Високото образование е во агонија

10.05.2012 11:50
Високото образование е во агонија

Дискусијата на тема „Какви истражувања и настава овозможува Законот за високо образование (ЗВО)“ беше првата во целата серија активности кои се спроведуваат во рамки на Регионалната Програма за поддршка на истражувањата во Западен Балкан, активности кои се насочени кон зајакнување на истражувачките капацитети и унапредување на политиките во доменот на научните истражувања во општествените науки, а се координирани од Универзитетот Фрајбург и финансиски поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Во таа смисла, неопходно е ваквата дискусија најпрвин да се насочи кон преиспитување на постоечката регулатива во Република Македонија, односно, кон анализа на степенот во кој таа ги рефлектира и им одговара на фундаменталните европски принципи за вокацијата на универзитетите како автономни институции кои произведуваат и пренесуваат знаења и култура преку истражувања и предавања; принципите за неделивоста на наставата и истражувањата, како и принципите за слободата на истражувањата и обуката.

Ако навистина се почитува начелото за универзитетот како повереник на европската хуманистичка традиција, исто така е неопходно да се провери во која мерка (и дали воопшто) постојната регулатива во оваа сфера обезбедува рамка за зачувување на слободата на истражувањето и наставата.

За да може воопшто да се зборува за овие сфери, во прв ред, научноистражувачката сфера која е непосредно и нужно сврзана со сферата на високото образование, за да се зборува за унапредување или за било каква можност на подобрување на состојбите во овие сфери, најпрвин би требало да се позанимаваме со нешто што суштински – директно или индиректно – ги определува и влијае врз рамките и контекстот на овие општествени реалии, имено, истражувањата настава.

Една важна од тие контекстуални рамки кои ја покажуваат интенцијата, заинтересираноста, на нашата држава за оваа сфера, нејзината, во крајна линија, загриженост за вредностите кои таа треба да ги негува и рефлектира, ќе ни ја покаже законската рамка, регулативата која ги третира овие прашања, круцијални за развојот на еднo општество

Затоа, ни се чинеше дека можеме овие заеднички размислувања да ги отвориме со анализа токму на ЗВО, во условите кои ни се овде овозможени. Таа анализа нужно би требало да почне најпрвин во корелација со иницијативите за оценување на уставноста на овој закон, кои се резултат на драматичната конфронтација на академската јавност со „духот“ на овој закон, и воедно, отсликување на речиси неподелените експертски мислења дека ЗВО ја загрозува уставно загарантираната Автономија на Универзитетот и со тоа, имплицитно промовира рестриктивна, регресивна, дури и уништувачка политика во сферата на наставата и науката.

Ако веќе се разговара за регулативата, нужно треба да се појде токму од Уставот на РМ кој во членот 46 ја дефинира автономијата на универзитетот како дел од долгата традиција на човекови права и статусната положба на високото образование. Уставот на тој начин ја гарантира автономијата затоа што само така поставен, универзитетот, со целосната автономија, ја извршува својата научно-истражувачка, општествена, педагошка функција во корист на напредокот, благосостојбата и слободата во општеството. Ваквата историска придобивка, вградена во вековната традиција на европските слободни универзитети се гледа и во најсилниот правен статус што нашиот Устав му го признава и му го гарантира на Универзитетот.

Според Лисабонската Декларација на Европската Универзитетска асоцијација од 2007, под универзитетска самостојност се подразбира:

- академска слобода,

- финансиска автономија

- организациона автономија

- кадровска автономија

Оттука, правата дефинирани во оваа Декларација се вградени во статусот на универзитетите и неодделно од тоа, вградени се во националните законодавства, во регулативата на европските држави. Овие законодавства, како и споменатата Декларација, се темелат на вредностите дефинирани во цела низа европски документи, од кои ќе ја спомнам само Magna Carta Universitatum – Декларација на ректорите на европските универзитети донесена по повод 900 години од основањето на универзитетот во Болоња. Речиси и да не постои општество кое денес, во сферите на образованието и науката, не се потпира на фундаменталните принципи од Magna Carta Universitatum од кои ќе цитирам само еден дел:

1. Универзитетот е автономна институција во сржта на општествата коишто се различно организирани поради географското и историското наследство тој произведува, испитува, оценува и пренесува култура преку истражувања и предавања.

2. За да ги задоволат потребите на светот што ги опкружува, истражувањето и наставата на универзитетот мора да бидат морално и интелектуално независни од сета политичка власт и економска моќ.

3. Наставата и истражувањата на универзитетите мора да бидат неделиви, ако не сакаат да заостануваат зад потребите што постојано се менуваат, зад барањата на општеството и напредокот на научните сознанија.

4. Слободата на истражувањето и едукацијата е фундаментален принцип на универзитетскиот живот, така што владите и универзитетите, секој во рамки на своите можности, мора да го почитуваат ова фундаментално барање.

5. Отфрлајќи ја нетолеранцијата и секогаш отворен за дијалог, универзитетот е идеално место за средба на наставници способни да го пренесат своето знаење и оспособени да го развиваат преку истражување и иновации, и за студентите кои имаат права, кои се способни и имаат желба интелектуално да се збогатат со тоа знаење.

6. Универзитетот е повереник на европската хуманистичка традиција, а негова постојана грижа е стекнувањето со универзално знаење. За да ја исполни својата вокација, тој ги надминува географските и политичките граници и ја афирмира виталната потреба на различните култури да се запознаваат и да си влијаат меѓусебно.

7. За да се постигнат овие цели со следење на овие фундаментални принципи, потребни се ефикасни средства за да се сочува слободата на истражувањето и наставата, а инструментите соодветни за остварување на таа слобода треба да им се достапни на сите членови на универзитетската заедница.

Горните извадоци не се само убав текст кој зборува за некакви романтични идеали. Фундаменталните принципи изнесени погоре се преточени во уставната гаранција која дава цврсти и несомнени импликации за поставеноста на универзитетот во нашето општество. Оттука, овие фундаментални принципи и уставните импликации би морало да се вградени во нашето законодавство и се разбира, би морале да бидат вградени во Законот за високо образование.

Но, дали е тоа така? Дали овој, веќе слободно може да се каже контраверзно напишан и контраверно донесен нов Закон за високо образование е во согласност со уставот и правата дефинирани во спомнатите европски Декларации? Тука е првиот огромен проблем со кој се соочуваме ако сакаме да зборуваме за образованието и за научните истражувања.

Речиси целата стручна јавност е согласна дека нашата регулатива во овој сегмент е таква што – со најновите измени и дополнувања на ЗВО – автномијата е нарушена и некаде, дури целосно елиминирана. Значаен дел од академската јавност оцени дека законот е спротивен на општо прифатенот стандард за определување на автономијата на меѓународен план, но е спротивен и на досегашната македонска уставна и законска традиција. Во иницијативите за оценување на уставноста на Законот за високо образование, поднесени од страна на група професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и од група сенатори на истиот универзитет, се аргументира дека Законот прави упад во суштинските детерминанти на универзитетската самостојност под која се подразбираат:

- академска слобода

- финансиска автономија

- организациона автономија

- кадровска автономија

Експертите од Правниот факултет во Скопје, но и низа други универзитетски професори, почнувајќи од јавната трибина одржана пред една година – но и преку други форми на изразување, стручни написи и дебати – укажуваат постојано на фактот дека Универзитетот има нормативна автономија, дека тој тој има свој предмет на регулација, автономен во однос на законскиот. Тие отворено и гласно го поставуваат прашањето од каде законодавецот ја наоѓа правната основа, уставната основа, од каде го црпи мандатот да ја регулира оваа материја. Заклучокот беше недвосмислен: законодавецот нема мандат за тоа и не може оваа материја да ја регулира со закон.

Оттука, експертите, но и претставниците на пошироката академска јавност која се произнесе по ова прашање, беа речиси едногласни во ставот дека законодавецот во след прави упади во многу од слободите на универзитетот: прво, во слободата самиот да го утврдува знаењето на студентите; второ, во правото да ги утврдува критериумите и условите за прв, втор и трет степен на студирање; и трето, во сферата на утврдување на условите за избор во наставно-научно звање. Особено тука се проблематизираше тезата дека законодавецот нема мандат, ниту може оваа материја да ја регулира со закон. Експертите сметаа дека тоа е „забранета зона“ и дека законодавецот треба правно да се воздржи од доменот на академската слобода.

Пошироката академска јавност оцени дека едно фундаментално својство на овој закон е неговата целосна неконзистентност и внатрешна противречност.

Тоа може да се покаже попластично при анализата на неколку одредби кои директно или индиректно се однесуваат на наставно-научните процеси/стварност. Иако декларативно ја „озаконува“ со Устав загарантирната автономија во почетните одредби, особено со членот 1, па понатаму со членовите 11, 12, 13 кои ги опишуваат содржината на автономијата, академската слобода и автономијата во управувањето (...) Законот истите тие „свои“ принципи или, послободно речено, својата „филозофија“ одлучно ја напушта. Најкарактеристични за таа негативна, рестриктивна, ограничувачка и конечно, неуставна тенденција која е особеност на овој закон се 19 члена (вкупно оспорени во иницијативите пред Уставниот суд) од кои можат да се посочат неколку поенти, неколку негативни импликации во однос на за слободно усвојување знаења и научни истражувања кои директно или индиректно негативно влијаат на креирањето на рамката и контекстот за научните истражувања и за наставата.

Во таа смисла, сосема се спорни, на пример:

- Член 69 во ставот 6 од законот каде што се определува надворешната евалуација да се врши под критериуми утврдени со упатство за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и на академскиот кадар во Р. М – кое го донесува Министерот за образование и наука. Давањето надлежност на министерот за да се регулираат начините на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование значи пренесување на надлежноста на орган на извршната власт за нешто што е суштинско прашање на автономијата на универзитетот. Ставот од членот 69 во кој се вели дека „Надворешната евалуација се врши под критериуми утврдени со упатство за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и на академскиот кадар во Република Македонија, кое го донесува министерот надлежен за работите на високото образование“ следи веднаш по образложението дека надворешната ќе се врши според прифатените постапки, стандарди и насоки кои се применуваат во ENQA (Европска Асоцијација за евалуација на високото образование). Ова е одличен пример за противречностите кои се провлекуваат во овој закон, понекогаш дури и во рамки на само еден негов член. Тука може да се види дека министерот се поставува и над упатствата и критериумите сугерирани од домашни експерти, но и над критериумите коишто се меѓународно валидни.

- Спорен е и член 70 кој се однесува на Одборот за акредитација и евалуација, за неговиот состав каде што балансот на членови е негативен по однос на професионалниот академски состав. Спорен е и член 72 со кој поблиску се уредуваат организацијата, работата, начинот на одлучување како и методите за акредитација и евалуација. Во членот 72 е предвидено Одборот од редот на своите членови да формира стручни комисии за потребите на вршење на акредитација и евалуација. Но, со оглед на тоа што тоа тело нема целосно професионален и академски состав за да формира комисии што ќе решаваат по строго стручни прашања, прашање е како може по дефиниција нестручни лица од составот на Одборот (како што се на пример, владините претставници, работодавачи и дел од студентите) да решаваат за суштински академски проблеми.

- На сличен начин е спорен и член 77, особено во ставовите 6 и 7 каде што се гледа дека Министерството повторно презема надлежности кои по ниедна основа не му припаѓаат, имено, воведува Државен електронски систем за самоевалуација и притоа, одлучува за содржината, формата и начинот на користење на системот за самоевалуација. Ако знаеме дека самоевалуацијата е чисто автономно прашање на универзитетите и нивните членки, јасно е дека и тука се врши упад во автономијата на универзитетот.

- Особено вулгарно и несмасно упаѓање во материјата која директно ги допира наставните и наставно-научните сфери се забележува во 9-та глава од ЗВО насловена : „Академски и стручни студии“, но и во 10 глава посветена на наставно-научните звања и соработниците. Тука законодавецот навлегува во привилегираната сфера на академската и кадровската автономија. Во член 96 определува критериуми кои треба да ги исполни менторот на кандидатот за изработка на докторски труд и продолжува речиси во сите 20 става од истиот член 96 кои се однесуваат на различни „допрецизирања“ на критериумите за менторства, дури одејќи дотаму што се дефинираат поимите „меѓународно научно списание“ и „меѓународни научни публикации“. Оттука, конкретно, произлегува, дека ако универзитетски професор објави свое научно истражување во меѓународно списание или публикација кое не се вклопува во дефиницијата смислена од законодавецот, неговата можност да го води кандидатот во научната работа е скратена.

- Понатаму, она што е исто така спорно од аспект на академската самостојност во нејзините суштинските аспекти на настава и научно истражување, е членот 99, каде што се предвидува Владата со уредба да уредува профили, цели и основи за формирање на студиски програми, да го утврдува соодносот на задолжителни и изборни предмети, да дефинира што подразбира под клиничка настава, да ги утврдува условите што треба да ги исполнува стручњакот од практиката и да го пропишува начинот и условите на организирање на практична настава. Се разбира, сето тоа спротивно на членот 46 од Уставот, затоа што извршната власт со ова му го анулира загарантираното право на Универзитетот самиот, со сопствените акти базирани на стручност и компетенција да го определува односот на задолжителни и изборни предмети.

- Членот 113 од Законот се однесува на екстерното оценување. Според тој член повторно Министерството и Државниот инспекторат преземаат надлежности кои во никаков случај не им припаѓаат – да организираат и спроведуваат проверка на постигнатиот успех на ученикот. Спроведувањето на наставниот процес и утврдувањето на успехот на студентот може да го спроведува само образовната установа и образовните тела. Впрочем, во оваа смисла, Уставниот суд веќе еднаш има оценето дека орган на извршна власт не може да врши екстерна проверка на знаења во средното и основното образование.

- Особено битни во оваа серија повреди на уставно загарантираната автономија на универзитетот се примерите од глава 10 од законот која се однесува на наставните и научните звања. Тука законодавецот на различни начини, во членот 125 („во наставно-научно звање на иста единица на високообразовна установа не може да биде избрано лице кое има одбрането докторски труд на факултетот каде што има засновано работен однос во наставно-научно, наставно, односно соработничко звање лице со кое е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен...“), и понатаму, во членот 134, членот 136 и членот 140 определува КРИТЕРИУМИ за избор во наставни и научни звања, со што флагрантно ја крши универзитетската и кадровската автономија. Познато е дека и претходно државата пропишувала кој може да биде, на пример, редовен професор, условите за тоа се добро познати и подразбираат дека кандидатите за тоа звање треба да имаат докторат и секако, да имаат определен придонес во науката. Меѓутоа, исто така е познато дека компетентноста на кандидатите ја оценува рецензентска комисија, што значи дека науката се самооценува, дека во оваа сфера се пресудни внатрешните критериуми. Новите решенија во ЗВО вршат директен упад во оваа слобода, односно регулираат нешто што не би смееле да го регулираат.

- Тука треба секако да се спомне и членот 140 во кој се вели дека министерот го пропишува начинот, времето и условите за престојот на визитинг професорите. Да се обидеме да замислиме, со сета почит кон самопрегорноста на органите на власта, но колку многу работа, колку многу обврски и надлежности преземаат на своите плеќи органите на извршната власт – да работат во сфера за која немаат ниту капацитет ниту знаење, а уште помалку уставна можност.

Ако при сето ова се земе предвид колку бедни средства за образование и за наука се издвојуваат од државниот буџет години наназад (што го потврдуваат официјалните податоци), единственото што преостанува е повторно, ургентно, гласно и драматично да се постави прашањето: Какво високо образование и каква наука се воопшто можни при ваква рестриктивна и регресивна законска „филозофија“, каков слободен проток на идеи, каков трансфер на знаења и размена на сознанија се можни во оваа агонична атмосфера која ја создаваат противуставни законски одредби, промашувајќи ги фундаменталните принципи на европската академска традиција?

Авторката е професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје

Илустрации: Tran Nguyen

одличен текст, маја:) некако

одличен текст,
маја:)

некако не е став ова, туку сурово констатирање на продолжените гадни игри со другата страна на разумот, законите се како копчиња за контрола, егзекуторите се повикуваат на легализам, легализмот е измислениот збор кој не е познато што значи, како да зборуваме на различни јазици, како да сме во темно, како владее некоја апстрактна состојба на ум која не може да се согледа, ниту интерпретира, како левијатан, само трансцедентален, мрднат и избезумен.

;)

Да, во агонија е, ама тие што

Да, во агонија е, ама тие што го отераа по ѓаволите се и самите универзитетски професори (не сите)!
Па јас на факултет имав професори кои во својот 35 годишен стаж немаа повеќе од две книги објавено, а едната од двете им беше докторатот. Е тоа никаде го нема. Како тие луѓе станале редовни професори, кој им ги одобрувал научните звања без воопшто да работат во областа на науката и истражувањата? Колку домашни и меѓународни научни проекти реализирале во текот на својот работен век (некои од нив не го задоволиле/задоволуваат ни минимумот)? Зошто кога државата воведе критериуми за ментори на докторски студии многумина се исплашија дека нема да ги задоволат?

Не, не се обидувам да го оправдам ЗВО. Таму има навистина спорни точки и тие мора дополнително да се разгледуваат. Една од тие ступидарии е и членот 125 кој вели дека не може лице кое докторирало на одредена високообразовна институција да биде и вработено на истата или пак кога забранува непотизам до четврта линија (иако непотизмот беше и е навистина горлива тема - по 20 години мајките и татковците професори им ги чуваат асистентските места на синовите и ќерките - што е Медицински факултет, да речеме? Зошто, на пример, Жан Митрев вели дека не можел да има повеќе од 8, зашто деветките и десетките биле резервирани само за синовите и внуците!)

Да, државата го распарчи високото образование, најмногу преку активното политичко силување кое трае децении (иако ова силување некогаш добива изглед на вистински обостран љубовен однос при кој наводната жртва - Универзитетот сам и` намигнува на политиката и со боринче си го бара - ко жиголо), преку ненормалното зголемување на квотите и отворање бурекџилници во секое село, преку преќутна согласност меѓу унив. елити и власта во создавање до екстаза профитабилен бизнис, пришто студентот се гледа само како банкнота и ништо друго, а на добар дел од студентите, пак, ова им одговара, зашто без учење, а со пари си доаѓаат до дипломи кои потоа за ништо не можат да ги користат оти имаат помала вредност од партиската книшка, нормално. Зошто докторските студии во Македонија се безобразно скапи (5000 евра на хуман. науки), а во земји кои се во ЕУ, како Романија не надминуваат 2000 евра?

Високото образование е во агонија и нема да го биде уште долго, зашто нема високо образование со 0,2% пари за наука (ова кажува дека сме и клошарска и неодговорна држава). Нема да го биде и поради милионот евра за огради на мостови, поради разно разните цареви, царици и разни магарици опнати на коњ, поради бедотијата која на македонскиот студент не му дава да излезе надвор од својата земја, што го прави зачмајано и некомуникативно суштество, па наместо светот да го гледа како поле за културен натпревар, останува да си ги гледа од својата тараса жалните врби во Вардар, нема да го биде зашто не поддржува млади истражувачи (ги прави будали - прво им распишува конкурс за проекти, па после им вика - мрш, нема пари, пијавици едни низаедни), епа нема да го биде, нема...

Мислам дека многу добро ја

Мислам дека многу добро ја постави дијагнозата, а дали има лек - искрено не верувам. Мислам дека пациентот првин треба да умре, па дури потоа да се создава нов.

ОкоБоли главаВицФото