Титаник Белфаст

08.03.2012 16:30
Титаник Белфаст

Нешто убаво се случува во Белфаст, Северна Ирска. Сто години по завршувањето на изградбата на Титаник во овој град, ќе се отвори нов центар посветен на бродот, неговите конструктори и патниците.

Центарот, наречен Titanic Belfast, се наоѓа на истото место каде што на 31 март 1912 г. беше завршена изградбата на овој – во тоа време најголем – брод. По годините во кои од Белфаст стигнуваа само вести за борбата на ИРА против британските власти, градските татковци сега се надеваат дека овој центар ќе ја смени перцепцијата на овој град во светот.

Се разбира, за разлика од скопските градски татковци (би рекле очуви), управата на Белфаст не се реши за реплика на бродот, туку за едно футуристичко и навистина модерно решение кое, сепак, на одреден начин ќе реферира на минатото.

Градбата е комбинација од бетон, стакло и алуминиумки панели, кои во сончевите денови блескаат во сиот свој сјај. Во неа се планирани девет галерии, од кои секоја ќе биде посветена на различен елемент од бродот чија историја на крајот од овој месец ќе наполни точно еден век. Низ разгледувањето на изложените предмети и документи ќе може да се види целата историја на можеби најпознатиот брод во светот – од првобитните замисли и нацрти, преку неговата изградба и запловување, до неговата пловидба и трагичниот крај.

Титаник Белфаст е архитектонско чудо кое е дизајнирано да биде потсетник на своевремено најголемиот и најлуксузен крстосувач.

Извор: kuriositas.com

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Свет / Живот
Јавни простори / Технологија
Јавни простори / Технологија
Јавни простори / Европа

ОкоБоли главаВицФото