1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Три дена по референдумот за брекситот се одржуваат избори во Шпанија, чиј исход може да биде уште попресуден за иднината на Европската унија. Радикално левата партија Подемос според последните анкети е на второто место со 25,6 проценти поддршка. Тоа е особено значајно затоа што, за разлика од Грција, шпанската социјалистичка партија ПСОЕ не доживеа целосен колапс, туку падна на 20 проценти поддршка, со прелевање на следбениците кон Подемос. Така, Подемос и социјалистите би можеле да формираат заедничка лева коалициска влада со лидерот на Подемос, Пабло Иглесиас како премиер. За партијата создадена од уличните протести во 2011 година, ова би биле одлични резултати, а за Европа – патување во земјата на змејовите.
Одговорот на прашањето како дојдовме дотука донекаде е содржан во недостатоците вградени во самата структура на ЕУ. Во Британија левицата со право тврди дека „штедењето е политичка одлука“, но во еврозоната таа е предвидена со Лисабонскиот договор и правилата на Пактот за стабилност и раст – кои ги казнуваат земјите со дефицити поголеми од зацртаните.
Кога 2010 година во Шпанија пукна меурот на пазарот со недвижности, се покажа дека политичарите од целиот спектар биле потонати во корупција. Со невработеност од 20 проценти, пад на реалниот приход и млади принудени да ја напуштат земјата или да прифатат несигурни работни места, незадоволството најпосле експлодираше – прво на улиците. Организаторите на протестите во мај 2011 година го дадоа своето „хоризонталистичко“ решение за замена на корумпираната парламентарна демократија во локалните собранија и гласање засновано на консензус. Тие го критикуваа целиот систем, а не само неговите претставници, свесно избегнувајќи ја поделбата на леви и десни сили.
Гумените куршуми, прогонот на индигнадосите и новите мерки за штедење го турнаа движењето од 2011 година во политиката. Првиот обид – Партијата Х 2012 – заврши со неуспех и на изборите за Европскиот парламент во мај 2014 година, оваа партија освои само 0,64 проценти од гласовите. Вториот обид од 2014 година беше подобар: Подемос ги привлече младите, но и постарите интелектуалци, уметниците и локалните активисти кои веќе се откажаа од занимавањето со политиката. Подемос освои речиси 8 проценти на изборите за Европскиот парламент во мај 2014 година, а кон крајот на минатата година ја презема власта во трите големи градови: Мадрид, Барселона и Валенсија, формирајќи широки локални коалиции со активистите за човекови права и борба против корупцијата. Сега, по спојувањето со шпанската комунистичка партија, Подемос има добри шанси да биде втора политичка сила во Шпанија, што ќе ги принуди шпанските социјалисти да размислат за коалицијата со оваа нова, динамична и силна партија од левицата.
Изборниот крах на социјалдемократите, од Шкотска до Полска, е последица на нивната поддршка на економијата со слободен пазар, за која поверуваа дека ќе донесе економски раст и благосостојба за пошироките слоеви од населението. Во годините по 2008 година видовме дека тоа не е можно. Од Матео Ренци во Италија до Кезија Дагдејл во Шкотска, техно-центристите ширум Европа открија дека личниот шарм и модерниот пристап не можат да ги ублажат штетите на идеологијата која создава нееднаквост и стагнација. Парализата на левиот центар се покажа како најголем предизвик за радикалната левица.
На тој предизвик во Грција беше одговорено со претворање на левата партија во „природна партија на власт“, барем за интернет генерацијата која изгуби најмногу по 2008 година. Тука се јавува проблемот како да се зачуваат радикалните идеи додека сте вплеткани во мрежата на власта. „Во градовите кои ги контролира левицата“, ми рече пратеникот на Подемос, Пабло Бустиндуи, „најголемата фрустрација ја предизвикува времето кое е потребно навистина да се примени некоја одлука на градоначалникот“. Добредојде во реалниот свет, би му кажал со олеснување некој техно-центрист.
Подемос, како и Сириза, го замрзна своето барање за излегување на земјата од НАТО сојузот, така што како најголем проблем останува овластувањето на Брисел да започне казнена постапка против владата која ќе ги укине програмите за штедење и ќе го стимулира економскиот раст. „Нема да ја откривам нашата стратегија“, објаснува Бустиндуи, но јасно е дека основата на левата коалиција во Шпанија е острото спротивставување на европската политика за штедење. На прашањето зошто Шпанија би била подобра во тоа од Грција, Бустиндуи посочува на „системскиот ризик“. Тој смета дека Шпанија е преголема за кој било да се осуди да ја однесе во банкрот. Прашањето е дали неговите радикални идеи можат да ги преживеат преговорите за формирањето коалиција со левиот центар. Тука е и клучното прашање дали носителите на промените од левиот центар имаат доволно храброст за тоа.
Лидерот на ПСОЕ, Педро Санчез, ја има истата дилема како Ивет Купер пред феноменот Корбин. Социјализмот од левиот центар се уште е во фаза на тврдоглаво негирање, зошто не се соочи со сопствената неспособност и не даде сериозен одговор зошто отуѓи голем дел од своите гласачи, прогресивните интелектуалци и работничката класа. За шпанските социјалисти ќе биде искушение формирањето влада со десницата, во последниот обид да ја отфрлат реалноста. Ова би било лошо за европската левица, точка. Европските социјалдемократи треба да им порачаат на своите шпански колеги: формирајте коалиција против штедењето и редефинирајте го левиот центар околу нешто подобро од чекањето во ред за социјална помош или полициски пендрек.
Извор: http://www.theguardian.com/