Приказната за Сајбер Боб и Дигитал Џо

03.04.2012 12:28
Приказната за Сајбер Боб и Дигитал Џо

Американското министерство за правда гради случај против сајтот Megaupload, прилично популарна интернет страница за споделување содржини која на почетокот на годинава беше обвинета по бројни точки за кршење на авторски прави и други кривични дела.

Серверите на компанијата се згаснати, нивниот имот е запленет, а челните луѓе уапсени. И, како што е вообичаено во таквите случаи, обвинителите и нивните сојузници од музичката и филмската индустрија се обидоа да воведат одредница како што е „кражба“ или „одземање“ за да дадат рамка за кривично гонење и веројатно, да издејствуваат за себе висока морална позиција.

Што лошо и да направи Megaupload, тешко дека нешто од тоа е кражба.

Од најрани денови, злосторството наречено кражба е сфатено како учествување во присвојување на нешта кои се реални и опипливи. За пештерскиот човек Боб, кражбата од пештерскиот човек Џо значело дека е земено нешто што му е од значење, да речеме неговиот омилен стап, и дека Џо, круцијално, повеќе го нема.

На сите им е јасно, барем интуитивно, дека кражба претставува она што може да се дефинира како нулта сума, што Боб ја добил, а Џо ја изгубил.

Кога Боб и Џо во индустриската ера започнале да измислуваат помалку опипливи нешта, како што е електричната енергија, акции, обврзници и лиценци, нештата се искомплицирале.

Она што го зел Боб, Џо во некоја смисла и понатаму го имал. Така законите биле прилагодувани ad-hoc и во тоа време на недоследни начини. Се равиле специјални доктрини за да се покрие злоупотребата на услуги (како возење со воз), материјални вложувања (како гас за уличните светла) и нематеријални (како што е пазарната вредност).

Кон средината на 20-от век, реформаторите на кривичниот закон биле доволно изнервирани од сите тие специјализации и ad-hoc нередот што одлучиле да направат нешто по тоа прашање. Во 1962 година престижниот Американски правен институт го издал Модел за кривичниот законик, кој го доведе во конфузна состојба законот за кражба со кој и ден денес се бориме.

Во радикалниот пресврт во однос на претходниот закон, прописот ја дефинирал „сопственоста“ како „нешто од вредност“. Оттогаш не е важно дали е украдена материјална или нематеријална сопственост, реална или лична, производ или услога.

Набрзо потоа, предлог-законот е утврден во кривичен законик кој буквално секој студент по право во САД го учеше напамет. Кога тие нови адвокати дојдоа да работат на Капитол хил, во Министерството за правда и ширум земјата, тие на ум имаа таков пристап кон кражбата.

А тогаш технологијата почна да цвета. Нематеријалните средства како што се информациите, патентите и материјалите заштитени со авторски права почнаа да играат значајна улога во економијата. Адвокатите и лобистите на музичката и филмската индустрија, и нивните сојузници во Конгресот и Министерството за правда, започнаа да го туркаат концептот на кражба надвор од основните принципи на нулта сумата.

Оваа година, на пример, тие предложија два главни закони засновани на идејата дека нелегалното симнување содржини е кражба под назив: Preventing Real Online Threats to Economic Creativity (PIPA) и Stop Online Piracy Act (SOPA).

Против основачот на Megaupload, Ким Дотком, се води судски процес во Нов Зеланд, каде што тој моментално е во притвор

Истата реторичка стратегија е користена со малку повеќе успех од страна на филмската индустрија во нивната иритирачка рекламна кампања на убедување (посебно) на младите луѓе дека нелегалното симнување материјал од интернет претставува кражба. Пред филмовите на ДВД носачите на Motion Picture Association of America е емитувана доста исмеваната порака која вели: „Не би украле кола. Не би украле чанта. Не би украле мобилен телефон. Не би украле ни ДВД. Симнувањето пиратизирани филмови е кражба. Кражбата е казнива со закон. Пиратеријата е злосторство“.

Проблемот е во тоа што голем број луѓе, едноставно, не можат да го „проголтаат“ тврдењето дека илегалното симнување на песни и видеа од интернет навистина е исто како и кражбата на автомобил. Според низа емпириски истражувања, обичниот набљудувач ќе повлече остра морална линија помеѓу споделување содржини и вистинска кражба, дури и кога вредноста на сопственоста е иста.
Ако Сјабер Боб илегално симне песна од дигитал Џо од интернет, тогаш е клучно да се признае дека во поголем број случаи Џо не изгубил ништо.

Можен е обидот за аргументација на тврдењето, според кое сопственикот на авторско дело во тој случај може да остане без пари кои би ги заработил ако потрошувачот би го купил и би го платил неговото дело. Но, таквата претпоставка има два основни проблеми. Прво, не можеме да знаеме дали корисникот би го купил авторското дело доколку не би го симнал од интернет, и второ, таквиот аргумент во старт ја претпоставува тезата која се обидува да докаже – дека секоја кражба е еднаква.

И, која е лекцијата која можеме да ја извлечеме од сево ова?

За почеток, би требало да престанеме да се обидуваме да го вовлечеме проблемот на 21-от век во моралниот и правен систем кој е развиен во средината на 20-от век. Второ, мораме да признаеме дека кривичниот закон е најмалку ефективен и легитимен кога е во спротивност со широко прифатените морални интуиции.

Се разбира, нелегалното симнување од интернет е вистински проблем. Луѓето кои посветено работат на создавање креативни нешта би требало да уживаат правна заштита и да ги собираат плодовите на својот труд. И доколку другите сакаат да уживаат во тоа, разумно е да платат за таа привилегија.

Меѓутоа, да се претставува симнувањето пиратски содржини од интернет како кражба не функционира и веројатно никогаш нема да функционира. Би ни било подобро да земеме предвид низа правни концепти кои посоодветно се вклопуваат во проблемот, како што се неавторизирана употреба, престап, конверзија или злоупотреба.

Тоа не е само прашање на номенклатура. Етикетите кои им ги даваме на различните кривични дела се пресудно важни во смисла како ги замислуваме, стигматизираме и казнуваме. Третирањето на различните форми на отуѓување на сопственоста како различни злосторства може да изгледа валкано, но тоа е природата на кривичниот закон.

Извор: New York Times

Слични содржини

Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Технологија
Општество / Технологија
Технологија

ОкоБоли главаВицФото