Разорувач на историските митови

18.05.2012 13:45
Разорувач на историските митови

Мојата теза не е дека мораме, кажувајќи ја историјата, да обвинуваме, да судиме, да го осудуваме Колумбо in absentia. Предоцна е за тоа; академската лекција за моралноста е бескорисна. Меѓутоа, лесното прифаќање на колежот како жалосна, но нужна цена која треба да се плати за напредокот (Хирошима и Виетнам за да се спаси западната цивилизација, Кронштад и Унгарија за да се спаси социјализмот; трупањето нуклеарно оружје за да се спасиме сите ние) – тоа и понатаму е со нас. Една од причините зошто тие колежи и понатаму се со нас е дека научивме да се закопаме во купот други факти, како што е радиоактивниот отпад закопан на разни места низ светот. Научивме да им придаваме исто онолку внимание колку што им придаваат предавачите и писателите на најценетите катедри и во прирачниците. Тоа научено чувство на морална пропорција, кое доаѓа од наводната објективност на научникот, полесно се прифаќа отколку кога доаѓа од политичар на прес конференција. Затоа е и посмртоносно“, се зборовите со кои покојниот Хауард Зин (Howard Zinn), американски историчар и активист, ја објасни причината за настанувањето на неговото капитално дело „Народна историја на САД“.

За разлика од историската вистина – која не се преиспитува – која им се предава на децата во училиштата и која е раскажана од гледна точка на владите, освојувачите, дипломатите или водачите, демократскиот социјалист (како што Зин се нарекуваше себеси) реши американската историја од 1492 г. па сè до доаѓањето на Џорџ В. Буш на власт да ја прикаже од позиција на вечно угнетуваните – Индијанците, Афроамериканците, доселениците, жените, децата, работниците и анархистите. Покрај занемарениот историографски наратив Зин во „Народна историја на САД“ често користи архивска граѓа и на читателите им пружа веродостојни исповеди на учесниците во настаните од некои минати времиња.

Освен што ги разбива митовите за идеалите запишани во Декларацијата за независност, која ја нарекува документ ограничен на животот, слободата и среќата на белите мажи, Зин зборува и за историската улога на американските медиуми од главната струја. Со пренесување текстови од њујоршки Herald, историчарот ни открива како најчитаниот печат уште од раната американска историја едногласно ги поддржувал државните надворешно-политички потфати. На удар на неговата критиката се најдоа и славните имиња од американската историја, чии личности во учебниците за историја се величаат без преиспитување на етичноста на нивните постапки. Покрај Колумбо, кој го започнал колежот на Индијанците, Зин ја преиспитува вистинската улога на Џон Лок, кој го смета за еден од најзаслужните за создавањето на неправедниот феудален систем, потоа Томас Џеферсон, кој во јавноста изразувал гнасење над робовладетелскиот систем, додека истовремено во приватниот живот и самиот поседувал стотици робови, и Теодор Рузвелт, кој бил „претерано восхитен од војната како идеална состојба на човечкото општество, поради мажествената издржливост која ја опфаќа, а кој кон мирот се однесувал како кон состојба на плачлива и надуена нискост, достојна само за слабаците кои престојуваат во тмурниот самрак и не се грижат за вишиот живот“.

Затоа Зин реши „Народна историја на САД“ да им ја посвети на вистинските борци за поправедно општество. „Читајќи ја стандардната историја, можно е да се заборави на половина од населението во земјава. Истражувачите биле мажи, земјопоседниците и велетрговците биле мажи, воените фигури биле мажи. Самата невидливост на жените, нивното превидување, е знак за нивниот беден статус.“ Покрај историјата на движењето за правата на жените, која не е нужно сведена на борбата за право на глас, Зин големо внимание ѝ посветува на борбата за работнички права. Па така, во фокусот се наоѓа борбата за осумчасовен работен ден, силното американско социјалистичко движење и дејствувањето на IWW (Индустриските работници од светот). Неговите наоди од тоа време верно прикажуваат како по векови борба малку нешта се промениле до ден-денес. За тоа најдобро сведочат цитатите од работничките прогласи: „Волстрит ја поседува земјата. Тоа повеќе не е влада на народот, од народот и за народот, туку влада на Волстрит, од Волстрит и за Волстрит... Нашите закони се дело на системот кој крадците ги облекува во свечена одора, а чесните во партали“.

Покрај тоа што „славните војни“ ги карактеризира како бегство од вжештувањето на класните судири во САД и како изговор за излегување на странскиот пазар за продажба на вишокот домашни производи, Зин го разоктрива и митот за фамозниот американски сон. „Додека некои мултимилионери започнаа во сиромаштија, повеќето од нив не го започнаа својот пат на тој начин. Истражувањето за потеклото на тристотини и тројца раководни луѓе во текстилните, железничките компании и челичарниците во текот на 1870-те години покажа дека поголемиот дел од нив доаѓаат од семејства кои им припаѓале на средната и високата класа. Приказната на Хоратиј Алгер за ’богаташите во партали’ беше вистинита во случајот на само неколкумина, а тоа главно беше мит, и тоа корисен мит кој служеше за контрола... И затоа училиштата, црквите, популарната литература учеа дека да се биде богат е знак на супериорност, дека да се биде сиромашен е знак за личен неуспех а единствениот пат за нагоре е сиромавиот да се воздигне во редовите на богатите со исклучителен напор и среќа“, објаснува Зин.

Како и во САД, така и учебниците по историја од овие простори се покажаа како средство за манипулација на елитите кои со помош на политиката и културата ги мамат обичните луѓе во мрежата на државотворноста, преправајќи се дека станува збор за заеднички интерес. Затоа, кога веќе секоја нација нема свој Зин, „Народна историја на САД“ остана како најдобар пример за литература која укажува на нелогичноста во официјалните верзии на националните истории. А за да не остане сè на уривањето на државотворните бајки, на своите читатели Зин на крајот им остава место за размислување со стиховите на поетот Перси Биш Шели:

Дигнете се како лавови што по сонот стануваат

Во непобедлив број!

Стресете ги своите окови, како роса, врз тлото

Која додека спиевте на вас падна –

Вие сте многу, а тие се малку!

Извор: h-alter.org

Слики: Thomas Allen

ОкоБоли главаВицФото