Македонска (овошна) салата

06.03.2012 10:59
Македонска (овошна) салата

Името Macedonia, во одредени делови на светот, а особено во медитеранските земји и Јужна Америка, на луѓето им асоцира на мешана овошна салата (Macedonia de frutas), а не со нашиот регион, или Александар Велики, или проблемите околу тоа како се вика нашата држава.

Па така, кога на некој Италијанец, Французин или Мексиканец ќе му кажам дека сум од Macedonia, за помалку од 10 секунди излегува муабетот дека тоа на нивниот јазик значи овошна салата. Потоа јас им објаснувам дека тоа е така бидејќи во регионот наречен Македонија живееле/живеат релативно успешно многу различни народи/култури. Тие тој факт не го знаеле, па со насмевка ми велат: „Секој ден се учи нешто ново, нели?“

Така е. Животот би бил многу здодевен да нема некаква нова информација секој ден. За жал, во последниве години, кај нас како да кружи едно исто; расипана плоча, како што велат Англичаните – „Мора да го смените името пред што било друго...“ „Утре ќе има меѓуетничка војна...“ „Општа мизерија...“ „Ова не оди на добро...“

А во меѓувреме, политичките партии во Македонија, кои многу добро знаат дека оваа ситуација на уплашен и потиснат народ им одговара како џокер во покер, се обвинуваат меѓусебно со сосема истиот вокабулар, и само си ја бетонираат својата моќ и имиџот како единствените наши спасители.

И? До каде нè донесе сето тоа? До ситуација на добри и лоши, патриоти и предавници, црно и бело, војна и мир. Крвна одмазда, ad infinitum. И најлошо е што се чини како да нема спас, како да нема светлина на крајот на тунелот, како темнината да станува сè подлабока, иако постојано си велиме дека полошо не може…

Значи, каде е спасот? Го има ли? Да. Апсолутно. Најтемно е пред да зазори, нели? Добро, тогаш каде да го бараме спасот? Во себе, се разбира. Но, што треба да направиме? Како да делуваме ние, како граѓани? Чиј пример да следиме?

Е па, штом се стремиме кон ЕУ, можеби треба таму да почнеме да го бараме примерот. За жал, ние го бараме спасот во американскиот модел. Всушност, еден од нашите најголеми проблеми е токму фактот што го следиме овој модел, иако сме еден од најстарите делови на Европа. Така, станавме земја каде што работниците се третираат како алати, а не човечки суштества; земја која до неодамна немаше закон за минимална плата (откако САД го направи истото пред две години), и демо-христијанска држава во мулти-религиозна/културна/етничка земја. И тука, се разбира, се наоѓаат корените на нашите многубројни внатрешни проблеми.


Од друга страна, на стариот континент работите се поразлични. Ако ги погледнеме членките на Европската унија, ги имаме Финска и Данска, каде што над 85% од вработените се дел од синдикатот (за разлика од оние 12% во САД). Ја имаме Шведска со еден од најдобрите административни и здравствени системи на планетата (всушност, вкупно 19 Европски земји се повисоко рангирани од САД на светската листа на очекуваниот животен век). Го имаме и примерот на Белгија, која поради меѓуетнички проблеми помеѓу Фламанците и Валонците помина неверојатни 541 ден без влада. Ова логично нè води кон прашањето дали наскоро воопшто ќе ни требаат политичари/влади во светов(?).

Зошто не ги прифаќаме овие отворени и либерални страни на Европа? Зошто не го прифативме Европскиот вид на капитализам, што до некој степен го имавме под Југославија (со силен национален здравствен систем, синдикати, заштитени права на работниците), а дозволивме да ни се наметне овој каубојски, бездушен вид?

Треба да погледнеме кон Европа за инспирација, а не преку океанот. Нели ни е доста од холивудски кореографирани меѓуетнички тепачки на Кале, и вести од типот на американската телевизија Fox News кои го оддржуваат стравот и нè убедуваат дека соседот ни е крив за нашата ситуација?

Ни треба нов почеток. Ни треба нова иднина. Иднина во која нема да бидеме заложници на овој ќорсокак. Иднина во која ќе кажеме „Ајде да пробаме нешто ново, нешто различно!“ Да пуштиме да влезе свеж воздух. Ајде да ги прифатиме либералните и хуманите политики на земјите-членки на унијата во којашто сакаме да влеземе, бидејќи очигледно овие досегашниве не функционираат на ова поднебје. А има толку многу избор во Европската Унија:

Од Велика Британија можеме да го земеме примерот на меѓуетнички соживот (каде што има најголем број на меѓуетнички бракови), од Шведска системот на социјална држава, од Франција убедувањето дека народот е посилен од власта, а од Португалија декриминализирањето на сите видови дрога (кое Time Magazine го оцени како огромен успех бидејќи резултираше со двојно помал број на нарко-зависници и им даде повеќе време на нивните Алфи да бркаат вистински криминалци наместо да тепаат деца позади зграда).

Ни треба нешто радикално, но позитивно. Ни треба нешто обединувачко, но не обединување што произлегува од трагедија. Ни треба граѓанска акција која ќе им докаже на политичарите во Македонија дека сме посилни од нив, и дека претераа со нивните игри и манипулации. Дека ние сме тие што ја држат моќта. Дека тие се ништо без нас.

Еден од најинспиративните чекори на граѓанска моќ за којшто сум чул е Балтичкиот синџир што се направи помеѓу Естонија, Латвија и Литванија на 23 Август 1989 година, кога два милиони луѓе (без употреба на интернет и мобилни телефони) се држea за раце преку 600 км. Тие, со тоа, им дадоа до знаење на тогашните власти во Москва дека сакаат слобода, демократија и мирно да се разделат од СССР, и во исто време го привлекоа глобалното внимание. Но, можеби најважно од сè, на моќен начин ја покажаа солидарноста меѓу народите на трите земји.

Замислете такво нешто: колона составена од Албанци, Власи, Македонци, Роми, Срби, Турци кои се држат за раце од Свети Наум до Крива Паланка, преку Скопје, среде работен ден... Штом успеа на Балтикот, зошто не и на Балканот? После такво нешто, тешко дека народот би ѝ верувал на кореографираната политика кај нас, и на тие што ја водат.


Јас не им верувам. Јас верувам во факти. Верувам во тоа што ќе го искусам, не во тоа што ќе ми го кажат. Верувам во тоа што ќе го видам, а не во тоа што ќе го чујам.

Го чекам денот кога ќе прифатиме дека живеењето во оваа земја подразбира меѓуетнички соживот. Денот кога ќе разбереме дека фактот што Macedonia значи и мешана овошна салата е нешто на коешто треба да бидеме горди, бидејќи нема ништо подобро од свежа и ладна овошна салата. За жал, овошјето што беше свежо пред 20 години ни е сега бајато и поради тоа салатата што се нуди е далеку од привлечна. Не сакаме да ја гледаме, а камоли да ја јадеме. Но, за среќа, најдоброто овошје расте токму на наше тло! Треба само да го одбереме најдоброто и најзрелото, да го измиеме и исецкаме, и да го помешаме по стар домашен рецепт.

Според страницата Macedonia(food) на Википедија, нашето име се популаризирало како референца за овошна салата при крајот на 18-от век, алудирајќи на различните народи кои живееле под Александровата империја (а и Отоманската). Ако навистина го сакаме тоа име за нашата држава, тогаш зошто да не се обидеме да го задржиме и ова значење кое тоа го има низ светот. Со нетрпение го чекам денот кога ќе го извадиме нашето свежо овошје на виделина и на глобалната сцена ќе презентираме еден спектакуларен бренд Macedonia!

Авторот е магистер по Европски и меѓународни студии

Илустрации: Диего Мармолејо

ОкоБоли главаВицФото