Борис Џонсон останува градоначалник на Лондон

07.05.2012 13:38
Борис Џонсон

Кандидатот на британските конзервативци и актуелен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, освои уште еден мандат на тоа место по неизвесната изборна трка во која го победи лабуристичкиот кандидат Кен Ливингстон.

После една недела интензивна кампања на двете страни и пребројување на гласовитe до доцна во петокот навечер, Џонсон му стоеше на пат на второтo политичкo враќање на Ливингстон, по што беше прогласен за победник на изборите за градоначалник на Лондон. Финишот на изборната трка за првиот човек на британската престолнина по очекувањата беше многу неизвесна, а на Џонсон на крајот му припаднаа 51,53 проценти од гласовите, а на неговиот противник 48,47. Како што пишува Guardian, тоа е најнеизвесната трка во историјата за избор на градоначалник во Лондон.

По објавувањето на резултатите Џонсон вети дека својот нов четиригодишен мандат ќе го посвети на „борба за доброто на Лондонците“, додека Ливингстон соопшти дека ова се последните избори во неговата политичка кариера, како и дека тоа е најболниот потег во неговата четиридецениска кариера.

Џонсоновата победа, меѓутоа, претставува слаба утеха за владејачкиот конзервативен премиер Дејвид Камерон бидејќи гласачите на локалните избори ги казнија поради острите мерки на штедење и слабата економија.

Според нецелосните резултати од изборите за околку 180 општини во Англија, Велс и Шкотска, конзервативците изгубија повеќе од 400 места, дури некои и во округот од кој доаѓа премиерот Дејвид Камерон.

Коалиционите партнери на конзервативците – либералдемократите, исто така изгубија голем број места, речиси 250, што доведе до најнеповолната положба од основањето на партијата во 1988 година, додека лабуристите, според до сега преброените резултати, освоиле речиси 700 нови места во локалните општини.

Успехот во Лондон претставува „горчлива победа“ за Камерон зашто од една страна е ублажен поразот на ториевците, но од друга страна додатно е истакнат политичкиот потенцијал на Џонсон, кој се смета за најсериозен ривал на Камерон за лидер на конзервативците.

Иако ваквите резултати нема да го загрозат лидерството на Камерон, би можеле да го принудат да се откаже од некои свои либерални настојувања, како што е планираното воведување на истополови бракови, оценува AP.

Камерон изборниот пораз го препиша на „тешките услови“ со кои се соочува Британија, бидејќи минатата недела таа повторно влезе во рецесија, додека лабуристите тврдат дека резултатите претставуваат повик до владата да ја ублажи својата посветеност на смалување на буџетскиот дефицит.

„Нема лесни одговори. Ние мораме да донесуваме тешки одлуки за да се избориме со дефицитот и слабата економија која ја наследивме“, рече премиерот.

Лидерот на најголемата антиевропска партија во Британија UKIP, Најџел Фринџ, рече дека неговиот досега најдобар резултат на локалните избори претставува прв политички потрес кој ќе одземе значаен дел од поддршката на владеачките конзервативци.

Џонсон, кој ја водеше кампањата „за работни места и раст“, им вети на граѓаните на Лондон, посебно на младите, дека е „спремен да создава нови работни места“. Тој исто така со одбрани зборови му се обрати на својот противкандидат велејќи му „дека од сите политичари од левицата тој е најкреативниот и најоригиналниот“.

За Ливингстон резултатот го означува крајот на неговата долгогодишна политичка кариера која започнала далечната 1971 година.

„Ова се моите последни избори“, им рече Ливингстон на партиските колеги и поддржувачи по објавените резултати.

Извор: e-novine.com