Доба на незнаење

26.03.2012 09:36
Доба на незнаење

Општото незнаење кое се граничи со идиотизмот е нашата нова национална цел. Нема смисла да се преправате дека не е така и да ни зборувате, како што пред неколку дена тоа го направи Томас Фридман во New York Times, дека образованите луѓе се нашиот највреден национален ресурс. Секако дека се, но дали сè уште ни се потребни? Мене ми се чини дека не. Идеалниот граѓанин на политички корумпираната држава, како што е нашата држава сега, навистина е лековерен тупаџија кој не прави разлика помеѓу вистината и тропањето глупости.

Образованотo, добро запознаено население, какво што е неопходно за функционална демократска држава, тешко наседнува на лаги, и разните интересни групи кои дивеат по оваа земја не можат да го влечат за нос. Поголемиот број наши политичари и нивните советници би останале без работа, како и дрдорковците кои глумат аналитичари. За нивна среќа, шансите во догледна иднина да се случи нешто толку катастрофално, но сосема заслужено, практично се никакви. За почеток, од неписмените може да се заработи многу повеќе отколку од посветените, а лажењетo на Американците е една од нашите малобројни успешни индустриски гранки. Вистински образовано население би било лошо, и за политичарите и за работата.

За да станеме вака неписмени беа потребни години на рамнодушност и глупост. Секој кој, како мене, предавал на факултет во последниве четириесет години, може да ви каже како секоја година матурираните средношколци сè помалку знаат. На почетокот ова беше шокантно, но ниеден професор повеќе не е изненаден кога ќе сфати дека пријатните и ревносни млади луѓе не се способни да го разберат поголем дел од неговото предавање. Да предаваш американска книжевност, тоа што јас го работев, во последниве години беше сè потешко и потешко, поради тоа што студентите малку читаат пред факултет и често не ги знаат ни најосновните историски податоци за периодите кога одредени романи или песни се напишани, вклучувајќи го и тоа со какви важни идеи и прашања се занимавале луѓето од тоа време.

Дури и регионалната историја е запоставена. Студентите од млинарските градови на Нова Англија, како што сфатив, никогаш не слушнале за прочуените штрајкови во нивниот крај, каде ладнокрвно беа убивани работници, а злосторниците остануваа неказнети. Не ме изненадуваше тоа што нивните школи заборавиле на таа тема, но бев запрепастен од тоа што нивните родители, баби и дедовци или некој друг со кој доаѓале во контакт во детството, никогаш не им ги споменал овие примери на страшна неправда. Или семејствата никогаш не зборувале за минатото или децата не обрнувале внимание. Како и да е, се поставува прашањето како да се надомести ова огромно незнаење, со кои претходните генерации на студенти немаа проблем.

Ако ова незнаење е резултат на долгогодишното затупување на децата со школски планови и програми, и фактот што семејствата не разговараат за минатото со своите деца, тогаш имаме работа со прилично опасен облик на незнаење. Станува збор за повеќегодишна идеолошка и политичка поларизација, и свесен труд на најфантастични и најнетолерантни страни во тој судир да се произведат што повеќе неписмени со лаги од многу аспекти на нашата историја, па дури и нашето недамнешно минато. Се сеќавам дека пред неколку години бев запрепастен кога прочитав дека поголемиот дел од Американците мислат оти Садам Хусеин е одговорен за терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2011. Тоа ми личи на пропаганден трик на најлошиот авторитарен режим од минатото – од кои многумина мораа да прибегнат во работни логори и стрелачки водови, за својот народ да го натераат да верува во некоја невистина, и тоа без ваков успех.

Нема сомнеж дека интернетот и кабелската телевзија им овозможија на разни политички и корпоративни интересни групи да шират дезинформации во досега невиден обем, но за да се поверува во нив потребно е необразовано население, навикнато да го прима здраво за готово она што му се пласира. Каде на друго место на земјинава топка еден претседател, кој со пари од даночните обрвзници ги спасуваше банките од банкрот, дозволувајќи сите ние да изгубиме 12 трилиони долари во инвестиции, пензии и недвижнини – може да го наречат социјалист?

Порано важеше правилото дека доколку некој не знае ништо и зборува глупости, сите го игнорираат. Сега на таквите луѓе им се додворуваат конзервативни политичари и иделози, ласкајќи им дека тие се оние „вистински Американци“ кои ја бранат својата земја од големиот државен апарат и образованата либерална елита. Новинарите ги интервјуираат и сериозно ги пренесуваат нивните ставови, не укажувајќи на имбецилноста на нивното убедување. Преварантите кои манипулираат со овие луѓе, штитејќи можни финансиски интереси, знаат дека можат да ги убедат во било што, затоа што на неуките и затуцаните лагата сегоаш им звучи поуверлива од вистината:

Христијаните во оваа земја се прогонувани.

Државата сака да ви го одземе оружјето.

Обама е муслиман.

Глобалното затоплување е лага.

Школите имаат левичарски програми.

Социјалното осигурување е незаслужено право, како и социјалната помош.

Обама мрази белци.

Животот на Земјата настанал пред 10.000 години, како и вселената.

Програмата за социјална заштита потикнува сиромаштија.

Државата од вас зема пари и им ги дава на студентки опседнати со секс за контрацептивни средства.

Лесно можат да се наведат други бројни примери на општоприфатени заблуди во кои веруваат Американците. Нив во промет ги одржуваат стотина десничарски политички и верски медиуми, чија функција е да прозиведува алтернативна стварност за своите гледачи и слушатели.

„Глупоста понекогаш е најсилната историска сила“, рече еднаш Сидни Хук. Тоа е неспорно. Во ова земја сега е на дело побуната на тапите глави против интелигенцијата. Поради тоа некои луѓе ги сакаат политичарите кои бладаат за тоа дека наставниците ги индоктринираат децата против вредностите на нивните родители, а ги презираат оние кои покажуваат способност сериозно и самостојно да размислат. Наспроти силното удирање во гради, секогаш може да се смета на тоа дека овие будали ќе гласаат во корист на својата штета. И затоа, по мое мислење, милиони долари се трошат само на тоа да мојата земја остане неписмена.

Извор: NYRBlog

Илустрации: Дејв Планкерт