежи во тешки времиња, кога нема доволно, или кога изгубени во неизвесноста не го гледаат крајот, ниту за нешто можат да се фатат. Но, да им го правите тоа на млади луѓе, искрени и успешни во намерите да истражуваат, да се вложуваат, и да прифаќаат предизвици и по цената на високи ризици, е еднакво на злосторство.

Зашто, која е поентата владината програма за стипендирање на најдобрите, во или надвор од земјата, ако нема пари, или нема редовни пари, или тие пари не се доволни, или никој и не знае колкави се трошоците на студирање надвор од земјата, зошто не проценил, или не го интересира? Или, дали студентот може, има ли каде, или колку смее да работи, и да заработи, за да си подмири дел од трошоците на сопствениот развој? Што ако стипендистот нема ништо од тоа, а нема ни родители, ни семејство кое може да ги покрие дупките и долговите? Имаме ли тогаш гладни стипендисти, или студенти бездомници, или депресивни?

Некаде бев чула дека македонска група владини стипендисти, постдипломци на еден од оние извикани универзитети во Европа, добиле име "депресивци". И знаете зошто? Не само затоа што со месеци не виделе ни денар, па изгубиле смисол за хумор. Туку затоа што кога ќе се јават во Министерството за образование, најљубезно, и како тоа да е сосема нормално, тече следниот, секогаш ист дијалог: "Што е до нас, сè е готово. И? Пуштен е налогот. И сега? Чека на потпис. Чиј потпис? На Министерот. На министерот на образование? Не, на финансии. Што бара во Министерството за финансии? Министерот решава. Кој Министер, па нели имаме договор? Има некој проблем? Не, нема проблем, но Министерот решава. Што решава? Па, кога ќе ги пушти, само тој решава." Ете, затоа ги викаат депресивци...

Значи, да биде јасно, исплатата на Стипендии за студии во странство на еден од 100-те најдобри универзитети во светот, ја одобрува со потпис Министерот за финансии. И тоа не на месечна основа, туку кога нему му е згодно, односно кога ќе "му дојде редот на децата"! Го познавате? Јас не, лично. Ама, многу ме интересира, како донесува таква крупна одлука, кога да им ги "пушти" стипендиите на студентите по право, медицина, уметност? Има ли тој во тоа некаков ред, план? Или, така од око, вели "ај, сега пушти им пари на децава за два месеци", за потоа следните пет, ништо. Или пред празник, "ајде нека се израдуваат, греота е". Потоа, пак ништо. Зошто еднаш чека три, а другпат пет месеци, за на крајот да заврши учебната година, и никому ништо?

Па, зарем не се работи за востановен државен студентски фонд за поддршка на студиите? Загарантиран, обмислен, испланиран, и веќе одобрен? Каква врска има тоа со странските инвестиции, светските економски кризи, стапката на БДП, или ребалансите на буџетот? Има ли некој кој може да даде логично и правно издржано објаснение на ова прашање? Не само што нема, туку сето ова станува толку нормално, што никого веќе не го буни, ниту го интересира, имаат ли од што да живеат младите амбициозни Македончиња, испратени на сметка на државата, по светот.

Но затоа, пак, Владината програма за инвестиции во "младите мозоци" продолжува со уште поамбициозни барања и тука не се штеди. Така, уште на стартот, на сите мора да им биде јасно дека по завршувањето децата МОРААТ да се вратат дома, и да отслужат, ни повеќе ни помалку туку ДВОЈНО од годините поминати на студиите. Сè што е вложувано да се дуплира, со пиетет и благодарност кон татковината. Во спротивно, доколку решат да останат, ги чека казна. Ќе треба да вратат дури ТРИ ПАТИ повеќе од сумата што ја "добиле" за студиите. На сè мисли стимулативната владина програма, освен на човекот, на студентот, во кој божем инвестира и сака да го задржи.

Зошто таа и не се бави со студентот. Неа не ја интересира квалитетот што го добива, ниту знае што со него, ниту како би го употребила, и каде. Затоа никој и не помислува, ниту се грижи за нашите студенти по светот и нивните главни преокупации и предизвици, кои со ваквите политики секојдневно губат од возбудата на откривањето и истражувањето нови светови. Заплеткани во несигурната и бедна студентска позиција, и неизвесноста на студентскиот живот, слична на онаа што ја оставиле дома, која ги следи и потсетува на тоа од каде доаѓаат, и кои се, нашите студенти немаат никакви избори. Лошата, продолжена рака на татковината не само што не им го дава, туку и сè помалку им го гарантира нивното право. Таа ги условува, со лаги и манипулации, со импровизации и неодговорности, ги учи да трпат и да се снаоѓаат, наместо да грабат напред.

Со таквиот багаж, кој сè повеќе натежнува и не им дава да се одлепат од тлото, тие можеби никогаш нема вистински да полетаат. А таму се само затоа кога, и ако се вратат, да бидат поинакви, пораснати и посилни, од она какви ги знаеме, кога заминале. Таму се за да научат да не се повлекуваат, и цврсто да застанат зад тоа за кое самите се избориле.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фотографии: Марија Фрајберг

Дијалогот за министерот и

Дијалогот за министерот и неговата произволност со потпишувањето, важи за апсолутно се што подразбира земање пари од државата. Ама тоа им е како последниот штос, "асот у рукав" од целата епска низа потези, кои ги прават делата на Кафка да изледаат некако разџвакано и разводнето. Само, ја забораваш и најбитната ствар со целата таа голгота: ако на крајот, кога конечно министерот ќе се реши да се потпише и ѕвездите на небото да се синхронизираат во совршена хармонија - ја имаат доблеста (или проклетството) да удрат една генерална рачуница, ќе видат дека парите кои ги добиле (неминовно е сумата да биде намалена, па нели рецесија бла-бла-бла) се една таква навреда, пљукање у фаца и мочање врз гробот на сите што биле пред тебе... ма, вадење на остатоците и сквернавење! Чувството е како да си го продал сопственото дете за пакетче орбит, и пак... сите сме мирни, кротки и благодарни, никому ништо - никому ништо.

Ne e problemot samo vo

Ne e problemot samo vo isplatata na stipendiite i prezivuvanjeto na studentite vo stranstvo. Dopolnitelen problem e nivnoto vrabotuvanje otkoga kje se vratat vo MK. Vo dogovorite stoi chlen so koj vladata (koja i da bide koga tie kje se vratat) e obvrzana da gi vraboti i da im dade reshenija za stalno vrabotuvanje. A tie dushicki, poradi "prednosta" na partiskite vojnici na listata na vrabotuvanje, chekaat so meseci, nekoi i so godini da gi viknat na rabota. Vo periodot na chekanje, ne smeat da prifatat rabota na drugo mesto. So vakvata politika, nie sme fenomen vo brain drain procesot. Sami sozdavame sovrsheni mozoci za odliv.

ОкоБоли главаВицФото