Молчалива елита

18.05.2012 11:14
Молчалива елита

Протестното движење во Русија повторно ни приреди изненадување. Во новите сто или педесет илјади (кој како сака) присутни на протесниот митинг не веруваше ни власта, а ни опозицијата. Сите кои сметаа на тоа дека граѓаните на Москва ги посетуваат митинзите на опозицијата за само со извици да ги поздрават своите „миленичиња“ или само за да се забавуваат, и дека по три или четири излегувања на улица сето тоа ќе свене само од себе, се засрамија од своите прерани заклучоци. Владееше и мислењето дека ако на крајот им се случи да добијат и неколку удари со палка по главата и/или ако поминат некое време во полициско возило, а потоа и во еден од „кафезите за добредојде“ со кои се опремени сите полициски станици во Москва, сите тие попалени граѓани брзо ќе се скријат во своите куглани, мирно ќе продолжат да си го пијат своето пиво и да ја озборуваат нашата бахата власт. Меѓутоа, протестот не само што не овена туку се покажа дека степенот на напнатост и мотивираност на учесниците станал многу повисок од оној кој можеше да се очекува.

Победа на улицата

Мајскиот митинг го круниса со успех целиот петмесечен протестен маратон. Овој маратон сосем го попречи Путин ефектно да го заврши магионичарскиот трик со својот марионетски претседател и триумфално да се враќи на кремлинскиот престол. А пред само седум месеци се чинеше дека не постои сила која би можела да застане на патот на тој план. Се чинеше дека сите елементи на оваа претстава, сите тие либерални дрдорења за чувар на престолот, сета надмена умешност на авторот и режисерот на претставата, и сета таа непробојна цврстина на машинеријата на еднопартиското единство се идеално подготвени, што без никаков сомнеж повторното крунисување на диктаторската хрестоматија на дваесетгодишната благосостојба во ликот на Таткото на нацијата ќе биде беспрекорно изведено.

Но, глеј! Можеби беше претерано да се тврди дека Владимир Путин овојпат влезе во Кремљ како – како што велат Американците – „куц патор“. Но, тоа дека нашиот патор е тешко ранет, на сите им е јасно. Тој формално победи на изборите, но тоа во никој случај не го реши проблемот со легитимноста на неговото враќање. Возењето во две огромни црни лимузини низ апсолутно празните улици кои на 7 мај, за време на неговото прогласување за претседател, ги виде целиот свет, е вистинска епска визуелизација на овој непобитен факт. По цена утре да бидам отпуштен, го тврдам следново: така не може да изгледа инаугурацијата на еден легитимно избран претседател! Ни во демократска земја, ни во Северна Кореја или комунистичка Кина. Точно е дека во тие земји нема слобода, но затоа нивните режими во сите ситуации цврсто ги држат работите под целосна контрола.

А Путин ја презеде должноста наоѓајќи се во војна со престолнината. Мораше ноќта, пред изборите, да го преплави целиот град со војска, а една недела пред прогласувањето за претседател, да почне со вежби за чистење на улиците од случајни минувачи. И како исход од тоа доби три дена (6, 7 и 8 мај) растегната инаугурација претворена во нешто што во никој случај не наликуваше на демонстрација на легитимноста (т.е. јавно признавање на законитиот поредок од страна на населението), туку сето тоа наликуваше на нешто обратно. Личеше повеќе на празник на палките и парада на специјалците и полициските марици.

Уличните активности го нарушија замисленото сценарио на триумфалното враќање. Но, прашањето „Што понатаму?“ вознемирува и нервира значаен дел од општеството кое не спаѓа во приврзаниците на Путин. Како по правило, на тоа место започнуваат разговорите за недоволна организираност на водачите и членовите на опозицијата, за отсуството на лидери меѓу нив и недостаток на јасна програма за методично дејствување. А тоа е само делумно точно. И, што е најважно, во тие разговори е подметната една голема измама.

Пораз на елитата

Таа шуплива безнадежност и вонемирувачка неодреденост на кои се жалат многумина не потекнуваат од незрелоста на опозицијата. Ова чувство на неспокојство е резултат на молчењето на елитата. Таму на улицата, на плоштадот Абај1, среде булеварот Чистопрудниј, таму нема никаква пустош и шуплива безнадежност. Дури на местото каде што завршува уличниот протест, дури таму почнува зоната на празнина и пустош. Од таа точка па натаму настанува вакуумот.

Како овој општествен процес, кој последниве месеци се одвива пред нас, се објаснува во теоријата? Уличните протести го истакнуваат степенот на општествено незадоволство и укажуваат на неговата основа. Спорот меѓу власта и опозицијата станува дестабилизирачки фактор и тој судир ги истиснува сите останати прашања на периферијата од општествениот живот. Страстите се разгоруваат. Сево ова што го споменав веќе го имаме на нашата општествена сцена.

Во тој миг на сцената излегува дел од елитата, која понекогаш е блиска до системот, и почнува сè погласно да се залага за компромис меѓу оние што протестираат и оние кои ја бранат позицијата на власта. Обично токму тој дел од елитата ги предлага можните граници и го формулира алгоритамот на таквото спогодување, ја подготвува патната карта на „идните“ преговори. Користејќи се со својата сосем јасна позиција во спорот, таа (елитата) ја одвраќа власта од употреба на прекумерна сила. Таа ја присилува уличната опозиција појасно да ги формулира своите барања и своите категорични желби да ги прилагоди на начин да можат да се постават на некаков оперативен колосек. Таа истапува како иницијатор и модерадор на компромисот. Елитата е таа која на државната телевизија, чии врати за затворени за опозицијата, на јавноста ќе ѝ ги образложи сите елементи на предложената спогодба. Без неа (елитата), опозицијата нема никакви шанси да ги оствари своите барања на начин кој би бил прифатлив за општеството. Нејзе ѝ останува или крвав бунт, или протест во кој таа ќе се исцрпи до изнемоштеност.

Луѓето кои денес јадосано говорат за недостатоците на опозицијата и за отсуството на некаква нејзина позитивна програма, многу често се токму оние кои би требало да го најдат своето место во слободниот простор меѓу подигнатите барикади. Т.е. грубо кажано, тие би требало да ја поддржат опозицијата на оние места каде што нејзе пристапот ѝ е строго забранет. Но, руската елита засега седи во заветрина. Таа најчесто се крие зад приговорите упатени кон оние на улиците, а во најдобар случај полутајно доаѓа на протестите или тајно им нуди пари на нивните организатори.

Две битни причини го предизвикаа овој тежок опортунизам. Првата е општоприфатениот путиновски принцип „корупција во замена за лојалност“. Во истиот миг кога овој принцип стана основен модел на бирократското и деловното однесување, критериумот на негативна селекција целосно завладеа со елитата.

Втората причина е самиот Путин. Владимир Путин е, едноставно, инфициран со авторитарна доктрина според која да се стапи во дијалог со општеството, а со тоа и да се оди на некакви отстапки, е исто што и да им се прават отстапки на терористите. Тука за него нема никаква разлика. Тој смета дека јавното мислење е некаков своевиден облик на екстремизмот, дека тоа е општествена појава која опасно може да ја загрози власта.

Освен тоа, грубиот однос на Путин кон уличната опозиција во прв ред е демонстрација на сила упатена на адресата на елитата. Оваа порака треба да им ја покаже сета немоќ на демонстрантите, залудноста на нивните притисоци врз власта и бесмисленоста на дури и минималното одобрување на нивните барања од страна на елитата. Плашејќи ја и поткупувајќи ја елитата, и градејќи зона на пустош околу уличната опозиција, Путин се надева дека на тој начин постепено ќе ја маргинализира. И, да бидеме искрени, досега тоа му успеваше.

Сеништето на иднината

Меѓутоа, доволно беше да се посети само еден од последните митинзи и веднаш да се сфати дека тие сто илјади луѓе на улиците претставуваат сосем нова слика на политичката реалност која бара примена на нови стандарди и дека тие стандарди треба да се бараат во нов координативен систем на општи вредности. Кратко кажано, не станува збор овде за конкретни луѓе или за нивниот број туку за духот на времето. А да се убива духот на времето е исклучително скап потфат. Толкавите трошоци нема да успее да ги покрие ни нашиот познат стабилизациски фонд.

Истото тоа би морала да го сфати и елитата. Таа би морала да сфати дека на арената излегува ново политизирано поколение и дека таа политичност значително се разликува од оние далечни 1980-ти години. Очигледно е дека стоиме на влезот во политизирана епоха.

Она што најмногу ме изненади во протестниот камп кај споменикот Абај е тоа дека таму седат три групи демонстранти – група од левите, група од националистите и група од либералите. На некој начин, три подкампа во еден. И, како добри соседи, сите тие во мир ја извршуваат својата заедничка задача. Но, не заборавајте – тие таму се строго поделени. Да бев на местото на елитата, длабоко би се замислил над овој факт. Ако овој модел на поделба преовладее во московската елитна публика, тој уште утре лесно би можел да се прошири низ целата земја, а во тој случај она со кое би можеле да се судрат е до таа мера страшно што денешниот страв на елитата од Путин е зрно грашок. Затоа елитата уште денес мора сериозно да размисли за тоа како во политизираното општество да воведе нови, разумни правила на игра. Впрочем, тоа е и основната функција на елитата. Плус, тоа би била одлична можност од простиот центар за дистрибуција на буџетскиот плен елитата конечно да се претвори во реален субјект на политичкиот процес.

Слушнав дека Путин во својот инаугурациски говор рече дека во неколкуте наредни години ќе го одреди развојниот пат на Русија за десетина години однапред. Се разбира, тој го немаше предвид она што го мислам јас, но во неговиот говор има малку вистина. Со тоа што не станува збор за години, туку за месеци.

Извор: Новая Газета

[1] Импровизираниот протестен камп во центарот на Москва, во близина на споменикот на казахстанскиот писател Абај Кунанбаев, кој се наоѓа на булеварот Чистопрудниј, настана спонтано ноќта меѓу 6 и 7 мај. По протестната акција „Марш на милионите“ и по масовното претепување и апсење на активистите од оваа протестна акција, еден дел од учесниците успеа организирано да се „прошета“ од Големиот камен мост до булеварот Чистопрудниј и таму да се насели на одредено време. На 16 мај кампот, врз основа на решението на судот, а по „жалбата“ на околните станари, беше успешно разбиен со бројни полициски сили.

Putin kje go snema od

Putin kje go snema od politickata scena vo Rusija!! Toa shto se slucuva ovoj period vo Rusija podsekja na vremeto koga S.Miloshevic so metodi na zaplashuvanje i brutalno fizicko maltretiranje na opozicionerite vo Srbija, ja izgubi vlasta a i podocna site znaeme kako zavrsi. Istat sudbina go ceka i Putin. Toj e najbogatiot aramija o svetot (bogatstvo proceneto od 120 miliardi dol) a vo isto vreme i pretsedatel na drzava. Spored anketite sprovedeni neodamna, ruskiot narod povekje se plashi od sopstvenata policija odkolku od kriminalnite strukturi vo drzavata. A shef na taa ista policija e Putin.Putin e najgolemiot sram za Ruskata drzava!!Toj e legitimen pretsedatel samo za republikite od Kavkaskiot region, kade shto toj dobi 98% na podrshka. I poradi toa, za rusite toj e samo pretsedatel na Cecenija a ne na Rusija!Taa plashliva gnida go potceni svojot narod!Najinteresnoto doprva sleduva!!!Pozdrav do "prozorec"

ОкоБоли главаВицФото